fbpx

Чекајќи го пикот, заборавивме на транспаретноста за корона вирусот

Зошто се намалуваат рестриктивните мерки за движење на населението пред пикот на заразата од корона вирусот, кој се очекува на крајот на април или почетокот на мај е само едно од прашањата кои се поставуваат во јавноста откако Владата по предлог на Комисијата за заразни болести реши да го олабави таканаречениот полициски час. Иако може да се почувствува дека за повеќето македонски граѓани ваквата мерка доаѓа како воздишка и олеснување, што е разбирливо по 85-часовниот карантин за Велигден, сега голем број од нив се збунети бидејќи не е јасно кои се причините за подранетото олабавување на рестрикциите. Недоволната транспаретност и недостигот од научно поткрепени аргументи отвара простор за шпекулации и сомнежи дека политички, економски, па дури и верски мотиви се кријат зад последната одлуката на Владата. Замаглена е транспаретноста и кај јавните набавки поврзани со корона вирусот, каде поради вонредната состојба се суспендирани вообичаените практики и механизми кои би требало да обезбедат заштита од корупција и фер натпревар.

Причест со иста лажичка и оро сред град за полабав полициски час

Турканици пред банките, поштите и дел од маркетите во одредени делови од земјата, давање причест со иста лажичка во верските храмови, стотици приведени за непочитување на забраната за движење, па дури и оро на улица за време на полициски час ...Ова се само дел од карактеристичните случаи кои покажаа дека кај голем дел од населението и правните субјекти се уште не е доволно развиена свеста за потребата од почитување на правилата за заштита на личното и на колективното здравје кои се под закана од корона вирусот.

Поради тоа, добива на значење дилемата зошто Владата порано од очекуваното и во пресрет на пикот на заразата реши да ги намали рестрикциите. Имено, премиерот Оливер Спасовски на 20 април преку Фејсбук објави дека Владата подготвува сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала.

„Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш“, напиша Спасовски.

Ден подоцна, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев соопшти дека на седницата на кризниот штаб во рамките на владата предложил итно и неодложно намалување на времетраењето на ограничувањето на движењето за граѓаните.

„Моето барање за намалување на ограничувањето на движењето се однесува на сите граѓани, како и за младите лица и за лицата над 67 години. Во таа насока денес предложив досегашното ограничување на движењето во работните денови наместо од 16 часот да започнува од 19 часот, како и да се размисли за соодветно олеснување кое ќе се применува за време на викендите“, соопшти Чулев.

Истиот ден, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи објави дека во владиниот кризен штаб се разговарало за можноста временски да се намали ограничувањето на движењето за време на работните денови.

„Денес во централниот кризен штаб се разговараше за барањето полицискиот час од оваа недела да биде од 19:00 до 05:00 часот!“, објави Османи.

Истовремено, министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека уште не сме влезени во периодот кога пикот на најмногу заразени пациенти со коронавирусот е поминат и дека останува прогнозата дека врвот на епидемијата се очекува на крајот на месецот април или почетокот на мај.

Cekajḱi go pikot zaboravivme na transparetnosta za korona virusot 1Од 23 април, што би рекол народот „од нигде никаде“ мерките за забрана за движење се порелаксирани, а се зголемуваат барањата за лична заштита на населението.

Впечаток е дека со овој чекор Владата реши голем дел од одговорноста околу справувањето со корона вирусот да префрли на граѓаните. Иако голем дел од нив покажаа дека знаат што е одговорност и ги почитуваат мерките, останува можноста да станат жртви на неодговорни поединци и верски практики кои би требало да бидат недозволиви во услови на епидемија од смртоносна болест.

Проекции и анализи ама какви?

„Најновите проекции и анализи“. Ова се можеби најупотребуваните зборови од претставниците на Владата при презентација на мерките против корона вирусот, кои вообичаено се користат како подлога односно објаснување за причините за некоја нова или укинување на некоја стара мерка. Всушност, граѓаните досега не видоа стручно објаснета анализа и проекција во однос на ширењето на корона вирусот.

Малку поконкретни, но сепак недоволни објаснувања во однос на факторите и методологијата врз која се базираат анализите и проекциите за новите владините мерки изминативе два дена дадоа министерот Филипче и премиерот Спасовски.

Министерот Филипче појасни дека со новите рестриктивни мерки на движењето, целта е да се ограничат физичките контакти како на бројот на лица така и на бројот на денови со кои што еден потенцијално заболен контактира во еден одреден период.

„При анализа на тоа колку пациенти можат да бидат преносители на болеста на колку луѓе во нивната околина, се земаат предвид неколку фактори. Прво, бројот на контакти кои што ги имаат во текот на денот и колку денови со тие лица имаат континуиран контакт. За да еден пациент пренесе болест на еден заболен, треба да биде со него во контакт. Како се зголемува бројот на денови на контактирање, така се зголемува и ризикот тоа лице да заболи“, изјави министерот Филипче.

Премиерот Спасовски во интервју за Утрински брифинг во однос на релаксирањето на рестриктивните мерки потенцира дека станува збор за предлози кои стигнале од Комисијата за заразни болести базирани на неколку параметри: бројот на новозаболени, бројот на излекувани, старосната група и структура на оние што се носители на болеста.

„Овие одлуки што ќе се донесат на Влада апсолутно не се детерминирани ниту од какви било верски празници, ниту од какво било залагање на еден или на друг. Ако ги носевме мерките само заради тоа што некој предложил да се носи таква мерка или само заради тоа што им се допаѓа на одредена група на луѓе, тогаш тоа не се сериозни мерки кои ќе дадат резултат “, изјави премиерот Спасовски.

Маските станаа и марами и шалови

Од 23 април стапи на сила новодонесената Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од корона вирусот и заштита на населението за време на вонредна состојба, која е веќе објавена во Службен весник.

Од Министерството за здравство објаснија дека за заштита од корона вирусот на населението за сите граѓани започнува да важи уредбата на Владата за носење на лична заштитна опрема за носот и устата и која може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.

„Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари,отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично“, информираа од Министерството.

Оттаму додаваат дека носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата не е задолжително при престој во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.

„Носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата мора да биде проследено со зголемена хигиена на раце и граѓаните мора да се многу внимателни како се става, а како се вади прекривката како се манипулира заради тоа што и нечисти раце во надворешна средина при манипулацијата може да предизвикаат инфекција. Важно е редовно да се одржува хигиена на прекривката на носот и устата, односно да се пере и пегла прекривката за повеќекратна употреба по секое носење, а маските за еднократна употреба да се отстрануваат правилно во затворени кеси во отпад“, соопшти Министерството.

Cekajḱi go pikot zaboravivme na transparetnosta za korona virusot 2СЗО никогаш не препорачала масовна употреба на маски, туку укажува дека најважно е медицинските лица и болните да бидат заштитени на овој начин

Со оваа мерка, повторно голем дел од товарот се префрла кај граѓаните односно таа се базира нивната освестеност за опасноста од корона вирусот. Прашање е колку таа навистина ќе функционира во секојдневието. При тоа, мора да се земе предвид дека Светската здравствена организација препорачува здрави лица да не носат маски, што го отвара прашањето на што е базирана ваквата владина одлука.

Куманово ново жариште

Не треба да се заборави дека Владата почна многу одлучно во битката против корона вирусот и дека Дебар е пример дека привичните мерки за целосен карантин дадоа резултат. Но, од непознати причини истиот пристап не беше применет во Куманово, иако тамошниот Кризен штаб тоа одамна го бараше. Бројките на Институтот за јавно здравје покажуваат дека денес Куманово полека станува ново жариште на кризата.

