fbpx

„Гоу Грин“ дообјаснува: За 10 години, преполовени зелени површини во скопскиот Мал ринг

Невладината организација „Гоу грин“ денеска го дообјасни нивниот одговор на прашањето од граѓанин – Зошто ги сечат дрвјата кога имаме загаден воздух?, откако Град Скопје вчера реагираше дека бројките за состојбата со зеленилото во градот наведени во одговорот не се точни.

Го пренесуваме во целост дообјаснувањето од невладината организација „Гоу Грин“:

„Ви благодариме за Вашата реакција и драго ни е што конечно реагирате на ова важно прашање за зеленилото во Град Скопје. Сакаме да нагласиме и официјално да се извиниме за ненамерната грешка направена со забуна на мерната единица за зеленилото, која што се однесува на метри квадратни, а не метри кубни. Потоа, и да дообјасниме за нецелосно пренесената информација, бидејќи овие податоци за зеленилото се однесуваат на ДУП Мал ринг, односно најцентралното подрачје во Град Скопје (линк).

Податоците споделени во видеото се врз база на истражувањето „НИ СНЕМУВА ДРВЈА - СОСТОЈБИ И ТЕНДЕНЦИИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ГРАДСКОТО ЗЕЛЕНИЛО ВО МАЛ РИНГ ВО СКОПЈЕ 2002-2017“ од страна на колегите од „Плоштад Слобода“. Уште еднаш да ги појасниме податоците: Состојбата на зелените површини во централното градско подрачје (мал ринг) во 2002 година изнесува 75.649м2. Во 2013 година има 50% помалку зелени површини отколку во 2002. Со постоечките урбанистички планови, кои предвидуваат објекти врз зелени површини, постои тенденција на намалување на зелените површини до 18.690м2 до крајот на 2017 година, што би значело намалување од 75% во споредба со 2002 година (2017г - 18.690 м2 / 2002г. - 75.649 м2). Анализите и мерењата се врз база на детални урбанистички планови, сателитски снимки и теренски мерења. Целосното истражување може да го најдете на следниот линк.

Форматот и ограниченото време за видеото придонесе за овие ненамерни грешки, но не го оспорува фактот дека моментално додека ги имаме овие преписки нивото на загадување е многукратно над дозволеното, а една од главните причини за зголеменото загадување на воздухот е значителното намалување на зеленилото.

Грижата за зрелите, здрави и големи дрвја треба да биде приоритет и тие треба да се зачуваат во густите градски средини, додека новите паркови и дрвја моментално се декоративни и им требаат децении додека да почнат да си ја вршат својата функција како зрелите и возрасни дрвја. Нашите реакции во врска со загаденоста на воздухот почнаа уште во 2010 година и од тогаш многу пати сме комуницирале препораки и мерки (линк линк линк). Очекуваме целата развојна стратегија на Град Скопје и буџетот да е насочен во насока на обезбедување чист воздух и животна средина, што е уставно право на секој граѓанин.

Ви стоиме на располагање за дополнителни информации и отворени сме за јавна дебата.“

Поврзани вести: