fbpx

Политиката настрана, има решенија

Задоволувањето на политичките, националистичките и бизнис-интересите се главната причина за узурпацијата на Чаршијата, во која се години се туркаат проекти кои ќе донесат гласови или високи профити за поединци. Институциите со години потклекнуваат на ваквите интереси наместо да опстојат во почитувањето на стручните критериуми при планирањето и развојот на Старата скопска чаршија. Сепак, решенија за Чаршијата има, доколку политиката ги тргне рацете од ова културно наследство.

Даница Павловска вели дека политичките игри околу Чаршијата навистина ги потенцираа потребите и интересите на профитот и капиталот.

Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 3 1„Па можеме да ја спомнеме и мафијата како еден од значајните фактори коишто влијаат врз едно асинхроно и несоодветно растење на Чаршијата. Мислам дека постојат и сега инструменти за спроведување на нејзина заштита. Предлог којшто го сметам за конструктивен и го изнесувам како еден механизам би било едно управно тело, нешто како куќен совет, коешто ќе се грижи за Чаршијата како единство, како едно нешто, со заеднички интерес и со имиџ којшто не смее да се нарушува. Значи, според строгите правила на конзервација и реставрација и не само тоа, тој орган би требало да се грижи за одржливиот развој, за следење на трендовите, не само за она што е во моментот како живот и пулсирање, туку и за она што би требало да следи за утре, за нејзината иднина. Можам да препорачам во идните чекори да постојат проверки уште во програмскиот дел во осмислувањето на просторот на чаршијата, стручни и јавни расправи, дебати и промислувања, собирање предлози и сугестии, за да можеме низ таа разноликост, низ тие различни пристапи, некогаш да дојдеме до некое решение кое ќе обезбеди и една поквалитетна стратешка цел. Ги исклучувам и не можам да ги прифатам политичките игри коишто се прават секаде каде што е можно да се гради, па и во Чаршијата, односно да се испрофитира, и локалната управа со своите апетити, вклучувајќи ги тука бизнисмените и оние коишто сакаат да вложуваат во вакви простори мораат да бидат под висока контрола.  И, што е најважно, во случај на некакви недозволени интервенции, да постои некоја строга егзекутивност. Да не се дозволи таму неконтролирано или без надзор на соодветна стручна контрола. Во Стара чаршија не смее ништо, ама баш ништо не смее да се измени без таква висока контрола“ , вели Павловска.

Професорката Дивна Пенчиќ вели дека препораките што ги имаше во законот и во програмата за заштита на Чаршијата мора повторно да се ревидираат, да се зајакне нејзината заштита и дека тоа мора да оди на владино ниво, значи на ниво на државата.

„Не може Општина Центар или Општина Чаир да одлучува што ќе се гради или што ќе се прави таму. Мора да постои тело кое исклучиво ја работи Чаршијата, да не речам јавно претпријатие, сега не е многу популарно тоа, или конзерваторските центри да си ја преземат улогата и да има добро менаџирање. Она што е друго клучно, покрај тоа како ќе се менаџира, ќе се планира и ќе се проектира, е многу силно финансирање. Мислам дека за тоа има сериозни европски и светски пари. Сега во одржливите светски цели е актуелна заштитата на културно наследство. Чаршијата наша заслужува дури да стигне на ниво на светско културно наследство, за тоа може да се добијат финансиски средства, да влезе на мапата на светски заштитени културни подрачја бидејќи е најголемата по истанбулската Капали-чаршија. Така што, на таа карта ние можеме многу сериозно да одиграме за управување, раководење и подобрување на условите, ревитализација на Чаршијата“, вели Пенчиќ.

Новинар: Катерина Топалова

  Целата приказна може да ја прочитате ТУКА