fbpx

Екстерно тестирање = енормни трошоци + екстремни проблеми

Еве вака, горе-долу, можам да ја доловам сликата на еден мајски ден на екстерно полагање во моето училиште, вели Бојана Трифуновска, ученичка од 4-та година во гимназија во Скопје.

Бојана заедно со уште 18.600 ученици, матуранти од средното образование во Македонија, екстерно ќе полага на крајот од месецов. Вели иако ова ќе ѝ биде 4-то полагање по ред, годинава ѝ е најстресна затоа што ја чека и полагањето матура.

„Проблемите околу целата процедура на тестирањето низ годиниве можам да кажам дека се горе-долу истите, тоа што мене лично ме фрустрира е што мојот впечаток е дека како генерации бевме експериментални глувчиња, нема прашања на интернет, па има, има единици во свидетелство, па нема, влијае на просек или не... сите реформи на нас си ги пробаа“, вели Бојана.

Екстерното тестирање со кое се опфатени учениците од основните и средните училишта и годинава предизвикуваат бурни реакции, дебати во јавноста и главоболки кај учениците, професорите и родителите. Екстерното проверување како пилот-проект првпат се спроведе на одреден примерок во учебната 2010/2011, а во 2011/2012 почна целосна примена врз сите ученици од основното и средното образование. Уште од почетокот на неговото воведување според реакциите од јавноста екстерното претставува една од најконтроверзните реформи во образованието. И пет години потоа ова тестирање се соочува со сериозни предизвици.

Мислењата на оваа тема се поделени. На едната страна помеѓу најмногубројните оспорувачи се професорите, наставниците, учениците и родителите, кои остро ја осудуваат реформата и бараат суштински промени или укинување. На друга страна, пак, се Владата и Министерството за образование, кои и покрај сите „јавни бунтови“, истражувања, дебати и протести, не се откажуваат од својата замисла за реформата.

„Целта на екстерното тестирање што се применува во Република Македонија е проверка на објективноста на оценувањето на наставниците и проверка на степенот на постигнувањата на учениците и е меѓународно позната и признаена мерка, а го практикуваат 30 европски образовни системи и 24 земји од ОЕЦД“, велат од МОН.

Според државните институции што ја креираат образовната политика, со воведувањето на екстерното оценување се очекува „да се намалат притисоците што ги трпат наставниците за да не се ставаат повисоки незаслужени оценки, како и да се подобри квалитетот на образованието.

Сите имаат проблем со екстерното, освен МОН

И покрај многуте забелешки, од МОН секоја година даваат соопштение за успешно спроведено екстерно тестирање. На последното тестирање лани министерот Пиштар Љутфиу изјави дека „екстерното тестирање е пример за регионот, и нема да прекине и покрај шпекулациите“. Цврсто зад проектот стои и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот став е дека екстерното е суштински значителна промена, која го подобрува образованието.

„Силно веруваме дека тоа значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на основното и средното образование, како и за објективно и реално отсликување и оценување на знаењето што го стекнале учениците во основните и средните училишта“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти ова се мислењата на илјадници ученици, професори, наставници родители, невладини организации. Тие тврдат дека екстерното тестирање не ја оправдало својата причина за воведување, ниту пак има цел.

Според резултатите од истражувањето на Центарот за управување со промени, огромно мнозинство во популацијата на ученици и наставници, односно преку 85% од испитаниците се незадоволни од воведувањето на екстерното тестирање, 76% од наставниците и 84% од учениците сметаат дека не треба да се продолжи со концептот на екстерно тестирање.

Според професорката Виолета Ставревска од Битола, веќе е јасно дека екстерното тестирање ја изгубило својата смисла, затоа што, вели таа, се претвори во алатка што санкционира и предизвикува стрес за учениците и за наставниците.

„Оваа реформа деградира и дефокусира од она што наставникот навистина е. Наставникот не е само оценувач, туку е педагог, дидактичар, методичар, пријател, втор родител. Ученикот сега се учи на снаоѓање, на меморизирање факти што не подразбираат дека знае и го ставаат во ситуација во која не е мотивиран да биде витален дел од процесот на наставата. Така, ако целта на оваа реформа била подобрувања на образовниот процес, мене не ми е јасно како образованието ќе се подобри со мемориско учење на прашања, со креирање средни оценки од страна на професорите или други антиобразовни мерки како поткажување и дозволување на препишувања затоа што сите се преплашени и наставници и ученици. Тука нема ништо продуктивно“, изјави Ставревска.

Добрите реформи не ги пишуваат политичари зад затворени врати!

Користењето, единствено, на резултатите од екстерното оценување на учениците е недоволно и нецелосно за постигнување на поставената цел - објективно и реално оценување. Имено, според добиените резултати од истражувањето на ЦУП, три четвртини од учениците, односно дури 80% кај наставниците, сметаат дека екстерното оценување нема никакво влијание врз објективноста во оценувањето на наставникот.

Дона Костуранова, директорка на Младинскиот образовен форум, вели дека од почетокот на спроведувањето на екстерното тестирање алармирале на неколку проблеми. Главниот, вели таа, е отсуството на сеопфатна анализа која ќе покаже зошто екстерното тестирање, како една од најголемите реформи во последната деценија, треба да биде дел од образовниот процес.

„Добри реформи не се реформи што ги пишуваат политичари зад затворени врати. За една таква промена во образовниот систем потребно е да се направи сеопфатна анализа, истражувања и дебати, да биде пилот-проект, па после да се примени како реформа и во законот. И пет години потоа, државните институции, кои се дел од овој процес, не направиле ниту една анализа од која ќе видиме што се случува, кои се слаби, а кои јаки страни, што да се направи понатаму и со кој интензитет. Анализата е неопходна и ја потенцираме, затоа што без неа не може да се спроведе добра политика. Мора да ги видиме и ефектите што денес ги има екстерното тестирање“, изјави Костуранова.

Таа објасни дека Младинскиот образовен форум собрале над 25 илјади потписи за екстерното да биде пилот-проект и заедно со анализа од педесетина страници документот го предале во МОН. Овие за само 30 минути одговориле негативно.

„Влеговме директно во примена, што е сосема погрешно и со последици врз учениците. Поради ова се случија Наставнички, Студентски и Средношколски пленум, учениците формираа движење преку кое сакаа да кажат дека нешто мора да се промени, но никој не ги слушна. Екстерното можеше и уште може да биде многу корисна алатка и политика што ќе помогне во образованието, ама не е“, соопштија од МОФ.

Од таму потенцираа дека Наставничкиот пленум, невладините организации и движењата во овие 5 години имаат продуцирано повеќе анализи и истражувања од МОН, а уште пострашно е што Министерството не ги зема предвид овие документи.

Според Сафет Незири, пак, државен советник во МОН, до овој момент ниту една невладина организација нема конкретен предлог како да се најде решение, туку барањето им е да се укине екстерното тестирање. Тој вели дека треба да се даде конкретна понуда, која ќе биде профитабилна, која ќе го крене нивото на образованието знаејќи дека состојбата на образованието на целиот Балкан е лоша.

„МОН не им се непријатели на образованието, на наставниците и учениците. Напротив, ние сме партнери. Правиме измени на законите, сакаме да го подобриме законското решение за реформа во екстерното. Имаме наставници што про-форма ги имаме во настава. И тоа добива голем замав“, вели Незири.

Екстерната оценка е инцидентна

„Формирањето на крајната оценка зависи од постигнувањата на ученикот според критериуми што може да се согледаат само преку континуиран процес и да се вреднува според истите. На крајот, екстерната оценка претставува „инцидент“, односно таа во многу случаи може да биде под влијание на повеќе фактори што се надвор од контрола на наставниците, па оттука наставниците не би требало да се оценуваат врз основа на таквите резултати врз кои немаат влијание“, вели Љубица Трпчевска, психолог во основно училиште во Скопје.

Според Трпчевска, проблематичната валидност на екстерните оценки би можеле да дадат искривена слика доколку се користат како единствен индикатор за објективноста во оценувањето. Таа во училиштето во кое работи е и претседател на споведувањето задолжена за организирање и обезбедување услови за спроведување на екстерното тестирање во училиштето, па вели еден од поголемите проблеми со кој се соочуваат училиштата е и немање на компјутери, па училиштата си ги позајмуваат едно со друго.

За валидноста на екстерните оценки е и дел од истражувањето на ЦУП. Резултатите покажале дека огромно мнозинство од испитаниците кај учениците и наставниците (77-90%) сметаат дека оценката на наставникот подобро го покажува постигнатото знаење кај учениците споредено со оценката од екстерното тестирање. Исто така, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека прашањата од екстерното тестирање не се приспособени со наставниот материјал, што е и најчесто наведената причина за отстапувањето помеѓу оценката на наставникот и екстерната оценка. Сепак, останува нејасна неспоивоста на прашањата од екстерното тестирање со наставниот материјал со оглед на фактот дека Бирото за развој на образованието има развиено стандарди за оценување одделно за сите програмски подрачја.

Според професорката Николина Попоска од битолската гимназија, екстерните оценки имаат недостиг од валидност бидејќи вреднуваат среќа или меморирање на податоци наспроти знаење, разбирање, примена, анализа, синтеза, вреднување и творештво, како што наложуваат и критериумите на бирото и Блумовата таксономија.

„Имавме случај кога на професорка ѝ пратија погрешни прашања од друг предмет, ни се случи децата да го провалат тестот, пријавивме во МОН, но никој ништо не одговори и сѐ се заташка. Прашања со стискање на тастатура не е ни механичко учење, неколку среќни, а слаби со знаење ученици да ти се погодат и ќе ти страда кариерата“, вели Попоска.

Професорите се жалат дека екстерниот тест е составен од 30 прашања и е само на ниво на помнење, што значи е доволен само за преодна оценка.

„Мојата најголема забелешка е што надлежните не ги слушаат нашите забелешки, се провлекуваат послабите ученици. Ако порано ученик за двојка требаше да научи неколку автори, денеска со стискање на прашањата на среќа, таков ученик поминува и голема е веројатноста да добие двојка, па и повеќе“, изјави професорката Поповска.

Добиените резултати од истражувањето упатуваат на заклучокот дека околу половина од учениците сметаат дека екстерното тестирање е под влијание на фактори кои ја намалуваат објективноста на екстерната оценка (како на пример, стресот што го доживуваат учениците и нивната способност да се справат со предизвиците на денот на самото екстерно тестирање, препишување, поткажување, нееднакви услови за спроведување на тестот). Отстранувањето на овие фактори, односно намалувањето на нивното влијание е од клучна важност за кредибилно тестирање во иднина.

Со екстерно добивме сѐ, ама објективност не!

„Објавувањето на прашањата пред екстерното е можност и ученик со ниска оценка да ги научи и да добие висока. Со ова добиваат послабите ученици, кои се провлекуваат. Одличните ученици на тие квиз-прашања лесно можат да ја загубат својата оценка под влијание на различни фактори, иако биле активни цела година“, изјави Мимоза Штерjова, мајка на средношколка и наставничка од основно училиште од Прилеп.

Таа вели дека ја почувствувала реформата со екстерното и како родител и како наставник, па според неа екстерното оценување воопшто не е објективно, го расипува успехот на најдобрите и ги трауматизира и наставниците и учениците. Таа вели дека оваа реформа е нефункционална и прави штета врз образованието.

„Екстерното тестирање е неправедно. На пример, некој што учел цела година и се трудел, а ќе му се падне на пример математика, предмет што можеби помалку му оди, и за него треба да учи 600 прашања, и ако добие помала оценка тоа му го намалува просекот. Доколку слаб ученик добие лесен предмет за кој има помалку прашања и извади добра оценка, тоа ќе му го крене просекот. Учениците се обесправени и непотребно под стрес“, вели изреволтиран родител.

Според средношколката Бојана, пак, несфатливо е како екстерното го подобрува знаењето кога тестирањето не се прави за подобрување на знаењето, туку само за оценка. „Тоа знаење е минливо и не придавам многу значење на него. Сепак лошо е тоа што оценката може да ти е пресудна за поени за понатамошно студирање. Според мене, треба да се укине. Екстерното не те дефинира, но успехот ти зависи од таа оценка“, смета таа.

„Како наставник во основно образование, сметам дека екстерното тестирање треба да биде укинато, ваквата измена не го крева квалитетот на тестирањето во ниту еден сегмент и многу е контрадикторна. Од една страна велат дека не влијае на просекот на учениците, но сепак ќе влијае при уписите. Наставничката фела, психолозите во училиштата, родителите, воопшто не се консултирани како најзасегнати страни што најдобро можат да ги детектираат аномалиите со цел да се унапреди овој процес“, вели Маја Иванова, наставничка од Скопје и членка на Наставничкиот пленум.

Таа додава дека и самите ученици воопшто не го признаваат екстерното оценување како релевантно, а со последнава измена само се воведе дискриминација помеѓу наставниците и учениците што полагале пред донесувањето на измените. Има ученици на кои ќе им останат единиците впишани во свидетелствата од претходните години пред измените во законот.

Марија Хаџи Стојанова

Фото: Роберт Атанасовски

(продолжува)

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

Тагови: