fbpx

Селективната правда е сѐ поприсутна, тешко се остваруваат граѓанските права, рече Народниот правобранител

selektivnata pravda e se poprisutna tesko se ostvaruvaat gragjanskite prava„Од мај се намали бројот на поплаки на граѓаните, имале надеж дека ќе има подобрување и ќе можат во институциите да ги решат своите проблеми. Но за жал, од ноември повторно бројот на поплаки почна да расте“, рече Омбудсманот Иџет Мемети презентирајќи го Извештајот за почитувањето на човековите права и слободи во 2017 (Фото: М. Златевска)

Нема подобрување во степенот на почитување на правата и слободите на граѓаните, напротив има дури и влошување, рече денеска Народниот правобранител Иџет Мемети, презентирајќи го Извештајот за почитувањето на човековите права и слободи во 2017 година.

Во Извештајот стои дека партизираната и непрофесионлана администрација на централно, а особено на локално ниво, е сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните, селективната правда е сè поприсутна, популистичките и непримеливите правни прописи го отежнуваат остварувањето на правата на граѓаните, лошиот систем на извршување ги погодува најсиромашните граѓани, има појава на дискриминација по сите основи, судството и обвинителството сe неефикасни, а полицијата со примена на сила ги надминува своите овластување.

„Нема подобрувања, има само места каде има влошување на состојбата. Ретко каде има напредок. Од мај се намали бројот на поплаки на граѓаните, имале надеж дека ќе има подобрување и ќе можат во институциите да ги решат своите проблеми. Но за жал, од ноември повторно бројот на поплаки почна да расте“, рече Мемети.

Народниот правобранител кажа дека нема подобрување во работата на судството и јавното обвинителство. Во овие институции граѓаните и понатаму немаат довоерба. Голем број поплаки лани имало и за работата на извршителите како и отсуството на реални реформи во затворскиот систем.

„Партиските вработувања во администрацијата на локално ниво и натаму се присутни. Го повикувам министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски под итно да пристапи кон порадикални и конкретни промени во овој систем, со цел обезбедување стручна и ефикасна администрација. Со жалење констатирам дека во 2017 година полицијата непрофесионално пристапуваше, применувајќи двојни аршини во работата. Со приведување на пратениците беше повредено нивното право на пратенички имунитиет и принципот на презумпција на невиност“, кажа Мемети.

Минатата година Народниот правобранител имал 4.185 претставки, од кои 1.137 биле за повреди на човековите права и слободи, и во споредба со 2016 година за 5.92 отсто намален е бројот на констатирани повреди.

Мемети даде пофалба за начинот на комуникација која ја воспоставиле со Министерставата за образование, за здравство, за финансии, за правда и за внатрешни работи.

Годишниот извештај на Народниот правобранител ќе биде доставен на разгледување во Собранието.

Текстот е преземен од www.sdk.mk

А. АНТЕВСКА

Тагови: