fbpx

Резиме на една неуспешна одлука за штедење: Цели кабинети на егзотични екскурзии

  • Владата прогласи штедење во службените патувања во странство од 15 март до 31 декември 2022 година, но одлуката остана само на хартија.
  • Одлуката за штедење во службените патувања во странство и намалување на бројот на делегациите не ја почитувал ни тогашниот премиер Ковачевски ни шефот на дипломатијата Османи.
  • САД, Азија, Обединети Арапски Емирати, европските метрополи – меѓу омилените дестинации на премиерот и министрите, додека во јавност владата прикажуваше штедење.
 

На крајот на август 2022 година, во авионот кој полета од Скопје за Женева, имаше и неколкумина владини претставници. Делегацијата беше голема, но задачата и не беше толку голема. Сите тие патуваа за Швајцарија само за една државна задача: презентација на Извештајот на Република Северна Македонија по Конвенцијата на ОН за правата на детето. На чело на делегацијата се наоѓаше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на која освен најблиските соработници од кабинетот, во оваа мисија ѝ помагаа и претставници од министерствата за внатрешни работи, за образование и наука, здравство, правда, надворешни работи и Државниот завод за статистика.

Најпроста калкулација кажува дека за таквиот настан во Женева отпатувале околу десетина луѓе. Сумирано, претставниците на овие институции вкупно потрошиле 11.780 евра за патувањето во Женева каде сите заедно ги објаснувале достигнувањата на Македонија во заштитата и правата на децата. Иако се обративме до сите министерства со прашање, според правото за пристап до информации од јавен карактер, колку средства потрошиле нивните претставници, одговор добивме само од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и од Министерството за здравство.

Во август 2022 во Женева отпатуваа дестетина луѓе за над 11.000 долари иако на сила беше одлука за штедење

Овој настан е одличен показател како Владата (не) ја почитуваше сопствената одлука за штедење при службени патувања во странство која подразбираше намалување на фреквенцијата на патувања како и намалување на бројот на членови на делегациите.

Одлуката за штедење беше донесена во март 2022 година и беше со времетраење до декември 2022 година.

Во тој период не само што не е забележано намалување на патувањата и на големината на делегациите, туку имало и патувања кои можат да се наречат како екскурзии или прошетки на државна сметка. Речиси без исклучок, кога на службено патување на иста дестинација оделе повеќе министри или премиерот придружуван од министри, секој од министрите си носеле свои службеници за односи со јавност и свои тимови на фотографи и сниматели, иако препораката за штедење беше стриктна дека во делегациите треба да има помалку луѓе за да се скратат трошоците.

Петровска потрошила 46 илјади долари за посета на САД

Освен патувањето во Женева, има и други примери што отсликуваат дека одлуката за штедење била само формална и никој не ја почитувал. Таков е случајот и со Министерството за одбрана. Само за едно патување во САД од 29 мај до 6 јуни 2022 министерката Славјанка Петровска и нејзиниот тим потрошиле 46 илјади американски долари. Од оваа сума 21.665 долари отишле за хотелско сместување, 19.798 долари за авионски билети и 4.661 долари за дневници. Патувањето, кое било во рамки на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД го споиле и со работна посета на САД, при што и покрај препораките на Владата за редуцирање на делегациите при патувања во странство, министерката била придружувана и од десет претставници од Министерството, меѓу кои и нејзината асистентка која на списокот фигурира како советник. Во состав на делегацијата патувале и посебен камерман и посебен фотограф за да ги документираат средбите и активностите на министерката Славјанка Петровска.

Патувањето во САД од 29 мај до 6 јуни 2022 година го чинело МО 46.000 долари (Извор: ФБ профил на Славјанка Петровска)

За Стратешкиот дијалог со САД 19.000 евра потрошил и министерот за економија Крешник Бектеши кој со себе на патувањето водел и тројца советници како и едно лице задолжено за Пи-ар, а 5.572 евра потрошила и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска за себе и за уште еден член на нејзиниот кабинет. Или вкупно, тројцата министри за тоа патување во САД потрошиле 67.170 евра.

Четворица министри во исто време патуваа со свои соработници во САД Состанок за стратешкиот дијалог со САД – фото извор: ФБ профил на Славјанка Петровска)

На таа сума треба да се додаде и трошокот на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ја предводеше делегацијата како и на членовите на неговиот тим. Меѓутоа, иако до Министерството за надворешни работи уредно испративме прашања за трошоците за патувањето според правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, од таму не одговорија ниту во законскиот рок, ниту подоцна кога се обративме усно во неколку наврати.

Друг пример е патувањето во Обединетите Арапски Емирати. На тоа патување реализирано во октомври 2022, освен премиерот биле и министрите Благој Бочварски, Љупчо Николовски и Фатмир Бесими. Никој, во име на штедењето не сакал да се откаже од задоволството да се прошета до оваа атрактивна дестинација.

Ковачевски, Бочварски, Николовски и Бесими се прошетаа до ОАЕ во октомври 2022 (Фото извор: Влада)

Слично е и со посетата на САД од 19 до 25 септември 2022 кога се одржуваше 77-то Генерално собрание на Обединетите Нации, при што на патувањето, освен тогашниот премиер Ковачевски и шефот на дипломатијата Османи, се приклучи и министерот за образование Јетон Шаќири. Со Ковачевски патуваше и неговата сопруга. Во делегацијата беа и шефот на кабинет на Ковачевски, Мартин Попов, како и советникот за надворешни работи Едмонд Адеми. И при ова патување, владиниот врв не се потруди во име на штедење да го рационализира тимот кој ги придружуваше, па така и Османи и Ковачевски си носеа свои пи-ар тимови составени од советници, кабинетски службеници и фотографи и сниматели.

Еден оди, сто води... на винскиот саем во Белград

Во периодот кога владата на Ковачевски бомбастично најави дека ќе штеди на патувања во странство и ќе ги редуцира делегациите, се случи и винскиот саем од 1 до 4 септември 2022 во Белград на кој се појави речиси половина Влада. Во бројната делегација освен Ковачевски, беа и министрите за правда, за транспорт и врски, за земјоделие и за култура, а на македонската вечер дојде и министерката за одбрана. Сите таму дојдоа со свои возила, обезбедување и пи-ар тимови, со исклучок на министерката за одбрана која дојде со својата асистентка, возач и обезбедување. За настанот да добие публицитет во домашната јавност, Владата организираше и плати превоз и за 40 претставници на медиуми на кои им плати и три вечери хотелско сместување.

Речиси половина Влада беше на Винскиот саем во Белград во септември 2022 година, со свои возила, обезбедување и пи-ар тимови (Фото извор: Влада)

И покрај уредно испратеното барање според правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, не добивме одговор од Владата за сумата која беше потрошена за овој настан во Белград.

Поединечните одговори што ги добивме од некои од Министерствата чии министри присуствуваа на настанот во Белград, говорат дека министерката за одбрана Петровска, која дојде само на македонската вечер и следниот ден имала и средба со српскиот министер за одбрана, заедно со својата соработничка, потрошиле 253 евра, при што во сумата влегуваат и 82 евра за секоја од нив за дневници, а со оглед дека Владата „честеше“ и 40 претставници на медиуми со бесплатно патување и три ноќевања во Белград, Министерството за одбрана партиципирало со 1,440 евра и за покривање на трошоците за новинарите. Владата побарала сите министерства подеднакво да учествуваат во тој трошок. Според слободна проценка базирана на владиниот заклучок дека сите министерства треба да платат подеднаков дел од трошокот за новинарите и дека тој дел изнесува 1.440 евра, и фактот дека на Саемот присуствуваа министрите за земјоделие, за одбрана, за правда, за економија и за култура, за транспорт и врски, за таа намена Владата потрошила најмалку 8.640 евра.

На саемот присуствувал и тогашниот министер за правда Никола Тупанчески кој бил со придружба од тројца луѓе од кабинетот: асистентка, возач и обезбедување. Притоа си наплатиле дневници секој по 144 евра, а министерот потрошил и 281 евра за репрезентација, или вкупно за одењето во Белград потрошиле нешто повеќе од 1.000 евра.

Групните патувања по сѐ изгледа се карактеристика на Владата. Такво било патувањето во јули 2022 во Тирана на владина делегација предводена од  вицепремиерот Фатмир Битиќи, во која биле и министерот за економија Крешник Бектеши, тогашниот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заменик-министерот за финансии Филип Николоски, заменик-министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини, националните координатори за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец и за регионална соработка Нола Исмајлоска, директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и советниците и раководители на сектори, кои престојувале два дена во главниот град на Албанија за договор за заедничко справување со кризата за храна и струја, како и за ризиците од пожари во текот на летото.

Брисел како корзо

Брисел, седиштето на Европската унија е една од најчестите дестинации, при што  понекогаш и покрај соопштенијата, не може да се види вистинската оправданост за посетата. На пример, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а сега прв вицепремиер во техничката Влада, кој најмалку еднаш месечно е во Брисел, во текот на штедењето имал и таканаречена официјална посета на Белгија, при што друштво му правела и министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска која на својот Фејсбук профил објави фотографии од прошетката низ Палатата на убави уметности, а соопшти и дека се сретнала со генералната директорка за образование, млади и спорт на Европската комисија, иако Костадиновска не е министерка за образование, туку за култура.

Од посетата во Брисел во јуни 2022 министерката Костадиновска -Стојчевска се пофали со прошетка низ Палатата на уметноста (Фото извор: Министерство за култура)

Владата не штедеше пари ни при патувањето за Брисел на 19 јули 2022, кога направи скапа пи-ар кампања по повод информацијата дека Македонија ги почнува преговорите за членство во Европската унија, кои подоцна беа блокирани поради нереализираните уставните измени. На тоа патување на 19 јули во Брисел,  освен тогашниот премиер Ковачевски и министрите на кои евроинтеграциите им се ресор Бујар Осман и Бојан Маричиќ, отиде и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и тогашниот министер за информатичко општество Адмирим Алити. Притоа не се штедеше ни на пи-ар тимови, а Владата за да му даде широк публицитет на настанот, финансираше патување и на повеќе медиуми, кои патуваа на буџетска сметка.

Премиерот и пет министри патуваа во Брисел на отворањето на преговорите, сите со свои тимови и со медиуми на буџетска сметка

Притоа, од МВР, освен тогашниот министер Оливер Спасовски во Брисел патувале уште тројца негови соработници при што за авионски билети, дневници и хотелско сместување се потрошени 4.263 евра како и за авионски билети и хотелско сместување за шест новинари се потрошени 5.777 евра или вкупно од касата на МВР се потрошени околу 10.000 евра за настанот во Брисел. Од МВР нѝ појаснија дека, согласно владин заклучок од 62-седница одржана на 21 јули 2022, трошоците за авиобилети и хотелско сместување за медиумите ги поделиле Службата за општи и заеднички работи на владата, Генералниот секретаријат, МВР, МНР, министерствата за култура, за информатичко општество, за политички систем и односи меѓу заедниците и Секретаријатот за европски прашања. Министерството за култура во трошокот за медиумските претставници партиципирало со 60.000 денари или нешто помалку од 1.000 евра.

Владата заборави на штедењето и кога замина за Турција министерската тројка Славјанка Петровска, Бујар Османи и Оливер Спасовски, предводени од премиерот Ковачевски, на литургија во Вселенската патријаршија. Настанот кој се случи во јуни 2022 имаше големо црковно и верско значење за Македонија, но беше издигнат и на политичко ниво, па дури четворица претставници на Владата заедно со нивни тимови отпатуваа за Истанбул. Од податоците што ги добивме по нашето барање според правото на слободен пристап до информации, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за одбрана Славјанка Петровска,  потрошиле вкупно 2.510 евра односно Спасовски кој со себе водел и член на неговиот кабинет потрошил 1.926 евра, а Петровска 594 евра, бидејќи хотелското сместување ѝ го платил домаќинот. Кабинетите на тогашниот премиер Ковачевски и на шефот на дипломатијата Османи, не одговорија на нашето барање за трошоците иако на тоа се обврзани со законот.

Сите патишта водат во Рим

Како егзотична дестинација се смета и Рим, па на патувањето за Свети Кирил и Методиј на 24 мај 2022, не се штедело при составувањето на делегацијата во која освен Ковачевски, биле и министрите Бујар Османи, Оливер Спасовски и Бисера Костадиновска Стојчевска, најмалку две пи-ар екипи (на Ковачевски и Османи), како и шефот на премиерскиот кабинет Мартин Попов и шефицата за информирање Ана Андреева. На владината екипа се придружиле и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и ректорот на УКИМ, кои се исто така буџетски корисници.

Само МВР одговори на прашањата за трошоците и бројот на оние кои патуваа на чествувањето на Св. Кирил и Методија во Рим во мај 2022 година (Извор фото: Влада)

Иако побаравме податоци од сите министерства чии челни луѓе биле на тоа патување, добивме одговор само до МВР, во кој се наведува дека за патувањето во Рим од 23-26 мај 2022 година се потрошени 16.163 евра. Освен тогашниот министер Оливер Спасовски на тоа патување му се придружиле уште шестмина соработници од Министерството. Од МВР објаснуваат дека посетата по повод чествувањето за Свети Кирил и Методиј се совпаднала и со официјалната средба со италијанската министерка за внатрешни работи што е и причина за високата потрошена сума на патувањето.

Иако одлуката за штедење била донесена само пред месец ипол, министрите кон крајот на април и речиси цел мај ја продолжиле истата динамика на странски патувања како и пред одлуката за штедење. Така, Љупчо Николовски бил во Италија на средба со тамошниот министер за земјоделство, Оливер Спасовски во Атина, министерот за образование Јетон Шаќири отишол дури до Шпанија – Валенсија на самит за наставничка професија, а вицепремиерот Битиќи си направил мини турнеја до Париз и до главниот град на Данска, Копенхаген на средби со дијаспората и на Конференција за човечки капитал и миграција.

Додека пак, Артан Груби дваесетина дена по одлуката за штедење бил и на Конгрес на Социјалистичката партија во Тирана.

И со штедење и без штедење ист број на патувања

Бројките покажаа дека тогашниот премиер Ковачевски за време на штедењето од 9 месеци бил на 20 патувања надвор од државата, додека првите девет месеци по истекот на одлуката за штедење, бил на 15 патувања, односно за време на штедењето тој патувал повеќе отколку во периодот по истекот на одлуката за штедење.

Уште подрастично е кај шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој во периодот на штедењето од 15 март до 31 декември 2022 година бил на 42 патувања надвор од државата, додека во деветте месеци по престанокот на одлуката (јануари-септември 2023) бил на 38 патувања. Притоа, важно е да се нагласи дека Македонија од 1 јануари 2023 го презеде претседавањето со ОБСЕ при што Османи ја извршуваше улогата на претседавач со организацијата што значи и поголема фреквенција на службени патувања во странство. Но, излегува дека тој во таа улога патувал помалку отколку во периодот додека Владата „штедеше“.

Ивановска: Некои институции функционираат како туристички агенции

Поранешната претседателка на Комисијата за борба против корупција и криминал Билјана Ивановска во коментар за Само Прашај вели дека доброто управување значи и домаќинско и домаќинско трошење на буџетските средства.

Ние своевремено дадовме предлог до кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска да водат сметка за службените патувања во странство, затоа што на оние назначени лица од Владата никој не им прави контрола дали патувањето е во функција на работата или не. Значи, никој не ги контролира. Да речеме, ако некој од вработените патува тогаш директорот или министерот одлучува или кажува дали е во ред или не е во ред, имаме двојна одговорност. Меѓутоа, ако функционерот сам одлучи дека сака некаде да патува, тогаш нему никој не му прави контрола дали тоа е во согласност со работата, па слушавме дека некои институции функционираат како туристички агенции. Мислам дека ако се сака да се работи подомаќински има повеќе вентили каде што може да се стегне, рече Ивановска.

Владата не одговори на прашањата за трошоците

За потребите на оваа истражувачка сторија испративме повеќе релевантни прашања до Владата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, за јавноста да добие детален увид колку самата Влада ја почитувала одлуката за штедење на службени патувања и редуцирање на составот на делегациите на патувањата. Одлуката беше донесена два месеци по стапувањето на сцена на Владата на Ковачевски. Податоците што ги баравме според правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, се однесуваа на повеќе патувања на Ковачевски, министри и членови на кабинети. Исто така, побаравме и податоци дали по завршувањето на штедењето владата донела заклучок или е направен извештај за ефектите од штедењето, но ниту на тоа прашање на добивме одговор.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Соња Крамарска, Ангела Рајчевска, Катерина Топалова Дејановска, Елица Бочвароска