fbpx

Марко Лукиќ, „Лумар Словенија“: Немојте да си ги бркате своите опашки

Разговаравме со Марко Лукиќ, сопственик и директор на една од најдобрите семејни компании во Словенија, која е специјализирана за изградба на куќи со ниска потрошувачка на енергија, со пасивна потрошувачка на енергија и со скоро никаква потрошувачка на енергија, во Словенија и во странство. Тој е човек со визија, порано практикувал екстремно планинарство, татко е на две деца, сопруг е на една посебна жена и е одличен лидер (докажано со многу различни награди на регионално и на национално ниво).

Marko Lukic Lumar Slovenija Nemojte da si gi brkate svoite opaski 1

Што претставува инклузивно лидерство за Вас?

„Лумар“ е семејна компанија, па затоа е важно вработените да се чувствуваат како да се дел од семејство. Ние не вработуваме луѓе на определено време и не ги држиме во неизвесност. Тоа е во интерес на сопствениците на капиталот, да имаат мотивирани луѓе, луѓе кои не се постојано во страв, добро расположени луѓе; затоа што само во таква умствена состојба тие создаваат додадена вредност за сопственикот од една страна и се чувствуваат добро и безбедно од друга страна. На овој начин ние го градиме нашиот идентитет и гордост и вработените не се срамат да им кажат на други луѓе каде и за кого работат.

Луѓето кои се вработени во нашата компанија се основата на нашиот успех. Еден дел од стимулацијата се парите, секако. Нашите плати се високо над просечните. Второ, сопственикот мора самиот да служи како пример; да не им држи празни предавања на вработените, да не доаѓа на работа во 10 часот, да не троши прекумерно – без оглед што троши сопствени пари. Јас многу се трудам да одржам контакт со моите вработени, секојдневно, да отидам до производниот погон, да разговарам со луѓето. Нашата компанија е толку мала, што ние функционираме како силен тим. За мене, како директор и сопственик, најважно е да можам да сметам дека имам поддршка, дека имам заштита зад себе, односно можам да сметам на луѓето кои работат за нас. Тоа ми дава самодоверба. Дури и кога преговарам со наши клиенти имам самодоверба, затоа што знам дека ќе го оствариме она што сме го ветиле. Сите сме минале низ тешки мигови и многу е полесно ако има некој во компанијата со кој може да се разговара и потоа да се донесе одлука. Товарот е полесен ако се подели со други.

Ми се допаѓа нешто што изјави Цветана Ријавец; таа вели дека сите сме одговорни за успесите на компанијата, но лидерите и управата ја носат одговорноста за неуспесите (Цветана доби награда за животни достигнувања од Здружението на управители на Словенија во 2015 година). Сите вработени во мојата компанија минале низ воведен разговор со мене и потоа ја добиле работата, затоа тие се моја одговорност. Луѓето мора да добијат соодветно насочување, мотивација, едукација, надзор – а ако целите не се исполнети, тогаш моја задача е да го заменам вработениот; ако не го сторам тоа, ќе бидат загрозени и други работни места.

Вие управувате со одлична семејна словенечка компанија – како се грижите за оние што ќе ја наследат компанијата?

Син ми е вработен во компанијата. Мислам дека е многу важно помладата генерација да има активна улога уште од раните фази, да се запознае со природата на бизнисот, со различните делови на компанијата и работните места; тоа е добар начин да се стекне искуство. Исто така, еден од многубројните важни аспекти е да се формира однос со вработените кои биле вработени од член на семејството кој претходно ја вршел таа функција.

Секако, важно е да се остави доволно простор за помладата генерација, но уште поважно е младите да имаат доволно моќ, тврдоглавост и амбиција за да ги остварат нивните идеи, без оглед на одобрението од постарите генерации, особено ако зборуваме за »генерацијата на основачи«. Постарите генерации мора да покажат доволно мудрост, да дозволат помладите да ги остварат своите идеи и да не бидат во позиција на противник, туку некој кој ги насочува работите на соодветен начин и дава поддршка дури и во ситуации кога идеите нема да успеат. Мора да знаеме дека неуспесите се дел од успехот и дека е скоро невозможно да се постават добри идеи во реалноста, особено ако тие со себе носат суштинска промена на начинот на кој дотогаш се работело, ако не ги прифаќаме и неуспесите заедно со успесите.

Вашето главно мото е...

Работете како да работите за себе. Тогаш не треба да бидете загрижени за вашата иднина.

Вашиот совет за младите луѓе кои почнуваат да чекорат по својот пат (без оглед дали е тоа како претприемач или како вработен)

На младите им препорачувам многу да патуваат и да се запознаат со други култури. Во исто време, да завршат одлично формално образование и да работат паралелно со тоа – ова дава сосема поинакво гледиште на светот. Не плашете се да ризикувате; бидете самоуверени. Во нашето општество се очекува сите да успеат од прв обид; ако не успеат тогаш им се лепат етикети на „неуспешни“; а тоа не е никаква мотивација. И покрај тоа, важно е да се пробаат нови нешта, затоа што во спротивно нема да можете да напредувате како личност и како општество.

За оние кои се на почетокот на претприемничка кариера ќе нагласам: парите се важен мотиватор, но ако нештата ги правите само поради парите, тогаш нема да го искористите вашиот целосен потенцијал. Парите секогаш се последица од следење на сопствените добри идеи, од напорна работа и од уживањето и задоволството што ги чувствувате додека работите. Оние кои сакаат само пари, ќе се изразам посликовито и ќе речам дека си ги бркаат сопствените опашки. Кај оние, пак, кои искрено сакаат да ги остварат своите идеи, парите сами ќе си дојдат, затоа што тие сакаат добро друштво.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Еднаква моќ“, кој го спроведуваат Институтот за комункациски студии и Институтот Изида Вита од Словенија, а е финансиран од Министерството за надвореши работи на Република Словенија.

Тагови: