fbpx

Воздухот од Хималаите никако да дојде во домовите во Карпош

Диви депонии на неколку метри од болници, од спортски објекти и од станбени згради, како и магла од отровен воздух заради кој граѓаните се принудени да „џогираат“ со маски е сликата која ја улови нашиот објектив во општина Карпош во новото продолжение од фото-серијалот „Скопје гадост ти ќе бидеш“ со кој Институтот за комуникациски студии се обидува да ги алармира надлежните и граѓаните за потребата од сериозни чекори против загадувањето.

На само стотина метри од станбени објекти, болници и хотел функционираат диви депонии во кои меѓу отпадоците и шутот можат да се видат кади, стар мебел, облека и што уште не
Помина повеќе од една година откако на локалните избори одржани во октомври 2017 година, Стефан Богоев беше избран за градоначалник на општинатата за да почнат да се реализираат предизборните ветувањата за чистење на дивите депонии. Општина Карпош неодамна ја затвори дивата депонија долж Кејот на реката Вардар, кај мостот „Газела“.

Станува збор за дива депонија во која се собираше отпад и шут, но се палеа и огнови на отворено кои придонесуваат за дополнително загадување на амбиенталниот воздух.

Сега прашање е уште колку време ќе помине додека од општината ги реализираат најавите за затворање на дивите депонии кај хотелот Александар Палас и спортскиот центар Борис Трајковски, а во кои меѓу отпадоците и шутот можат да се видат кади, стар мебел, облека и што уште не.

Жителите на општина Карпош редовно се будат во магла од чад и смог и мирис на пластика

Според објавените податоци на веб-страницата на општина Карпош во текот на годината во оваа општина има само 14 денови со магла, што е бројка за преиспитување ако се земат предвид бројот на денови во кои во повеќе населби од општината не се гледа прст пред око од чад и смог надополнети со мирис на пластика. Иако станува збор за една од општините во кои во изминатиов период во неколку наврати беше измерено присуство на рекордни 1.200 миркограми ПМ10 честички на кубен метар, што е 20 пати над дозволените граници од 50 ПМ 10 честички на кубен метар, наместо конкретни решенија за намалување на загадувањето од општината „борбата“ ја водат преку апели да не се палат огнови на отворено со закана за санкции.

Наместо системски мерки за сузбивање на загадувањето се спроведуваат ад-хок решенија за ублажување на негативните ефекти

Македонските политичари се многу гласни кога се во опозиција и не избираат зборови за критики кон владејачките гарнитури, што е разбирливо бидејќи тие треба да бидат главен коректив на власта.

И актуелниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев додека беше во опозиција бараше решителна акција против загадувањето. Тој, како пратеник на опозицијата од собраниската говорница порачуваше дека попусти се препораките за седење дома кога е загадено бидејќи граѓаните во домовите немаат воздух од Хималаите.

-Што вели Владата во однос на загадувањето? Владата вели седете дома и затворете ги прозорците. Па дали ако седиме дома ќе дишеме Хималајски воздух? Зарем вашите деца и вие лично дишете воздух од Алпите? Не. И вие и ние, и вашите деца, и сите граѓани на Република Македонија го дишеме истиот катастрофален, енормно загаден и штетен воздух во Скопје и поголемите градови - рече Богоев во однос на информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, на 74-тата седница на Собранието на Р. Македонија одржана во декември 2015 година.

Сепак, и по промената на власта, на граѓаните повторно им се нудат препораки кога е загадено да седат дома и јадат зеленчук и овошје. Прашање е дали општината сега набавила воздух од Хималаите, па барем кога се дома жителите на Карпош да бидат поштедени од загадениот воздух.

Тој и во својата предизборна програма вети дека ќе обезбеди чист воздух бидејќи „ништо не е поважно од здравјето на луѓето“.

„Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина. Создадовме план и проекти за зголемен капацитет и за професионална услуга на јавните комунални претпијатија, преку намалени трошоци за граѓаните. Се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, да вложуваме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти. Обезбедуваме услови за здрав живот за сите“, пишува во програмата.

Граѓаните се уште се сериозни во своите барања, а крикот за чиста животна средина никогаш не бил поголем, но депониите во Карпош бавно се чистат, а воздухот редовно е загаден над дозволените граници.

Содржините ги изработи Институтот за комуникациски студии. Видео и фотографија: Томислав Георгиев

Тагови: