fbpx

Трговски центар наместо Музеј на жртвите од скопскиот земјотрес

Политичките и бизнис интересите во Македонија се многу поважни отколку заштитата на културното наследство и сеќавањата на трагедиите како скопскиот земјотрес од 1963 година. Најдобар показател за тоа е што наместо Музеј на 26 јули до Старата железничка станица се гради мултифункционален деловно-станбен комплекс кој ќе го фрли во сенка овој споменик на културата.

Оркестрираното обезвреднување на Старата железничка станица што почна за време на претходната власт доби амин и од актуелната владејачка гарнитура. Имено, договорот за реализација на мултимилионски проект „Дајмонд“ на турската компанија „Лимак“ беше потпишан додека градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, а продолжува и сега кога во градоначалничката фотеља седи Петре Шилегов.

Снегот не е пречка за реализација на еден од најголемите градежни објекти во Македонија кој ќе има вкупна површина од 325.000 квадратни метри.

Старата железничка станица за прв пат била заштитена во 1975 година со решение за утврдување својство споменик на културата донесено од тогашниот Завод за заштита на спомениците на културата на град Скопје. Потоа врз извршена ревалоризација, Управата за заштита на културно наследство донела решение за прогласување на Старата железничка станица за значајно културно наследство на 15.07.2011 година.

На 24.06.2015 врз основа на елаборат за ревалоризација и предлог за променување на актот за промена на актот за прогласување на споменикот Стара железничка станица изготвен од Конзерваторскиот центар - Скопје, Управата за заштита на културното наследство го менува решението за прогласување на значајно културно наследство со што се вршат промени во границите на доброто и во режимот на заштита.

Soping mol namesto Muzej na zrtvite od skopskiot zemjotres 1

Чудни критериуми за менување на решенијата за заштита на Старата железничка станица

На нашето прашање со каква цел се направени измените, од Управата велат дека промените во поглед на просторната идентификација на предметното добро и неговата контактна зона се предвидени заради усогласување на фактичката со правната состојба.

-Имено, по донесувањето на актот за заштита токму за просторот што му припаѓа на заштитеното подрачје биле направени промени во поглед на неговата катастарска идентификација. Всушност, на предметниот простор била извршена нова парцелизација која приближно одговара на постојните граници така што се создадени услови за целосно изедначување на доброто со границите на оформените парцели. Промените во поглед на елементите на режимот на заштита особено во поглед на режимот од втор степен, предметен за самото заштитено добро, се дадени во развиена форма и ниво на разработка својствени повеќе за заштитно-конзерваторски основи за ДУП отколку за акт на заштита односно акт на промена - велат од Управата.

Оттаму додаваат дека таквото отстапување од стандардниот опис на режимот на заштита е направено во функција да се предочат специфичностите во поглед на конзерваторскиот третман.

-Имено, со промените на режимот на заштита се овозможува подобро вклопување на споменикот Стара железничка станица во променетата урбана структура од непосредната и пошироката околина. Во таа смисла, промените на режимот на заштита имаат за цел да обезбедат зачувување на постојната состојба, презентација и заштита од понатамошна деструкција на обрушените автентични делови од некогашната желзничка станица кои се наоѓаат во источниот дел на доброто, преку нивно покривање со кровна конструкција која ќе овозможи осветлување од горната страна. Исто така, промените имаат имаат за цел да обезбедат нивна поголема достапност и видливост за пошироката јавност, како и формирање отворен покриен изложбен простор надвор од постојната зграда на Музејот на град Скопје, источно од аулата и поврзан со неа преку сегашниот источен влез – велат од Управата.

Тешка машинерија предизвикува секојдневни потреси на зградата на Старата железничка станица која е дом на Музејот на град Скопје

Според нив, на овој начин ќе се создаде простор за презентирање на автентичните цртежи од фреската на Борко Лазески од холот на некогашната железничка станица исчезната во земјотресот од 1963 година.

-Сето ова не може да се постигне со режимот на заштита од претходниот акт, бидејќи на овој дел од доброто беше предвидена доградба за Музеј на 26 јули со која предметните остатоци би останеле во внатрешноста на тој објект и не би биле презентирани на најсоодветен начин. Исто така, промените во режимот на заштита имаат цел да обезбедат решавање на пристапот на возила до депоата на Музејот на град Скопје и пристапот на противпожарни возила и да овозможат непречен пешачки проток околу заштитеното добро – велат од Управата.

На нашето прашање дали постои ли можност Управата за заштита на културното наследство да интервенира со зголемување на степенот на заштита на овој објект, оттаму информираат дека во согласност со Законот за заштита на културното наследство, Управата донесува решенија за промена(изменување или дополнување) на постојно решение доколку настанат промени што се релеватни за содржината на актот за заштита.

-Актот за промена се донесува во иста постапка во која бил донесен и актот што се менува. Во конкретниот случај, тоа значи дека надлежаната установа Национален конзерваторски центар - Скопје треба да изврши ревалоризација на предметното добро односно преиспитување на стручно-научната заснованост на веќе извршената валоризација на заштитеното добро заради сообразување на правната и фактичката состојба настаната со релеватни промени по воспоставувањето на заштитата – велат од Управата.

Според постапката, Националниот конзерваторски центар – Скопје би требало да подготви елаборат за ревалоризација кој потоа го разгледува комисија формирана од Управата за културно наследство и предлог за донесување акт за промена (или престанок) на заштитата. Потоа, по претходно прибавени мислења од точно определени субјекти како органот на државна управа надлежен за уредување на просторот, органот за заштита на животната средина и други, Управата носи решение за изменување или дополнување на актот за заштита. Во претходната сторија на оваа тема веќе пишувавме дека Националниот конзерваторски центар се прогласи за ненадлежен за оваа материја.

Soping mol namesto Muzej na zrtvite od skopskiot zemjotres 3Донка Барџиева Трајковска, професор по историја на уметност и археологија вели дека актуелното раководство на Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар имаат механизми за ревизија за издадените решенија од претходната власт со кои се нанесени големи штети на културното наследство во земјава.

-Потребна е ревизија на сите решенија за заштита на културното наследство од претходната власт кога овие две институции работеа синхронизирано да се задоволат политичките интереси наместо стручните критериуми. Тоа е логичен чекор со кој граѓаните ќе имаат увид во сите спорни елементи при промената на решенијата за заштита на културното наследство – вели Барџиева Трајковска.

Soping mol namesto Muzej na zrtvite od skopskiot zemjotres 4Дивна Пенчиќ, професорка на Арихитектонскиот факултет вели дека евидентно е дека со секое ново решение се намалува значењето на објектот и не се третира пошироката околина, а тоа е основно.

-Второ, Старата железничка станица не е само објект кој треба да се заштити, тоа е симболично место врежано во меморијата на скопјани, меѓународно, како мемориско место за катострофалниот земјотрес 1963 и меѓународната заложба за помош на еден настрадан град. Таа е симбол на Градот на солидарноста. Трето, Музејот на Град Скопје одамна требаше да добие приоритет во градот Скопје, како значајна институција каде ќе се истражува, документира, чува и негува се` што е врзано со минатото, сегашноста и иднината на Градот Скопје. Моментало Музејот е на недозволиво ниско ниво и го има изгубено своето значење. Со новите дуп-ови, спротивно на оваа состојба, требаше да се овозможи поинаков и позначаен третман. Ова многу треба да му значи на градоначалникот Петре Шилегов! Четврто, навистина овој дел од градот требаше да биде планиран со конкурс, а не некоја инвеститорски ориентирана планерска фирма да го планира, без пошироки дебати и консултации. За овој простор, отсекогаш магнетот и јадрото била Старата железничка станица и Музејот на Град Скопје и така требаше да остане! Ова само ја покажува слабоста на немање визии и важни фокуси во целото раководење со градот! Петто, проектот Скопје 2014, е еден од виновниците за дефокусирање со бришење на некои меѓународни признати историски факти, а креирање „нова“ и непроменета идентитетска приказна! Со ова се дофокусира значењето на просторот околу Старата железничка станица и Музејот на град Скопје и се создаде нова идентитетска оска со новите „барокни“ изданија со евтина содржина – вели Пенчиќ

Soping mol namesto Muzej na zrtvite od skopskiot zemjotres 6

Поранешниот градоначалник на Скопје во 2012 година го потпиша договорот со „Лимак“. Премиерот Зоран Заев неодамна при презентацијата на објектот „Дајмонд“ изјави: „Во комплексот автентично ќе се вклопи и симболот на градот – Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје, кој ќе биде обновен и со поддршка на Град Скопје“.

Од Град Скопје не одговорија на нашето прашање дали имаат увид односно визуелизација како ќе биде вклопена Старата железничка станица во новиот комплекс, како и на прашањето каков е планот за реконструкција на Старата железничка станица.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар и фоторепортер: Владимир Николоски Снимател: Љубомир Домазетовски

Тагови: