fbpx

Молк од Управата за заштита на културното наследство

Еден од поголемите проблеми во однос на заштитата на Чаршијата е што надлежностите се поделени меѓу повеќе институции. Затоа, освен од општините,  одговори за оваа проблематика побаравме и од Националната установа Конзерваторски центар, Управата за заштита на културното наследство, Владата, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за економија, но и од фирми кои учествуваат во обновата на Чаршијата.

Од дел од одговорите, впечатокот е дека постои галиматијас во однос на одговорноста за состојбите во Чаршијата, дека таа лесно се префрла од една на друга институција, но и дека постои општа неволност да се тргнат административните бариери за да се најде соодветно решение за ефикасна заштита на културното наследство.

Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 1 1

Според законот, урбанистичките планови за чаршијата се изработуваат врз заштитно-конзерваторски основи кои се вградуваат во плановите. 

Во НУ Конзерваторски центар, на прашањето колку конзерваторски одобренија се издадени за периодот 2008 – 2020 година за објекти во Старата скопска чаршија, ни посочија да се обратиме до Управата за заштита на културното наследство(УЗКН).

„Постои разлика помеѓу побарани и одобрени, не навлегувајќи дали истите ќе  коренспондираат. Конзерваторски одобренија издава УЗКН“, велат од Центарот.

Прашавме и дали во овој период од дванаесет години има урнати дивоизградени објекти поради укажувањата на Националниот конзерваторски центар. Оттаму велат дека тие само доставуваат извештај за понатамошни постапки. 

„НУ Конзерваторски центар - Скопје доставува извештај со фотодокументација од направен увид на преземање на градежни и останати изведбени активности на дуќани со улица, број и катастарска парцела кои ја немаат спроведена законската постапка и истиот го доставуваме до Управата за заштита на културното наследство - инспекциски служби. Понатамошната постапка ја спроведуваат останатите институции т.е. УЗКН, во согласност со надлежностите, постапката за рушење – уривање  ја проследува до следната инстанца, а тоа е Државниот градежен инспекторат. Колку има урнато нелегални градби за периодот 2008 – 2020, обратете се до УЗКН како подносител на барањата и до Државниот градежен инспекторат како извршител за целисходен одговор“, велат од Конзерваторскиот центар.

Во однос на бројот на извршени археолошки истражувања на места предвидено за градба/реконструкција од 2008 година досега и во однос на тоа што е констатирано, оттаму велат дека по основа на поднесено барање во периодот од 2008 – 2020 година се извршени само пет заштитно конзерваторско-археолошки истражувања.

„Во зависност од локацијата пронајдени се на две локации гробни места, едно од отоманскиот период  и едно од христијанскиот период, додека на останатите се пронајдени подни темели“, велат од Центарот.

Прашања поставивме и до Управата за заштита на културното наследство, која е една од најодговорните институции кога е во прашање заштитата на Старата скопска чаршија.

Меѓу другото, прашавме колку дозволи за градба се побарани и дадени за Чаршијата од 2008 година наваму, колку нелегални градби се констатирани на терен и кој ги прави, колку од нив се стопирани или урнати, какви објекти може да се градат во контактните зони. До објавување на истражувањето , оттаму не одговорија на ниту едно прашање.

Ако нема забелешка од Катастарот, нема заштита

По многубројните реакции во јавноста за негативните глетки во Чаршијата, Владата  побараа  од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши контрола на дивоизградените објекти во Старата скопска чаршија. 

На седмата редовна седница  во февруари Владата не го прифати приложениот извештај на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и го задолжи да изврши нов увид на бесправно доградените објекти во јадрото на Старата скопска чаршија. На нашето прашање со какво образложение е вратен извештајот не добивме конретен одговор.

„Владата го задолжи Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши нов увид на бесправно доградените објекти во јадрото на Старата скопска чаршија. Во врска со оваа точка, Владата ја задолжи Агенцијата за катастар да достави визуелен приказ на заштитеното јадро и да ги маркира објектите за кои постои сомневање дека се бесправно доградени“, соопштија од Владата.

Од Инспекторатот го добивме извештајот од новиот увид во бесправно изградените објекти. Меѓу другото, оттаму, за две градби на кои се работи, констатирале дека се лоцирани во границите на заштитеното подрачје, но дека Агенцијата за катастар на недвижности во евиденцијата не ставила забелешка дека се составен дел на Старата скопска чаршија како културно наследство од особено значење и дека имаат статус на културно наследство од соодветна категорија, што според Инспекторатот е спротивно на членот 5 од Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење. 

Една од овие градби е на катастарската парцела 9438, што според географскиот информациски систем е објектот на поранешна „Менада“.

„За објектот лоциран на КП 9438 КО Центар 1, утврдено е дека се врши надградба на постоен објект, за конкретното поведена е управна постапка и донесено е решение за отстранување“, пишува во извештајот на Инспекторатот од 4 мај.

„Само прашај“ од Инспекторатот побара и конкретен одговор зошто сè уште нема активности за уривање на објектот кај „Менада“, но оттаму ни рекоа дека изготвувањето на управниот акт е во постапка.

„Информација од документ што е во постапка на подготвување и сè уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината“, велат од Државниот инспекторат, од каде што информираа дека управни постапки се поведени и за други објекти, како, на пример, за парцели каде што како иматели се јавуваат „Буши фашион“ ДОО Скопје, извесен Бранко Сотировски и државата.

Од Инспекторатот во извештајот напоменуваат дека за секоја градба која се наоѓа во опфатот на споменичката целина Стара скопска чаршија, потребно е да се изврши катастарска евиденција со забелешка дека градбата претставува културно наследство од особено значење и дека има статус на културно наследство од соодветна категорија.

Нашиот тим побара одговори на прашања од јавен интерес и од Катастарот, за тоа до каде е реализацијата на визуелниот приказ на заштитеното јадро, за колку објекти постои сомневање дека се дивоградби, дали е вршена пренамена во однос на габаритот на објектите. Оттаму побараа целата постапка да се одвива преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, и иако го сторивме тоа, досега до нашата редакција не се испратени одговори.

Новинар: Мартин Пушевски

  Целата приказна може да ја прочитате ТУКА  

Тагови: