fbpx

Во Македонија има родова нееднаквост

Родовата нееднаквост за мене е една од најфрустирачките категории со кои се занимава денешницата. Живееме во 21 век, а сè уште се соочуваме со поразителни бројки дека 60% од гладните во светот се жени, две третини од сите деца кои немаат пристап до образование се девојчиња и 75% од светската неписмена популација се токму жените. Живееме во ера на технологија, дигитализација, вештачка интелигенција, а сè уште многумина не можат да ги променат своите примитивни размислувања и гледања за улогата и позицијата на жената во општеството. Јас имав привилегија да растам во здраво семејство каде жената и мажот се рамноправни и еднакви, а го живеам и благодетот да работам во семејна компанија каде основач и директор на компанијата е жена и каде жените веќе четврт век доминираат во организацијата со 57% застапеност.

Vo Makedonija ima rodova neednakvost 1

Во Македонија родова нееднаквост има - жената не е доволно активна на пазарот на труд, а има и разлика во платите во однос на мажите. Во последно време под влијание на меѓународни тела и организации се преземени многу активности на полето на родова еднаквост, но и покрај тоа, сметам дека на родовата еднаквост не и се приоѓа доволно сериозно во нашата земја. Националните статистики покажуваат дека половина од работоспособните жени во Македонија се неактивни на пазарот на труд, односно само 43% од жените активно учествуваат.

Жени се предодредени да бидат домаќинки?

Најчестата причина поради ваквата неактивност се неплатената работа во домаќинството и грижата за децата и постарите лица. Постои дури и убедување, особено евидентно кај самите жени дека тие се предодредени да бидат домаќинки, што потоа се претвора во мноштво работни часови без надомест. Оваа состојба се смета за многу неповолна бидејќи жените остануваат целосно надвор од пазарот на труд.

За мене, како дипломиран политиколог особено е интересна родовата незастапеност и во политичката сфера. Ова е особено забележливо во време на сите државни избори, како и по избори-во назначувањето функционери. Фактите секогаш покажуваат помал број жени кандидати на претседателски избори, помал број пратенички, министерки и сл. За жал многу често овие бројки не се сметаат за показател за родова нееднаквост и најчестата реакција на јавноста по оваа тематика се сведува на објаснувањето дека е важен квалитетот на работникот, а не полот.

Родовата нееднаквост не настанала преку ноќ

Vo Makedonija ima rodova neednakvost 2Родовата нееднаквост своите корени ги влече илјадници години наназад, кога се создал модел на перцепции за улогата на мажите и жените во заедницата. Тука се вклучени огромен број на аспекти, почнувајќи од религијата, традицијата, потоа преку навиките, семејните вредности, литературата, народното творештво, па се до родовата социјализација. За промена на тој модел на перцепции е потребно многу време, труд од сите креатори на политики во општеството, како и континуирана и систематска работа од горе надолу. Во некои земји, истражувањата покажуваат дека вложувањата во социјалната грижа во најмала рака креираат 2,5 пати повеќе работни места отколку што креираат оние во градежништво.

Тргнувајќи од податокот дека жените извршуваат домашни работи и работат неплатена работа во домаќинствата три пати повеќе од мажите, лесно може да заклучиме дека еден од елементарните чекори во борбата против родовата нееднаквост е ослободувањето на жената од неплатената работа преку отворање на градинки и установи за згрижување на деца и возрасни лица, особено во руралните подрачја, ослободување од надоместок за плаќање градинка или училиште за еднородителските семејства итн. се со цел поголема родова еднаквост.

Жената во глобални рамки е нерамноправна на пазарот на трудот

ООН и меѓународната организација на трудот како заклучок од нивните истражувања на оваа тема наведуваат дека жената во глобални рамки е нерамноправна на пазарот на трудот. Со нерамноправноста жената е економски зависна, а понатаму тоа би значело дека таа може да има и недоволно влијание при носење на одлуките во домаќинството, па дури и да развие толерантност на домашно насилство. Има земји кои отидоа неколку чекори напред на оваа тема како на пр. Исланд, во кој има закон за родова еднаквост уште од 1961, а веќе од јануари, државата одлучи да направи пресврт и со закон и санкции да ги обврзе работодавците со документација да докажат дека не постои родова нееднаквост во исплатата на плати.

Пресвртот е во тоа што повеќе работниците нема да имаат обврска да докажуваат родова дискриминација туку тој товар паѓа на институциите и компаниите кои ќе мора да докажат дека и во случај да има разлика, таа ќе ја правдаат со причини од друга природа, а не од родова. Иако според индексот на Светскиот економски форум, Исланд котира високо на листата на земји со најголема еднаквост меѓу мажите и жените и покрај постоењето на строги законски регулативи, сепак разликата во исплата на плати во Исланд изнесува 16% што според Еуростат е европски просек.

Да не дозволиме овие податоци да не обесхрабруваат

Оттука, не треба да дозволиме овие податоци да не обесхрабруваат, туку напротив, сметам дека родовата еднаквост треба да продолжи да биде висок приоритет на сите влади во светот, како и на сите меѓународни и граѓански организации. Треба да бидеме свесни дека ова не е прашање кое ги засега само жените и нивната позиција во општеството. Исто така, треба да сме свесни дека ова не е само прашање дали ќе се почитува уставното право на еднаквост или Универзалната декларација за човекови права, туку дека ова е едно суштинско прашање кое сериозно влијае врз развојот на општеството во кое живееме, како и врз поединците во тоа општество. Потребни се разни активациски мерки на ресорните министерства, како и на државните институции кои е потребно да размислуваат латерално. Понатаму потребни се и моќни кампањи во глобални рамки за подигнување и промена на свеста дека жените и мажите се подеднакво одговорни за домашните активности.

Сметам дека поделбата на оваа тн. неплатена работа е првиот чекор кон воспоставување на родова еднаквост и силно верувам дека заложбите за родова еднаквост иако споро, сепак вродуваат со плод и влијаат врз бавната, но постепена промена на свеста за редистрибуцијата на улогите во домот и секако даваат резултати со се поголема вклученост на жените на пазарот на трудот во споредба со претходно.

Тагови: