fbpx

Барокни палати на „попуст“ ќе се градат во центарот на Скопје

Малите ритчиња земја на кејот на Вардар кај спортско рекреативниот центар Кале сведочат дека во Скопје сѐ уште се развива барокната приказна започната пред десетина години. Станува збор за земја од градежните активности за изградба на хотелски комплекси и деловен простор на неколку државни парцели на кои допрва треба да се градат објекти во барок. Истражувањето на Институтот за комуникациски студии покажа дека во 2019 година локалната самоуправа во Центар се занимава со прашањето за давање попуст од 50 отсто за уредување на градежното земјиште за градби во овој стил, како и дека во изминативе години има чудни тајминзи за продажба и издавање одобренија за градба за овие објекти.

Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 1На кејот на Вардар кај спортско рекреативниот центар Кале може да се видат оградените парцели каде што треба да никнат три барокни палати

Според информативните табли на трите заградени парцели како инвеститор на објектот „Палата Кан“ се јавува „Веселинов кан конструкција“ од село Звегор, Делчево. На хотелот „Вардар Палас“ инвеститор е друштвото за превоз и туризам „Вардар експрес“, а на уште еден хотелски комплекс инвеститор е „ГМ Инвест груп“ од Струмица.

Нашето истражување го поттикна барањето на инвеститорот на објектот „Палата Кан“ до општина Центар од почетокот на годинава да добие попуст од 50 отсто на надоместот за уредување на градежното земјиште повикувајќи се на Законот за градење според кој општината е должна да даде попуст доколку објектот се гради согласно нејзината програма за изглед на објектите односно во барок.

Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 2Инвеститорот на „Палата Кан“ во февруари, годинава побарал попуст од 50 отсто на надоместот за уредување градежно земјиште бидејќи гради објект согласно програмата на општина Центар која тука предвидела градби во барок

Центар бара толкување, за Владата законот е јасен

Поради барањето на инвеститорот од селото Звегор, Советот на општина Центар на 9 јули, годинава до Собранието испратил барање за автентично толкување на три става од членот 67 од Законот за градење на кои се повикал инвеститорот.

Со нив, се овозможува советот на општината односно советите на општините на градот Скопје да можат да го утврдат изгледот на една или повеќе градби во определено подрачје на територијата на општината, доколку утврдат дека тоа е од значење за општината, при што донесуваат програма која се состои од податоци и насоки за изгледот на градбата, односно градбите и графички приказ на утврдениот изглед.

Во тој случај, инвеститорот е должен изгледот на градбата да го усогласи со програмата. Во спротивно, надлежниот орган што го издал одобрението за градење донесува акт за ништовност на одобрението.

Законот предвидува при изградба на градбите чиј изглед е утврден согласно барањата на општината таа да го ослободи инвеститорот 50% од плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 3Од Советот на општина Центар во јули, годинава побарале толкување на Законот за градење во Собранието бидејќи не биле јасни одредбите околу давање попуст

Во барањето за толкување, од Советот на општината укажуваат дека не е јасно дали е нужно инвеститорот веќе да започнал со изградба на објектот или не, особено во ситуација кога тој веќе има добиено одобрение за градба во кое има определен рок за изведување на објектот.

„Особено е нејасно и во ситуација кога тој објект не е започнат, па дури и рокот за градење даден во одобрението е изминат, а е поднесено барање за ослободување од надоместок за уредување градежно земјиште“, се вели во барањето од Советот на општина Центар.

Владата на 30 јули годинава доставила мислење до Собранието по однос на барањето за автентично толкување, во кое се укажува дека оспорениот член 67 од Законот за градење е јасен и препорачува на Собранието да не дава автентично толкување.

Чудни тајминзи

За сите три парцели на кои во иднина треба да никнат објекти во барок се забележливи датумите кога биле издадени одобренијата за градење. За два објекти одобренијата се дадени неколку недели односно денови по распишувањето на локалните избори на 06.08.2017 година.

За објектот „Палата Кан“ одобрението за градење е издадено на 30.08.2017, а за хотелскиот комплекс каде инвеститор е „ГМ Инвест груп“ од Струмица одобрението за градење е издадено на 14.08.2017, односно само неколку дена откако биле распишани изборите.

Одобрението за градење на хотелот „Вардар Палас“ е издадено од општина Центар на 13.11.2017 откако Саша Богдановиќ го презеде управувањето од дотогашниот градоначлник Андреј Жерновски по одржувањето на изборите на 15.10. 2017 г. 

За овој објект одобрението е издадено месец и половина пред новата општинска управа да прогласи мораториум за градба на 27.12.2017 година на територијата што ја покриваат 31 детални урбанистички планови меѓу кој и оној за „Кале – Блок 2“ каде што се наоѓаат трите парцели.

Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 4Деталниот урбанистички план „Кале - Блок 2“ треба да биде предмет на ревизија согласно одлуката за мораториум на општина Центар

Дел од овие парцели беа понудени на продажба неколку пати од 2006 година наваму. Последниот пат Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на градежно неизградено земјиште на 2 август 2014 година, а по пат на електронско јавно наддавање.

Станува збор за две градежни парцели, наменети за изградба на хотелски комплекси кои со површини од 2.350 м2 и 374.2 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање изнесуваше 61 денар од квадратен метар и една градежна парцела, наменета за изградба на деловни простории која е со површина од 2.447 м2 и почетна цена на јавното наддавање од 6.000 денари од квадратен метар.

По овој оглас на 30 септември 2014 се одржа електронско јавно наддавање

за парцелата наменета за изградба на хотелски комплекс со површина 374.2 м2, а најповолен понудувач беше правното лице ГМ „Инвест Груп“ ДООЕЛ – Струмица со понудена највисока цена од 2.745 денари за 1 м2, односно вкупно 10.271.790 денари за целото земјиште.

Според истражувањето на телевизјата Алсат од октомври 2014, екс-премиерот и претседател на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски е главниот инвеститор за планираниот нов хотел во барок под Кале.

Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 5   Barokni palati na popust ke se gradat vo centarot na Skopje 6

Парцелите за хотели под Кале се продадени на јавно наддавање во 2014 година

На јавно наддавање на 3.10.2014 година Министерството за транспорт и врски ја продаде и втората парцела државно градежно земјиште за 110 евра по квадрат. 

„Станува збор за една градежна парцела, наменета за изградба на хотелски комплекс со површина 2.350,2 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање изнесуваше 61 денар од метар квадратен. Најповолен понудувач на одржаното електронско јавно наддавање е правното лице „Вардар експрес“ ДОО – Скопје со понудена највисока цена од 6.780 денари за метар квадратен, односно вкупно 15.933.000 денари за целото земјиште“, соопштија тогаш од Министерството за транспорт и врски.

Инаку, уште при огласувањето на продажбата на земјиштето, најповолните понудувачи во двата случаја биле должни фасадното обликување на објектите да го изработат во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам.

Молк од општина Центар, Град Скопје нема сознанија за нов барок

За оваа проблематика одговори побаравме од општина Центар и од Град Скопје со оглед на тоа што тие се најдоговорни околу прашањето што и како ќе се гради во строгиот центар на градот.

Во општина Центар уште во септември, годинава прашавме: Колку инвеститори во општина Центар досега се ослободени од плаќање на 50 отсто од надоместокот за уредување на земјиштето по овој основ и за колкава сума станува збор? Врз база на која програма во општина Центар се ослободени инвеститорите од плаќање на половина од надоместокот за уредување на земјиштето и дали станува збор за барок? Дали во моментов на територијата на општина Центар сѐ уште се градат објекти во барок-стил и дали сѐ уште се издаваат дозволи за ваков стил градби? Кои се тие објекти?

Но и по речиси три месеци откако ги поставивме прашањата оттаму сѐ уште ги подготвуваат одговорите.

Од Град Скопје, пак, ги цитираа спорните одредби од член 67 став 6 и став 8 од Законот за градење и топката ја префрлаат кај општина Центар.

„По исклучок советот на општината, односно советите на општините во Градот Скопје можат да го утврдат изгледот на една или повеќе градби во определено подрачје на територијата на општината, доколку утврдат дека тоа е од значење за општината, при што донесуваат програма која се состои од податоци и насоки за изгледот на градбата, односно градбите и графички приказ на утврдениот изглед.“

При изградба на градбите чиј изглед е утврден согласно со став (6) на овој член, општината е должна да го ослободи инвеститорот 50% од плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Имено, согласно претходно цитираните законски одредби, не постои законска можност Градот Скопје да го намали надоместокот за уредување на градежно земјиште и нема таква програма.

Според нашите сознанија објекти во барок-стил не се градат и не се издаваат дозволи, што е надлежност на општините во градот“, велат од Град Скопје.

Информативните табли на заградените парцели кај Кале на кои се гледа дека објектите што ќе се градат се во барок, покажуваат дека очигледно во Град Скопје не знаат или не сакаат да видат што се случува во строгиот центар на градот. 

Децениска приказна

Приказната со купорпораджбите на овие парцели почна уште пред десетина години, кога актуелниот заменик-градоначалник на Скопје Енвер Малиќи пратеникот од ДУИ Ејуп Аљими стануваат сопственици на дел од овие парцели.

Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) неодамна објави сторија дека заменикот градоначалник на Скопје Енвер Малиќи преку извршител од државата наплатил 2.273.000 евра на име камати.

Освен парите од каматите, на Малиќи од буџетот му се вратени и 1.254.000 евра за парцелите кои беа предмет на судскиот спор. Станува збор за истотот градежно земјиште на кејот на Вардар, во близина на скопското Кале, каде треба да се градат хотелски комплекси и деловни објекти.

Според ИРЛ, пари од државата чека и пратеникот на ДУИ Ејуп Аљими, кој заедно со Малиќи ја тужеше државата и бара раскинување на договорите за купопродажба.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Тагови: