fbpx

Лани 26 девојчиња на 15 години станале мајки

1

На 19 јануари годинава Сенија и Медијак ја добиле првата рожба, ќерката Мина. Тоа бил истиот месец кога Сенија го прославила својот 15-ти роденден, а таткото 17-тиот. Се засакале кога таа имала 9 години. „Многу се сакаме. Родителите ни дозволуваа да бидеме во љубов, иако јас не знаев дека толку мала можам да родам дете. Никој не ми кажа“, раскажува малолетната мајка.

2

Сенија е писмена. Учела до седмо одделение. За пубертетот и за репродуктивното здравје не зборувала со родителите, ниту пак можела да научи повеќе на училиште, кое предвреме го напуштила. За сексот учела од момчето.

3

Дури кога почнала да има мачнини и повраќања, мајката на Сенија, Мина, се посомневала и му дала пари на момчето да купи тест за бременост кој бил позитивен. Четириесет и шест годишната свекрва е среќна што е баба и што има здрава внука која го носи нејзиното име.

4

Младите родители не се во брак, бидејќи Сенија нема извод од Матичната книга на родени. Во процедура е вадењето извод и за мајката и за бебето. Живеат од продажба на пластични шишиња.

5

Статистиката на малолетнички бракови во Македонија покажува мало подобрување последните три години, но сепак останува запрепастувачкиот факт дека лани 26 девојчиња на 15 години и 113 девојчиња на 16 години станале мајки. Граѓанскиот сектор настојува да се воведе сексуално образование како посебен предмет во основните училишта, но тоа сé уште не е прифатено. Невладините организации со поддршка од Министерството за образование и наука организираат предавања од гинеколози и социјални работници.

6

Невладината организација Х.Е.Р.А. предлага законско ограничување со кое право на брак би имале лица со навршени 18 години, но и едукација на младите за започнување со сексуални односи, отворање сервиси за испорака на контрацепција за адолесценти и мерки за намалување на сиромаштијата.

7

Како најчести причини за малолетничката бременост во земјава се нискиот степен на образование на родителите, социо-економскиот статус, невработеноста, сиромаштијата и традицијата.

Фотографија: Роберт Атанасовски
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии во соработка со Х.Е.Р.А.

Тагови: