fbpx

Потчинети и погрешно образовани ученици – идна армија на дискриминатори

Материјалите од книгите треба да служат како почетна станица од образовниот стадиум на еден ученик. Но учебниците со години наидуваат на јавни критики поради апсурдни толкувања, предрасуди и спорни дефиниции за човековите права и слободи. Заедно со несоодветни наставни програми и целиот заострен општествен и политички контекст - сето тоа создава опасна и небалансирана подлога за младите луѓе да се оформат како личности. Да созреат како индивидуалци со сопствено расудување, со јасно артикулирани ставови, без стереотипи и омраза кон неистомисленици.

mkd 294161

Активисти, лингвисти, педагози, наставници и професори веќе долго време реагираат за вредностите и „лекциите“ што ги добиваат учениците низ образованиот процес во Република Македонија. Реакциите не престануваат. Се редат.

Особено ако се знаат примери како оној со учебникот по Граѓанско образование за осмо одделение, каде што „лојалните граѓани се секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“. Познато е дека во учебникот до насловот „Власт“ на пиедестал стои човек со стегнат мускул и тупаница, а под него во толпата има и шаховска фигура „пион“. Понатаму следува толкувања за моќ, испреплетени со дефиниции за власт, но се сретнува и илустрација која поттикнува покорност - „бакнувањето рака на повозрасните е израз на почит кон авторитет“. Ова повлече барање за негова ревизија.

Како пример, може да се наброи оној по учебникот по Општество каде што „татковина“ е „состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ“. Некои учебници ја шокираа јавноста со напишаното дека пубертетот „доаѓа со торта што ја направила мама“, а потоа следува и „пипање на мозолчињата“. Дополнително, напати работите одеа и дотаму што во некои учебници се пласираа и хомофобични или идеолошки обоени содржини.

Сето ова е испомешано и со често замолчување гласови, т.е. обиди за загушување протести за несоодветни образовни политики и практики, кои, според голем број анализи, имаат цел да создаваат страв и потчинетост кај децата. Истовремено слично да влијаат кај родителите, и кај самите просветни работници.

mkd 294149Ирена Цветковиќ, активист за човекови права, дел од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, за МКД.мк потврдува дека проблемот со официјалните учебници во Македонија е актуелен веќе неколку години. Министерството за образование најави ревизија, па сепак квалитетот на учебниците не се зголеми според очекувањата. Имено, вели таа, исклучително е важно да се разбере моќта и важноста на образованието за целокупниот развој на една држава.

„Образовниот систем има цел да продуцира генерации што критички ќе размислуваат, ќе градат ставови и вредности во насока на еднаквост, демократија и недискриминација. За жал нашето образование сѐ уште продуцира комформистички генерации, создавајќи лојални и послушни граѓани кои не го менуваат светот туку ги одржуваат доминантните карактеристики на полтронство, клиентелизам, дискриминација и негативни стереотипи и предрасуди кон различноста, различните идентитети, практики и светогледи“, забележува Цветковиќ.

Од наставниците се очекува преку ноќ да станат „магионичари“

mkd 294148Психологот Ана Попризова лоцира и образложува неколку аспекти, за кои смета влијаат врз градењето на вредностите на младите. Како прво, вели таа, е квалитетот на  наставните планови и програми. Тие во средното образование, со чесни исклучоци, не се воопшто ревидирани повеќе од десет години. Ова е сериозен проблем, имајќи предвид колку брзо напредува науката, техниката и какви сѐ промени се случуваат во општествен контекст.

„Недозволиво е, односно тоа е криминал во образование, да не се работи на осовременување на наставните планови и програми. Од друга страна новините кои се внесуваат (на пример Кембриџ програмата во основно образование) се направени без првични пилот програми, без анализи, туку хоризонтално во сите наставни години, во сите училишта, со обуки на наставниците од два дена. Да потсетам дека првично комисијата која требаше да даде оценка за воведување на програмата се изјасни негативно по однос на нејзината имплементација. Ниту една сериозна држава не воведува на ваков начин новини во образовниот систем. Сметам дека стручниот кадар кој работи на оваа проблематика во образование нема ниту визија ниту капацитет за да направи здрава и сериозна промена, па затоа се преземаат готови модели кои никаде не успеваат доколку не се приспособат на локалниот контекст. Оттаму, предизвикот пред наставниците е огромен, тие оправдано се чувствуваат збунето и исфрустрирано и им недостига системска поддршка, а истовремено до нив се очекува да бидат ‘магионичари’ и преку ноќ да се претворат во современи супер наставници“, анализира Попризова за МКД.мк.

И за неа квалитетот на учебниците е уште еден сериозен проблем. Тие се преполни со неправилности, проблематични содржини кои секојдневно се обелоденуваат од учениците и родителите. Ниту некој автор понесе одговорност, ниту се направи некоја измена во содржините и покрај сериозните укажувања во јавноста. Дополнително, забележува психологот, личните ставови и вредности на наставниците се уште еден сериозен проблем имајќи предвид какво е нивното влијание врз учениците и при пренесување на наставните содржини.

„Тие се модели за идентификација на учениците. Е сега, колку и може да се очекува од нив доколку се знае колку е низок општествениот статус на современиот наставник и ниското ниво на студентите кои се запишуваат на факултетите за наставници. Денес ретко кој млад човек сака да биде наставник, токму заради начинот на кој се третирани во општеството“, нагласува психологот.

mkd 294169

Поширокиот општествен контекст, смета Попризова, е нешто што неодминливо треба да се анализира и опсервира. Тој само е пресликан во училиштата. За Попризова промовирањето на конзервативни политики во општеството и неговата затвореност директно се рефлектира на образовниот систем и тоа се огледа во ерозијата на моралните вредности, етичките квалитети, ставовите кои се промовираат и сл.

„Учениците го живеат општествениот контекст на микро план, па она што тие секојдневно го гледаат е дека оценката не мора секогаш да е одраз на знаењето на некој ученик, дека најдобриот наставник лесно може да добие казна доколку е неподобен, дека за да бидеш наставник не е битен твојот просек, туку партиската припадност, дека професорот за да не биде казнет на екстерно ќе ги ‘моделира’ оценките и сл. Сѐ ова во период кога учениците учат што се вредности, кога им е важно мислењето на наставниците, нивниот животен стил и сл.“, констатира психологот Попризова.

Најлесно се управува со необразован народ

Владо Димовски, професор по Македонски јазик и книжевност, дел од Наставнички пленум, вели дека денешното образование, особено она основното и средното кои треба да бидат столбот на едно општество, доведени се на најниско можно ниво.

mkd 294150„Изгубени се вредностите. Недостигот од учебни помагала, учебници, катастрофални грешки во учебниците, лошите услови во училиштата особено во руралните средини се сѐ поголем показател дека образованието назадува. Негрижата за правилно образување на децата од страна на државата е толку голема што никого не го интересира колку и што се учи во училиштата. Ако на сето ова се додаде и големиот број нестручен наставен кадар, кадар вработен како наставници со завршено најмногу средно образование лесно може да се види во кој правец тргнало образованието“, потенцира Димовски за МКД.мк.

Вредностите кои треба да ги добиваат учениците се сѐ помали, дури во некои случаи и екстремни, што, смета тој, покажува дека државата скоро и да не води грижа за образување на децата.

„Мое мислење е дека размислувањата одат дотаму дека на власта ѝ одговара да имаме што понеобразовани луѓе кои ќе бидат само бројка и гласачка машина на избори. Впрочем и најлесно е да се управува со необразован народ. Денес во образованието имаме преголема бројка на партиски војници кои работното место го заслужиле со некој список на сигурни гласачи и со таа заслуга добиваат плата. Преголемата зависност или можеби страв од партијата на власт на наставниот кадар не носи резултати туку исполнува задачи. Во 21 век ние имаме голема бројка на деветтоодделенци кои не го продолжуваат своето образование во средно и остануваат полуписмени, а државата како да не ѝ е грижа ништо не презема“, вели Димовски.

Бојан Шашевски

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

Тагови: