fbpx

Малите „машини за пари“ поважни од рисот и пастрмката

Преспанската пастрмка, балканскиот рис, слатководните школки и ракови се само неколку од многуте загрозени видови во земјава на кои им се заканува исчезнување поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани дури и во заштитени национални паркови. Од реализацијата на ваквата стратегија најголема корист имаат компаниите кои добиваат загарантиран откуп на струја, меѓу кои како сопственици се јавуваат клучни политички фигури од власта и од опозицијата.

Извор: Blue heart/patagonia Недопрените убавини на нашата земја и Балканот на удар на хидроенергетското лоби

Повикувајќи се на студија од осумдесетите години во која се одредени 400 локации поволни за изградба на мали хидроцентрали, претходната Влада уште во 2007  година почна со издавање концесии. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика заклучно со 2018 година во земјава работат 96 мали хидроцентрали, а во фаза на изградба се уште триесетина вакви капацитети.

Екологиститe алармираат дека при издавањето на концесиите не се внимава на заштита на загрозените видови и воопшто на биодиверзитетот. Докази за тоа се презентирани во истражувањето на „Бенквоч“(„Bankwatch“)  под наслов „Уништени реки: Влијание на малите хидроцентрали поддржани од Европски финансии врз недопрената природа на Балканот“ кое е изработено во рамките на кампањата кампањата „Save the Blue Heart of Europe” раководена од фондацијата „Еуронатур“ („EuroNatur“) и друштвото за заштита на реките „Ривервоч“ („Riverwatch“). Во него се констатира дека за повеќето од хидроцентралите кои биле премет на истражувањето не е направена сеопфатна оценка на влијанието врз животната средина туку за нив е потребна само студија (елаборат) за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола. Праксата упатува на тоа дека мониторингот на хидроцентралите е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосно пресушување на водата во реките.

Посебно загрижувачки се наодите за изградбата и работењето на хидроелектраните на Брајчинска и Тресоночка река, кои директно го загрозуваат опстанокот на преспанската пастрмка и балканскиот рис

„Изградбата на „Брајчинска река 1“ е контрадикторна со целите утврдени во Законот за заштита на природата во Македонија. Таа е изградена во рамките на Националниот парк „Пелистер“ кој беше проширен и вклучува делови од горната котлина на Брајчинска река. Според истиот Закон, водите и водните живеалиште, што вклучува извори, водотеци и реки се сметаат за природно богатство и како такви треба да бидат зачувани во својата природна состојба. Не е разбирливо како во сите притоки на Брајчинска река е забранет риболовот, но сепак била дозволена изградба на хидроцентрали“, се вели во истражувањето на „Бенквоч“.

Оттаму укажуваат дека новоизградениот пат кај хидроцентралата „Тресонечка река“ или „Тресонче“ која се наоѓа во рамките на Националниот парк „Маврово“ го вознемирува подрачјето дефинирано како клучно подрачје за размножување на балканскиот рис.

„Овој пат уништи неколку хектари дабова шуми и овозможи пристап длабоко во добро зачуваната котлина на Националниот парк „Маврово“. Веднаш до патот има големо количество ископан материјал како и ерозија. Утврдено е драматично намалување на водната биолошка разновидност во делот помеѓу зафатот и машинската зграда. Веројатна причина за ова се долгите периоди без вода или недоволниот биолошки минимум. Утврдени се ендемски и претходно неопишани видови“, се вели во истражувањето.

Ваквите наоди го отвораат прашањето зошто се инсистира на искористување на хидроенергијата дури и по цена на уништување на загрозени видови и пресушување реки, кога има и други обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот.

Александра Бујаровска од невладината „Фронт 21/42“, која е македонски партнер на „Еуронатур“ и „Ривервоч“ вели дека актуелните важечки стратешки документи од областа на енергетиката (Стратегијата за развој на енергетика, Акциониот план за искористување на обновливите извори на енергија и слично) ги базираат своите сценарија главно на искористување на хидропотенцијалот и со тоа го трасираат патот за развој на хидроенергетски проекти многу повеќе одошто искористување на сончевата енергија.

„На пример, и најамбициозното сценарио предвидува производство на  5.301 GWh од обновливите извори на енергија во 2030 година од кои 4410 GWh од хидроелектрани, а само 56 GWh од фотоволтаици. Фаворизирање на хидроенергијата во споредба со сончевата енергија е евидентно и од фидин тарифите кои државата ги обезбедува преку подзаконските акти за поддршка на производство на електрична енергија од обновливите извори на енергија. На пример, за производство на електрична енергија од фотонапонските централи, вкупната инсталирана моќност за која може да се примени повластена тарифа изнесува вкупно 10 MW, односно 2 MW за фотонапонските централи со инсталирана моќност помала или еднаква на 50 kW и 8 MW за оние со инсталирана моќност поголема од 50 kW, а помала или еднаква на 1 MW. За хидроелектраните не постои никакво ограничување. Сето ова прави многу попогодна клима за инвестиции за хидроелектрани“, вели Бујаровска.

Таа информира дека со Еко-Мастер планот за заштита на реките на Балканот опфатена е анализа на 70 отсто од вкупната речна дренажа на Северна Македонија односно, анализирани се вкупно 5.658 километри. Согласно извршената процена, 4.647 километри, односно над 80 отсто од анализираната дренажна должина поседува високо конзервациско значење по однос на речниот диверзитет и висок хидроморфолошки статус.

„Реките кај нас се дом на ендемични видови инсекти, мекотели и риби коишто природно се ретки и се среќаваат само во една река или мал слив на река. На пример, Пелистерската пастрмка е ендемична во регионот и живее во Кранска и Брајчинска Река и таа е загрозена според Меѓународната унија за заштита на природата, а поради изградбата на хидроенергетските проекти на Брајчинска Река на нејзината популација сериозно и се заканува исчезнување. Хидроелектраните директно го загрозуваат опстанокот на пастрмките и речното ракче. Загрозувањето на екосистемите е уште поголемо и поизразено во заштитени подрачјата каде водниот екосистем обезбедува живот за голем број животински и растителни видови. Дополнително, хидроенергетските проекти со себе носат и градежна инфраструктура која вклучува патишта, канали, цефки итн. Сето ова претставува сериозен притисок на екосистемите во заштитени подрачјата и токму затоа Меѓународната Унија за Заштита на Природата во 2016 година усвои Резолуција со која побара од државите членки (меѓу кои и Република Северна Македонија) да забранат спроведување на хидроенергетски проекти во заштитени подрачја“, вели Бујаровска.

Во однос на прашањето зошто хидроелектраните и денес се презентираат као извори на чиста и зелена енергија кога истовремено се закана за живиот свет, Бујаровска вели дека секој вид на инфраструктура за производство на електрична енергија има одредено влијание.

„Ветерната енергија врз птиците, фотоволтаиците врз плодното земјиште, но хидро енергијата влијае врз цели екосистемите поради функцијата на водата. Токму затоа е важно планирање на проектите и целосна анализа на влијанието на истите врз природата. На пример, ветерниците не се поставуваат на коридори на птиците а фотоволтаичните централи не се поставуваат на земјоделско земјиште. За разлика од фотоволтаичните централи и ветерниците, за хидроцентралите во Република Северна Македонија нема никакво ограничување каде истите може да бидат изградени. Дури и зоната за строга заштита во заштитени подрачја, каде се забранети секој вид на активности освен научно истражувачка работа, кај нас не претставува пречка за изградба што се гледа во случајот со хидроелектраните во Маврово. Големите хидроелектрани одамна се избришани од листат на обновливите извори на енергија поради нивното влијание особено врз климата. За малите хидроелектрани важи правилото на воспоставување на зони каде и под кои услови истите може да бидат изградени односно, со воспоставување на заштитни зони на реките каде ваков тип на проекти нема да бидат дозволени“, објаснува Бујаровска.

Таа додава дека Владата мора да воспостави зони каде изградбата на ваков тип на проекти ќе биде забранета.

„На овој начин се обезбедува заштита на природата и екосистемите но и заштита на инвеститорите. Сведоци сме на хидроенергетски проекти и инвестиции кои пропаднаа токму поради конфликтот со природата. Во моментов Владата ја ревидира Стратегија за развој на енергетиката и овој проблем може да го адресира преку извештајот за оцена на влијанието врз животната средина. Ревизијата претставува одличен момент Владата да ја рефлектира потребата од дефинирање на заштитни зони за реките и истите да ги изземе од идни хидроенергетски проекти односно да обезбеди сигурни зони за спроведување на хидроенергетски проекти“, вели Бујаровска.

Со ваквиот став се согласува и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули. Според него, потрагата по обновливи извори на енергија треба да се насочи кон подрачја кои не се заштитени и во кои, со изградба на објекти за производство на електрична енергија нема да се загрози природата и биодиверзитетот, воедно потенцирајќи го значењето на хидропотенцијалот на реките.

„Она што како институции можеме да го направиме е да ја зголемиме меѓусебната координација меѓу Министерството за животна средина и Министерството за економија со граѓанските организации за соочување со предизвиците и изнаоѓање на заеднички решенија за проблемот со изградба на хидроцентралите, но со поголемо вклучување на науката“, изјави Макрадули на неодамнешната конференција на која беше промовиран планот за заштита на реките на Балканот.

Сепак, Владата продолжува со издавање концесии за мали хидроелектрани. Во 2018 година имаше производство од 96 мали хидроелектрани, а од нив 4 почнаа со работа во минатата година. Интересот за продолжување на изградбата на вакви капацитети меѓу инвеститорите е разбирлив ако се земе предвид дека според сегашната регулатива, операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи електричната енергија произведена од повластените производители на електрична енергија кои користат повластена тарифа. Од вкупниот број на мали хидроелектрани со поединечна  инсталирана моќност помала од 10 MW, само 17 се без статус на повластен производител. Во 2018 година вкупниот трошок за откуп на електричната енергија произведена од повластените производители кои користат повластена тарифа изнесува 2.384.985.534 денари или околу 38 милиони евра.

Клучни политички фигури меѓу главните играчи

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна се најдоа на тапет на Антикорпуциската комисија токму поради сомнежите околу начинот на кој биле доделувани концесии за мали хидроелектрани на компании каде што се јавуваат како сопственици односно косопственици. Забележително е дека станува збор за двајца професори на Машинскиот факултет, кои дел од кариерата имаат поминато и на високи директорски места во Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Анѓушев преку неговата компанија „Фероинвест“ е дел од конзорциумот кој доби концесија за 21 мали хидроелектрани. Меѓу другите, во негова сопственост е и една од хидроелектраните на Брајчинска река која го загрозува опстанокот на преспанската пастрмка. Мицкоски, пак, е сопственик на малцински удел во фирмата „Енерготек“, компанија која жители на Пехчево ја посочија како одговорна за уништување на природната средина во овој регион.

Владата одобри концесии за нови 18 мали хидроелектрични централи

Владата вчера, 14 мај 2019г. ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со евалуацијата на понудите за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрични централи, и донесе одлуки на 18 баратели да им бидат одобрени концесии, три понуди да бидат одбиени заради тоа што барале одобрување на концесии во заштитено подрачје, и една да биде одбиена заради некомплетна документација.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

ПОВЕЌЕ НА ИСТАТА ТЕМА:

Мали хидроелектрани, огромни штети по природната средина

Тагови: