fbpx

Извршител една година одзема семејна пензија на две сирачиња

Два малолетни сирака, брат и сестра од Србија, чија тетка од Скопје добила старателство врз нив откако им починале родителите, една година се без денар од семејната пензија која Пензинскиот фонд на Србија им ја исплаќа секој месец. Семејната пензија од 225 евра за двете деца, комплетно им ја одзема извршител, бидејќи стигнува на сметката на нивната тетка-старател, која од ланските поплави навака, поради катастрофата што ѝ се случила во домот, не е во можност редовно да ги плаќа ратите од кредит.

collageombudsman 680x612Народниот правобранител Иџет Мемети отворил предмет за случајот во кој семејната пензија од 225 евра за двете деца комплетно им ја одзема извршител, бидејќи стигнува на сметката на нивната тетка-старател, која од ланските поплави навака, поради катастрофата што ѝ се случила во домот, не е во можност редовно да ги плаќа ратите од кредит (Фото: Документи од случајот на Омбудсманот)

Старателката, која не го негира долгот и која со мерката за самовработување отворила занаетчиски дуќан за да шие и да се раздолжи со банката, ја прашува државата дали е во ред извршител да запира семејна пензија на сираци-малолетници и да ги остави, како што вели, без леб? Да им ја зема целата пензија на овие деца и да не им остави барем 1.000 денари да купуваат леб?

Idzet Memeti 56 300x188
„Проблемот е што во овој случај најгрубо е скршен законот и треба некој да сноси одговорност. Извршителот може да симнува средства само од сметката на должникот на која има прилив од негови извори. Во случајов, кога пензијата е на двете малолетни деца, не смее да пипне никој од тие пари“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

Случајот таа го пријавила кај Народниот правобранител Иџет Мемети, кој отворил предмет.

Старателката поднела и барање до Основниот суд Скопје 2, да ја преиспита одлуката на извршителот Гордан Станковиќ. Но, и Судот ја разочарал. На 26 октомври старателката добила известување од Граѓанскиот суд со кое ја враќа назад, онаму кај што веќе реагирала. Упатена е да се обрати пред Комората на извршители на Македонија и во Министерството за правда.

Народниот правобранител вели дека не е спорно оти жената должи кредит од 3.000 евра и оти таа не го негира тоа.

„Проблемот е што во овој случај најгрубо е скршен законот и треба за овој случај некој да сноси одговорност. Извршителот може да симнува средства само од сметката на должникот на која има прилив од негови извори. И кога пензијата би била на старателката, не смее извршителот да симнува од неа повеќе од една третина од месечниот прилив. А во случајов, кога пензијата е на двете малолетни деца, не смее да пипне никој од тие пари“, вели Народниот правобранител.

Кога ѝ стигнал првиот налог од извршител, вели Мемети, жената отишла во банката и се спогодила да плаќа на рати. Но, за време на катастрофалната поплава, нејзиниот дом кој се наоѓа во најкризното подрачје во населбата Ченто, настрадал комплетно. Оттогаш, таа и сопругот, кој е примател на инвалидска пензија и со кого имаат две свои деца, значи вкупно четири ученици за хранење, не се финансиски моќни да ги плаќаат редовно ратите од долгот.

„Бидејќи госпоѓата немала пари, извршителот ѝ ја блокирал трансакциската сметка во банката, на која единствен прилив на пари се средствата за семејна пензија кои секој месец доаѓаат од Србија. Извршителот ѝ ги запира до евро, односно до денар. Старателката оди неколку пати кај извршителот и му кажува дека тие средства се на двете дечиња кои останале без родители, но овој ѝ вели дека не го интересира од кај се. Во мај доаѓа кај нас и поднесува претставка“, вели Народниот правобранител.

Омбудсманот веднаш се јавил во канцеларијата на извршителот Гордан Станковиќ.

„Ни беше кажано дека тој не знае од каде ѝ се средствата на должничката кои легнуваат на нејзината трансакциска сметка“, вели Мемети.

По ова, старателката кај Омбудсманот ја донела целата домументација, меѓу која и потврда од банката дека девизните средства кои доаѓаат како прилив на нејзината сметка се средства од семејна пензија. Но, извршителот дури и потврдата на банката не ја прифатил, не ја одблокирал сметката и продолжил да ја запира и одзема семејната пензија на децата, до денеска.

„Жалете се до Основниот суд Скопје 2“, ѝ препорачал извршителот на должничката.

По ова, жената до Комората на извршители на Македонија поднела барање за дисциплинска одговорност против извршителот Гордан Станковиќ, зашто ги оставил децата на починатата сестра без приходи. Комората одлучила дека нема основ таа да одлучува за средства од семејна пензија на малолетници без родители и странката ја упатила да се жали до Управниот суд. Но, старателката нема пари да го тужи извршителот, не е финансиски моќна, вели Народниот правобранител.

„Ова е свиреп начин, за профит и процент што треба да го земе извршителот, да се остават деца да страдаат. Една година ѝ е блокирана сметката на старателката, една година празни секој месец без да им остави денар на недолжните деца. Каде е тука почитта на достоинството на децата?“, прашува Народниот правобранител и додава дека не може извршителот да не знае од кај ѝ се парите на сметката, а да знаат Управата за јавни приходи и банката.

Image 4 680x470Од укажувањето на Народниот правобраните Иџет Мемети до извршителот Гордан Станковиќ (Фото: Документи од случајот на Омбудсманот)

„Јас не сакам да зборувам со име и презиме, зашто внуците ми се во пубертет и не сакам да им ги повредам чувствата. Како врзуваме со сопругот крај со крај, како издржуваме 4 ученика, ние си знаеме. Но ова што им го направи извршителот Станковиќ на недолжните деца, е бескрајно нехумано. Тој не сакаше ни да ме сослуша. Јас му однесов и Решение за семејна пензија од ПИОМ на Србија, како доказ дека тие 225 евра не се мои, туку на децата, кои се српски државјани. Тие се малолетни и не може да имаат своја трансакциска сметка“, вели очајната жена.

„Иако е со српско потекло, кога му го покажав Решението од Фондот за пензиско осигурување на Србија, на српски јазик, извршителот ми рече: Јас ова ништо не разбирам и ми го фрли назад. Бараше да му го преведам од српски на македонски јазик. Му давам оригинално решение за семејна пензија, ми бара потврда за семејна пензија. Немам средства во моментов да одам во Белград. Е знам ни кај да одам, а и кој ми гарантира дека веднаш ќе ми дадат таква потврда. Бара од мене невозможни работи за им ја одзема пензијата на внуциве секој месец, за кое, се разбира, извршителот зема процент за услугата на банката“, раскажува старателката.

Народниот правобранител вели дека ќе се обиде преку нашиот центар за социјални работи, со помош на српскиот, да ја безбеди таа потврда од Белград дека 225-те евра кои стигнуваат секој месец на сметката на старателката не се нејзини, туку се на внуците од покојната сестра, за кои таа во 2013 година кога починале, како единствен близок роднина, добила старателство врз нив.

Image 1 680x355Жената до Комората на извршители на Македонија поднела барање за дисциплинска одговорност против извршителот Гордан Станковиќ, зашто ги оставил децата на починатата сестра без приходи. Комората одлучила дека нема основ таа да одлучува за средства од семејна пензија на малолетници без родители и странката ја упатила да се жали до Управниот суд (Фото: Документ од случајот на Омбудсманот)

Ланската поплава речиси им го уништила домот во Ченто. Старателката на двајцата сираци од Србија вели дека се уште куќата не ѝ е санирана.

„Попусто одевме и пријавувавме со сопругот. Ниедна комисија не дојде да направи увид во големата материјална штета. Барем за молерисување да ни дадеа пари. Државата денар не ни даде. Сега ни одговорија: Случајот за барање отштета ви е застарен“, вели старателката со блокирана сметка.

Таа има шивачки занает, со самовработување ќе отвора кројачница.

„Парите ни се многу потребни во моментов, бидејќи и двете наши ќерки и нивните бартучеди, мои штитеници, сме на инвалидската пензија од сопругот. Куќата уште не е санирана од поплавата, но не е само таа за одржување. Повремено одам да ја одржувам колку-толку и семејната куќа на покојните ми сестра и зет, зашто внукот и внуката што се кај мене можеби ќе сакаат кога ќе станат полнолетни да си се вратат дома. Јас како нивен старател, не смеам да дозволам нивниот дом да пропадне, бидејќи немам пари да им изградам нова“, вели старателката.

Основниот суд Скопје 2 го прифатил нејзиниот поднесок да ја разгледа извршната одлука за блокирање на нејзината сметка. Но, на 26 октомври стасало известување со кое проблемот Граѓанскиот суд го трга од себе и ја упатува старателката за проблемот да се обрати во Комората на извршители и во Министерството за правда, каде што се има веќе обратено и од кајшто веќе ја упатиле да се обрати во Основниот суд Скопје 2.

„Ова е грабеж, пљачкање на граѓани, на недолжни деца. Јас и не знам уште колку должам, никогаш извршителот не ме извести за овие година дена, откако ми е блокирана сметката, колку средства од кредитот сум вратила“, вели очајната жена која нема намера пак да се обраќа до Комората и до Министерството за правда, од каде веќе ја испратиле до Основниот суд Скопје 2.

Текстот е преземен од www.sdk.mk

С. К. ДЕЛЕВСКА

Тагови: