fbpx

Во општина Центар за време на мораториум се гради на 149 хектари

Во општина Центар за време на мораториум се гради на 149 хектари

kopce1

Само прашај прашува зошто мораториумот не важи за три ДУП-ови во Центар: Дуќанџик, Градска четврт ЈО7 и Градска четврт - Француски гробишта?

На 149 хектари од вкупната територија на општина Центар, која се простира на околу 1.000 хектари во централниот дел на Скопје во текот на 2018 година е дозволена слободна изградба на станбени и деловни објекти и покрај тоа што е прогласен таканаречен мораториум за градба. Толкава е површината која потпаѓа под трите ДУП-ови (Градска четврт ЈО7, Дуќанџик и Градска четврт - Француски гробишта) кои се изземени од одлуката за мораториум на градба која ја донесе општина Центар на 27.12.2017 и ја пролонгира до крајот на годинава, а важи за територијата опфатена со 31 детален урбанистички план.

- Во моментов, отпочнати се четири постапки за изградба и се издадени четири одобренија за градба на станбени објекти во трите ДУП-ови кои се изземени од мораториумот: две во Ј 07 и по еден во ДУП-овите Дуќанџик и Француски Гробишта. Површината на ДУП-овите кои се од Ваш интерес е следна: Ј 07 - 136,02 хектари; Дуќанџик - 8 хектари (дел од ДУП Дуќанџик се наоѓа под територија на општина Центар, а дел под Чаир) и Француски Гробишта 5,69 хектари - велат од општина Центар.

ДУП Дуќанџик    ДУП Градска четврт ЈО7   ДУП Градска четврт/Француски гробишта
Dukjandzik dup   GradskaCetvrt dup   Francuski grobista dup

Нема образложение зошто мораториумот не важи за ДУП-овите за Градска четврт ЈО7 (кој опфаќа локалитети во Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило...), за Градска четврт-Француски гробишта (кој опфаќа локалитети во околината на Француски гробишта и Кале) и Дуќанџик, кој опфаќа локалитети во Старата скопска чаршија и се наоѓа меѓу Куршумли ан и Музејот на современа уметност од едната страна и булеварот Александар Македонски и Новопроектирана улица од другата страна

Сепак, оттаму немаат одговор на прашањето зошто токму овие детални урбанистички планови се изземени од одлуката за мораториум, ниту пак на прашањата колку нови станови се градат и колку нови жители се очекуваат на територијата на општина Центар која потпаѓа под трите ДУП-ови кои се изземени од мораториумот.

Тоа ја отвара дилемата колку во општина Центар вистински проценуваат какви ќе бидат последиците од новите градби со оглед на тоа што станува збор за една од најгусто населените и најпосетувани општини во Република Македонија. Според последните податоци општината се протега на десетина квадратни километри, а густината на населението во општината изнесува 5.676 жители на еден квадратен километар.

Извадок од видео подкастот на РесПублика (објавен на 2 ноември 2018)

Иако мораториумот важи за просторот опфатен во 31 детален урбанистички план, кои се предмет на евалуација и ревизија, тоа не значи дека на овој простор нема изградба на станбени и деловни објекти. Како што веќе пишувавме, во моментов интензивни градежни активности има на целата територија на Центар бидејќи, според образложението на општината, мораторимот не важи за одобренијата за градба кои биле побарани пред да биде донесена одлуката за мораториум. Општината по овој основ продолжи со издавање одобренија за градба и само во септември се издадени 11 одобренија и тоа 6 за станбени и 5 за деловни објекти. Според податоците на Државниот завод за статистика во периодот јануари-септември, 2018 година во општина Центар е предвидена изградба на 337 станови со вкупна корисна површина од 23.558 квадратни метри, што исто така го наметнува прашањето какви влијанија ќе има тоа врз функционалноста на општината, загадувањето и воопшто врз животот на граѓаните кои живеат во Центар.

Табела: Предвиден број на станови во општина Центар во 2018 година

месец   број на станови     корисна површина/
квадратни метри
јануари   /     /
февруари   104     7.232
март   74     5.241
април   20     1.384
мај   20      1.563
јуни   27     1.647
јули    49     3.180
август   /     /

 

Mапа од територијата на општина Центар

centar satelitska dupovi i cetvrtiВо текот на 2018 година за време на таканаречениот мораториум во Центар е превидена изградба на 337 станови со вкупна корисна површина од 23.558 квадрати

Што покажа досегашната евалуација на ДУП-овите?

Дивна Пенчиќ, вонреден професор на Архитектонскиот факултет која како експерт е вклучена во процесот на евалуација на 31 ДУП од општина Центар, на „Порта3“ ги објави генералните заклучоци од досегашната изработка на планските документи:

  • Не се почитуваат Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците кои произлегуваат од него како Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина, форма и начинот на обработка на урбанистичките планови. Се работи за сериозно нарушување и на професијата и низок квалитет на плановите дури ниту од технички аспект. За сериозноста на планерскиот аспект како одговорен акт, не може ниту да се разговара и етиката е сериозно нарушена.
  • Не се почитуваат ниту, со закон пропишани, стандарди и нормативи од областите: заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство и сите останати кои се дел и ги опфаќаат сите аспекти на квалитетно живеење.

Со ова директно се влијае на нарушување на условите како и квалитетот на живот.

  • Постојната состојба, односно состојбата на терен не е ниту оддалеку доволно антиципирана и ажурирана. Најчесто планот се изработува врз претходен план, со најчесто непознат степен на реализација. Се повикува во голем обем и на сомнително „стекнато право“, притоа не земајќи го со закон заштитеното јавно добро.
  • Параметрите зададени во ГУП-от на Скопје, селективно се исполнуваат или не исполнуваат, со најголеми дискрепанци во бројот на предвидени жители. Во некои планови тоа е надминато дури девет пати. Надминување во планираниот број на жители според ГУП-от е евидентирано во сите прегледани планови, под изговор дека „Гуп-от е лош! и Тоа сите го знаат!“. А всушност се нема поголемата слика од демографскиот развој на градот, кој има негативни тенденции во однос на тоа што во дуп-овите се планира.
  • Не се прави напор за добивање на сите потребни мислења од субјекти, повикувајќи се на пропишаното со закон „Ако не одговорат во даден рок, се смета за позитивно“. Со немањето мислење, на пример за прашања од областа на заштита и безбедност, директно се влијае на можноста од губење човечки животи и големи материјални штети. Во најмала рака, со недобивањето мислење за инфраструктурата, директно на граѓаните им се нанесува штета во смисла на создавње услови за немање вода, струја, одведување на отпадни води и отпад и сл. Тука е и нетретирање на мислењето врзано за обезбедени градинки, училишта, амбуланти, услови за заштита на животната средина.

Одлуки за користење на земјиштето кои се во корист на инвеститори, на сметка на квалитетот на живот на граѓаните. Често земјиштето кое е на Република Македонија „лесно“ се „доделува“ на навидум непознати субјекти, со образложение дека така наложуваат законите или пак креативниот акт на планерот.

  • Сите планови се соочени со добивање повеќекратни забелешки од релевантните тела и институции (Комисија за урбанизам при Општина Центар, Комисија за урбанизам при Град Скопје, Министерство за транспорт и врски). Планерите не одговараат на забелешките, не прифаќаат, но не постапуваат. Тука спаѓаат и неусогласености со Агенцијата за катастар на РМ.
  • Решенијата, односно понудените плански решенија, се проблематични од разни аспекти и тешки за согледување. Обременети се со спротивности со ГУП-от, исполнување на поединечни желби на сопственици, но попроблематични се решенијата во корист на „моќни“ инвеститори.
  • Недостаток на издржани инвентаризации, анализи, заклучоци, јасно поставени плански програми, оценки на капацитетот на планските опфати, оценка на можности, проверка на варијанти и барање најдобро решение. Планските документи обилуваат со небулози во овие делови и се препишува од план во план, без притоа да се воочи специфичноста на секој поединечно. Често невнимавањето оди дотаму што информациите се однесуваат на некој друг град. Ваквите случаи упатуваат дека иако планските документи поминуваат низ повеќе филтри, често не се проверуваат во целост, а ова пак упатува на лошо поставен процес на донесување планови, немање јасни процедури и декларирани одговорности.
  • Планирањето на просторниот развој на Општина Центар е нерамномерен и со тоа нерамноправен. Граѓаните не се со еднакви позиции и можности. Некои четврти се заложници на наследени одлуки, но за жал и новите решенија не го решаваат проблемот. Други пак, се препознати како атрактивни и дополнително се натрупуваат, а тоа во иднина ќе се врати со намален квалитет на живот. Недостига сериозна економска анализа, но оваа алка во урбанистичкото планирање не само што е слаба, туку и ја нема. Урбанистите сосема паушално проценуваат што е економски бенефит.
  • За правото на достојно живеење и зголемување на квалитет на живот, во плановите ниту се размислува, ниту е предмет на сериозна професионална работа. „Квалитетот на живот“, според вклучените во процесот на изготвување урбанистички планови е категорија која ја нема доволно објаснето законодавецот и не обврзува. Животот, правото на лесна достапност, сонце, чист воздух, слободен поглед кон околината, каде да се фрли домашниот отпад, не се предмет за работа на планерите????

Таа додава дека секој план има свои специфики и не сите од генералните забелешки се однесуваат на секој, но со длабинска анализа, за секој план посебно, дополнително се покажува кој план со што се соочува. Но, забелешките покажуваат една исклучително алармантна состојба со планирањето, но и со креирање на политики за просторен развој и затоа го поддржува „мораториумот“.

  • Дава време за стабилизација на состојбите и смирување на интензивното и хистерично пополнување на „секоја дупка“, со објект.
  • Дава време за сериозна анализа, проценка на досегашните штети и намалување на штетите кои новите понудени решенија ќе ги создадат. Секој детален план треба да се евалуира и да се пренасочи во правец на поквалитетно изработен документ за поквалитетен и достоен за граѓаните живот - вели Пенчиќ.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар и фотограф: Владо Николовски