Cekajḱi go pikot zaboravivme na transparetnosta za korona virusot 3Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Куманово со 239,7 заболени на 100.000 жители, Дебар (183,8/100.000) и Прилеп (132,2/100.000), додека инциденца над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Велес, Струга, Скопје, Штип и Кочани

На што се базираат ваквите промени на политиките во зависност од тоа за кој град се работи е уште една дилема која Владата треба ја расчисти. При тоа, треба да се обезбедат соодветна поткрепа и аргументирани одговори. Во спротивно, повторно ќе се создаде простор за шпекулации и слободни толкувања околу прашањето дали различниот пристап од град до град се заснова на медицински, економски или политички фактори.

Потребни се детални објаснувања кога веќе се нарушуваат човековите права

Со прогласувањето на вонредната состојба поради заканата од корона вирусот нашата земја дерогираше од Европската конвенција за човекови права. По тој повод, Институтот за европска политика (ЕПИ) неодамна објави анализа во која се укажува на потребата од транспаратеност и детално објаснување на секоја мерка која се носи во услови на вонредна состојба.

„Потребно е известување за околностите во врска со дерогирањето на јасен, недвосмислен и транспарентен начин. Ова вклучува известување за целта или целите кои се сака да се постигнат со поединечните мерки, како и проценката на државата за пропорционалноста, стриктната потребност и законскиот основ за истите. Транспарентност во врска со следењето на спроведувањето на мерките е потребна со цел да се има преглед врз континуираната потреба од нивно постоење“, се вели во анализата.

Во неа, се укажува дека во досега објавените и јавно достапни документи не може да се идентификува дали и како е направена проценката за влијанието на мерките, генерално и врз конкретни групи (ниту како се избрани групите за кои ќе се прави посебна проценка).

„Потребна е целосна транспарентност во врска со потребата, основот, целите, обемот и траењето на воведените ограничувања. Во оваа насока, особено значаен ќе биде извештајот кој Владата треба да го подготви и поднесе до Претседателот на истекот на 30-те дена од прогласената вонредна состојба. Овој извештај треба да даде придонес особено кон појаснувањето на целите на секоја од мерките поединечно, но и како кластери о целина, што е еден од елементите за кои досега не е јасно известено во јавноста. Притоа, треба да се има предвид дека пропорционалноста и неопходноста се елементи кои треба да бидат запазени за целото времетраење на дерогацијата. Од воведувањето на интерсекциска перспектива кон справувањето со кризата ќе произлезе и потреба за воведување на оваа перспектива и во рамки на механизмите за следење на дерогацијата. Ова значи зголемување на способноста на системот да ги препознае и да ги земе предвид, како и да одговори на различните ризици на кои различни лица се изложени.“, се вели во анализата.

Итните набавки посебна приказна

Центарот за граѓански комуникации го објави вториот извештај од мониторингот за итните набавки поврзани со заштита од корона вирусот во кој се укажува на низа аномалии и се бара поголема транспаретност при ваквите набавки.

Оттаму информираа дека досега се склучени 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Најголемата набавка е за респираторни машини, за што се потрошен и 909 илјади евра. Во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а најчесто се купува заштитна опрема и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи, ниту поединечните цени.

Cekajḱi go pikot zaboravivme na transparetnosta za korona virusot 4Пет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.

Во ЦГК укажуваат дека иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори, како и дека има голема шареноликост во цените на набавените производи.

Се препорачува договорните органи да настојуваат секогаш да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари, редовно, навремено и што е можно подетално да ја информираат јавноста за итните набавки поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата, да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето имајќи предвид дека причината за преговарање е итноста, а не заштитата на ексклузивното право на одредени фирми, да се истражува пазарот и да се гледаат примери од набавките на други институции коишто набавиле по пониска цена и вклучиле повеќе понудувачи во преговарањето.

„Да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени и да не се склучуваат договори со нереално високи цени, да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи имајќи предвид дека токму итноста на набавките ја оправдува примената на оваа постапка на директно договарање и детално да се образложуваат причините за секоја набавка во одлуката за набавката за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката, немал време за примена на други постапки и дека околностите за крајната итност во никој случај не можат да ѝ се припишат на институцијата што набавува“, се вели во извештајот на ЦГК.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии Новинар: Владо Николовски Фотографија: Томислав Георгиев

Тагови: