fbpx

Државата не им издава лична карта на бездомници, а ги казнува ако немаат

Осумнаесетгодишна девојка од Скопје која живее како бездомник, годинава не успеала да извади лична карта, и покрај тоа што е државјанин на Република Македонија и има извод од матичната книга на родени. Случајот го пријавила во канцеларијата на Народниот правобранител, која отворила предмет и се обидува да го реши овој проблем на сите оние кои поради различни приичини останале без адреса на живеење, а потоа не можат да ги извадат потребните документи и да ги остварат своите права.

romi pokraj vardar 680x382Одредбата од член 2 од Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште се спротивни на член 35 од Уставот;- импровизираата ромска населба крај Вардар во центарот на Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

„Со самото тоа што оваа граѓанка наполнила 18 години, таа е должна да извади лична карта, бидејќи ова е преклузивна норматива и секој што нема лична карта се казнува со парична казна. Таа се пожали кај нас, бидејќи не може да извади лична карта оти не може да докаже каде живее. Во службата за управни работи при Министерството за внатрешни работи ѝ побарале доказ, заверен на нотар за местото на живеење, што таа не можела да го обезбеди. Девојката освен што нема дом, останала и без родители. Додека била помала родителите ѝ извадиле државјанство и има извод од матичната книга на родени“, вели Сузана Салиу, заменик на Народниот правобранител за граѓански состојби.

Таа вели дека и покрај тоа што станува збор за македонски државјанин, со оваа административна пречка практично ѝ се оневозможува на младата жена да ги оствари правата од социјална и здравствена заштита, кои ѝ следуваат, како и да отвори сметка во банка, или пак да се пријави во Агенцијата за вработување.

„Правото на личен документ му следува на секој наш граѓанин. Затоа отворивме предмет и побаравме одговори од Министерството за внатрешни работи, кое се повика токму на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште“.

Во иницијативата за промена на спорните законски одредби што канцеларијата на Народниот правобранител ја поднела до Министерствата за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи се вели:

„Повеќе од 20 години од донесувањето на основниот текст на овој Закон, сѐ уште се применува член два, кој вели дека ‘се смета дека граѓанинот има обезбедно стан за живеење, ако тој или член од неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за закуп во согласност со законот’. Оваа одредба е во спротивност со член 35 од Уставот на Република Македонија, бидејќи Републиката има должност да се грижи за социјалната сигурност на граѓаните и да им даде помош на немоќните и на инвалидизираните лица. Во оваа категорија секако спаѓаат и бездомните лица“.

Според Салиу законските измени треба што поскоро да се направат, бидејќи според податоците со кои располагаат само во Скопје има над 200 бездомни лица.

„Ова младо девојче со сите маки со кои се судира во животот, место да ја интегрираме во општеството, државата со админстрацијата буквално ја остава на маргините, како да не постои. Сметаме дека во вакви случаи престојувалиштето за бездомните лица може да го преземе или Министерството за труд и социјална политика или да се земе адресата на центарот за бездомници на Црвениот крст во Момин поток. Овие адреси може да се искористат како времени, додека луѓето не се стекнат со свое живеалиште или со услови за да си обезбедат живеалиште“, вели Салиу.

Suzana Saliu 308x215
Сметаме дека во вакви случаи престојувалиштето за бездомните лица може да го преземе или Министерството за труд и социјална политика или да се земе адресата на центарот за бездомници на Црвениот крст во Момин поток. Овие адреси може да се искористат како времени, додека луѓето не се стекнат со свое живеалиште или со услови за да си обезбедат живеалиште“, вели Сузана Салиу, з аменик на Народниот правобранител (Фото: СДК.МК)

Според неа, измени на овој Закон се потребни не само заради бездомните лица, туку и поради тоа што граѓаните при промена на адресата на живеење наидуваат на многу бирократски пречки додека ги обноват документите.

Министерството за внатрешни работи вели дека до Владата поднеле иницијатива за годишната програма за 2018, во која се предложени и измени и дополнувања на Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште.

„Законски измени се неопходни, бидејќи од повеќегодишната практична примена на одредбите од законот, констатирани се одредени недоречености и недоследности што предизвикува проблеми. Тие негативно се рефлектираат во делот на евиденциите што ги води МВР, а со тоа и квалитетот на податоците кои Министерството ги доставува до другите субјекти. Ова се одразува и врз секојдневното живеење на граѓаните и остварувањето на нивните граѓански обврски“, велат од МВР.

МВР вели дека со законските измени се очекува значително да се намалат пропустите во делот на регулирање на пријвување на живеалиштето на граѓаните и промена на адреса.

„Со законските измени се очекува да се воспостави точна и прецизна евиденција, која ќе биде и вистинска основа за воспоставување на Регистарот на население на Република Македонија, и целосно усогласување со Законот за лична карта“, велат од МВР.

МВР вели дека уште во 2013 формирале работна група, која подготвила измени и дополнувања на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните и дека на крајот на 2015 тие доставени до Владата, а потоа влегле и во собраниска процедура.

„Со предложените измени, меѓу другото, беа предвидени и олеснителни процедури за вадење лична карта за бездомници и слични категории. Наведениот закон не беше усвоен од Собранието“, велат од МВР.

Министерството за труд и социјална политика вели дека во соработка со Управата за водење на матична книга на родените (УВМКР) подготвило информација до Владата, и дека Министерството за правда ќе се задолжи да иницира измени во Законот за вонпарнична постапка, а Министерството за внатрешни работи да иницира измени во Законот за живеалишта и Законот за лични карти.

„Истовремено заедно со Управата за водење на матична книга на родените ќе објавиме јавен повик за да се пријават сите лица кои не се регистрирани во МВР, и овој повик ќе трае до мај 2018. Ќе ангажираме мобилни тимови, кои ќе работаат на терен за да ги идентификуваат овие лица и да им помогнат во пристапот до лични документи“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Во згрижувачките центри има 120 бездомни лица

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека презеле мерки за итно и времено сместување на бездомниците во објекти за социјална заштита, и дека во моментов се згрижени околу 120 лица, кои биле затекнати под Кале во Скопје.

„Поголемиот дел имаат лична документација, за останатите во тек е вадење на документација, а дел кои исполнуваат критериуми имаат остварено права од социјална заштита“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Во центарот за бездомни лица во Чичино Село, кој функционира во рамки на меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, во моментов се сместени околу 45 корисници. Во центарот за интервентно згрижување на бездомни лица во Момин поток, кој е управан од Црвениот крст на Град Скопје, има околу 70 бездомни лица, кои користат услуги за одржување на лична хигиена, храна, облека, медицински прегледи.

„Најголем дел од лицата сместени во Момин поток имаат лична карта, со исклучок на проблематични случаи каде не е регулирана другата потребна документација. Во моментов, воспоставуваме дополнителни капацитети за интервентно згрижување на бездомни лица, односно 3 регионални интервентни центри, кои ќе функционираат во соработка со локалните организации на Црвениот крст“, вели Министерството за труд и социјална политика.

Текстот е преземен од www.sdk.mk

Е. БОЧВАРОСКА

Тагови: