fbpx

Македонија од 1 септември сака да биде Финска, но...

Никој не ги прашал наставниците и директорите од основните и средните училишта што мислат за начинот на кој треба да се организира наставата во новата учебна година, иако тие најдобро ги познаваат сите маани на македонското образование. Дел од нив негодуваат бидејќи наместо да се искористи летото за сериозни анализи и подготовка на наставничкиот кадар за работа во специфичните услови коишто ги донесе корона вирусот, се’уште не се знае како ќе функционира наставата. Според најавите, Македонија ќе го следи примерот на повеќе европски земји коишто планираат воведување комбинирана настава. Во игра се повеќе модели кои предвидуваат враќање на учениците во клупите, скратени часови, намален број на ученици во училниците, обврска за носење заштитни маски, но и онлајн настава во местата со голем број заразени од корона вирусот.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1Ваквите комбинаторики и неизвесноста создаваат недоумици кај наставничкиот кадар, но и кај родителите. Кој ќе гарантира дека ќе се почитуваат мерките за заштита во училишните дворови? Како наставниците и децата ќе зборуваат и по неколку часа во денот со маски на лицето? Што ќе се случи ако физичкото присуство во училниците предизвика разгорување на заразата од корона вирусот?...Ова се само дел од прашањата коишто предизвикуваат главоболки во пресрет на септември.

Децата не може да се затворат во „стаклено ѕвоно“

Министерството за образование и наука деновиве пред Комисијата за заразни болести презентира неколку модели за настава. Комисијата треба да одлучи кои од нив се прифатливи и ќе станат практика во новата учебна година. Елизабета Наумовска, заменик-министерка за образование вели дека заеднички став на Министерството и на Комисијата е дека учениците мора да се вратат на училиште.

Работната група која ги изработила моделите на настава и протоколите за безбедност работела од 7 мај, годинава. Наумовска вели дека еден од моделите предвидува физичко присуство на ученици, со скратени часови и поделба на учениците во помали групи. Часот би траел 20 минути, а во училница би имало по најмногу 15 ученици, зависно од големината на просторијата. Меѓу секоја смена на ученици ќе треба да се дезинфицираат училниците и ивентарот. Сите ќе мора да носат маски постојано додека се на училиште. Таа уверува дека наставниците нема да работат прекувремено.

„И Бугарија, Србија, Хрватска го прават истото. Пандемијата очигледно ќе потрае, ние не можеме во стаклено ѕвоно да се затвориме. И сега децата се движат и се дружат на отворено, а се разбира дека треба да ги почитуваат мерките што се на сила“, вели Наумовска.

Таа открива дека постои опција во различни градови и региони, па дури и училишта во иста општина, да се применува различен начин на настава. Сѐ ќе зависи од тоа колку ученици има во училиштето, дали има услови за сменско работење, одржување хигиена, колку заболени има во тој регион и слично. Наумовска укажува дека еден избран модел не мора да се применува цела година во училиштата.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1„Ќе им оставиме поголема слобода на директорите да си формираат свои тимови во училиштата кои ќе направат добар распоред. Сѐ ќе зависи од епидемиолошката слика. Ние ќе бидеме подготвени и за онлајн-настава. Па, ако во едно училиште се заразат повеќе ученици, или пак, има зголемен број на заболени во тој регион, веднаш ќе се прекине наставата со физичко присуство“, вели Наумовска.


Во оние училишта во кои има поголем број на ученици и нема да може да се поделат во смени, ќе се понуди модел на комбинирана настава. Учениците ќе ротираат со наставата. Една група ќе оди еден ден во училиште, а втората ќе има онлајн-настава.

„Три дена на училиште, два дена дома, ќе биде опцијата за преполните училишта“, вели Наумовска.

Од дома ќе учат децата со хронични заболувања. Секое училиште ќе треба да направи план за онлајн-настава и да избере платформа за дигитално учење.

„Мора да сме спремни и на тоа дека во секое време може да се промени епидемиолошката слика и дека ќе мора да се вратиме на онлајн-настава. Затоа, секое училиште ќе избере платформа која наставниицте и учениците ќе мора да ја совладаат добро. Ова е планот и во случај ако цело или повеќе одделенија мора да одат во изолација“, вели Наумовска.

Сличен концепт во Финска

Настава во училиште ќе има во речиси сите европски земји, но со посебни мерки и протоколи. Одржување дистанца, намален број на ученици во класови, носење маски. Исто така, сите се подготвуваат и за онлајн-настава во случај да се разгори кризата со коронавирусот. За оваа проблематика разговаравме со Лора Ниеми, виш специјалист во Министерството за образование и наука на Финска, која важи за една од земјите со најдобар образован систем во светот.

Таа вели дека Законот за основно образование и Законот за европско училиште на Хелсинки се привремено изменети и дополнети. Ниеми објаснува дека дополнувањата им овозможуваат на образовните институции да се префрлат на примена на вонредни мерки кои произлегуваат од пандемијата со коронавирусот.

„Предложените измени ќе обезбедедат безбедно одвивање на наставата од есента 2020.

Овие законски измени стапија на сила на 1 август 2020 и ќе се применуваат до 31 декември 2020. Оваа есен основното образование, ќе биде организирано на локално ниво. Доколку, наставата не може да се организира според дадените упатства за безбедност, хигиена и санитарни услови, ќе може да се пренесе на друго место со одлука на општината. Во овој случај, за да се обезбеди безбедно учење, може да има ротирање на настава во училиште и учење од далечина. Односно некои групи да можат да учат од далечина и да се ротираат со други групи“, вели Ниеми.

На учениците им следува оброк во училиштата, поддршка во учењето и присуство на училиште и едукација за социјални придобивки во време на вонредни ситуации. Се одржува дистанца, така што бројот на учениците во одделенијата е намален.

Ниеми вели дека во Финска не постои национална платформа за учење на далечина.

„Не постои само една онлајн платформа која се користи во финските училишта, така што, таа е различна во зависност од училиштето и општината“, вели Ниеми.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1

Во Македонија се доцни, наставниците не се информирани

Иако надлежните тврдат дека се подготовени за секакво сценарио, во тоа не се убедени просветните работници. Тие замеруваат дека немаат никаква насоки за наставата иако новата учебна година е на прагот. Дел од нив сметаат дека не биле доволно вклучени во носење на одлуките.

Наставничката Марија Дончева од основното училиште „Никола Карев“ во Кочани прашува зошто се преземаат модели од земји кои се далеку пред нас со здравствени капацитети и имаат високо развиена свест и култура.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1„Како ние можеме да се мериме со нив? Ние сме родители и наставници. Како наставници подобро ја согледуваме ситуацијата. Знаеме колку децата почитуваат мерки и со кои капацитети располагаме во училиштата. Дел од прашањата на кои треба да добиеме одговор се: Дали ќе се укине кабинетската настава за да не се разнесуваат вирусите од една во друга просторија? Дали ќе се делат маски на децата од ранливи категории? Како ќе се одржува дистанца во тесен ходник и на одмори? Дали децата вадејќи и ставајќи ги маските со нечисти раце, при јадење и пиење, нема да направат полошо? Што е со учениците кои патуваат?“, прашува Дончева.


Според неа, без оглед каква ќе биде одлуката за наставата од септември, присилното воведување виртуелна настава во минатата година ги разоткрила сите маани во македонското образование, коешто е пред колапс. Наставниците не можеле преку ноќ да се вклопат во новиот начин на работа бидејќи никој не ги обучил за онлајн-настава и можностите за подучување. Таа вели дека не се сеќава кога последен пат бил одржан семинар кој ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на наставата.

Некои од наставниците, пак, биле убедени дека наставата ќе се одвива онлајн и во новата учебна година.

Аида Петровска, наставничка по физика во ОУ „Димитар Миладинов“ вели дека многу наставници потрошиле многу од слободното време и многу денови од колективниот годишен одмор за да се подготват за предизвикувачкиот старт на учебната година и да истражат многу платформи и веб алатки за онлајн наставата да ја направат попривлечна и поинтересна

Повторно импровизации?

Професорката Елизабета Секирарска, од средното економско училиште „Перо Наков“ од Куманово вели дека со оглед на тоа дека МОН во моментов сѐ уште не излегува со конкретни насоки по основ на тоа како ќе се старува во септември, „базата” сѐ уште не знае како ќе функционира воспитно-образовниот систем.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1„Знаеме дека МОН изработи концепт и акционен план за учење од далечина, и дека се разработуваат неколку опции за новиот старт, од враќање во клупите со почитување на протоколите, работа во смени, комбинирана настава од типот на настава „во живо” и онлајн, како и целосна настава во онлајн формат. Но, се доцни со конкретни чекори и подготовки, затоа што новиот старт е на прагот и ние како фела, но и децата и нивните родители сме во состојба на исчекување, дилеми и недоумици“, вели Секирарска.

Таа се надева дека нема да има импровизации во наставата како лани и дека МОН ќе креира решенија за наесен според реалните околности и во нивен контекст ќе се избере опција која ќе одговори на приоритетот - во фокус да бидат децата и нивната безбедност.

Директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, Митко Димовски вели дека единствено што знае е дека се работи на план за работа и протоколи. Дел од моделите се познати, но надлежните сѐ уште не им дале инструкции како да постапуваат и како да се подготват. Тој вели дека подготовките можеле да бидат и подобри. Онлајн-наставата, според него имала одредени аномалии, особено кога учениците требало да одговараат за оценка или требало да решат онлајн-тест.

„Прашање е колку тие сумативни оцени можат да бидат и објективни. Можеби за предавањата е во ред иако таа интеракција која треба постои меѓу учениците, но и меѓу професорот и ученикот е на незавидно ниво. Не можеме целосно да се предадеме на дигиталниот свет бидејќи ќе станеме социјално оттуѓени, а воспитно-образовниот процес тотално ќе ја изгуби својата цел“, вели Димовски.

Според Димовски најдобро е да се понуди комбинирана настава, модели кои ги имаат повеќе земји.

Makedonija od 1 septemvri saka da bide Finska no 1„Учениците да се вратат во школо, да се работи по скратени наставни програми, редуцирана настава од септември до средина на ноември 2020 година и од април до јуни 2021 година. Тоа би значело дека учениците ќе доаѓаат во групи и би се менувале на неколку дена или една недела, а часовите да не траат повеќе од 30 минути. Во месеците помеѓу ноември и април училиштата да имаат план за настава преку далечинско учење со утврден распоред. За време на наставата во училиште, да се почитуваат мерките и препораките за заштита од Ковид 19“ – вели Димовски.

Поделени мислења кај родителите

„Битките“ за мислења какво образование ни треба од 1 септември се водат и на социјалните медиуми. Дел од родителите се за онлајн-настава, други да се тргне на училиште.

„Дефинитивно сум за тргање на училиште од септември бидејќи од искуството со ланската онлајн-учебна година сфатив дека на мојата ќерка многу и недостасува директниот контакт со наставничките и со учениците, како за учење, така и за социјалниот развој. Од физичкото присуство во училиште не се плашам затоа што децата веќе научија како треба да се однесуваат и да се заштитат, самите се свесни и ги применуваат мерките. Но, за од септември се плашам како ќе се организирам со едно прваче и со третоодделенка кога ќе нема целодневна настава. И јас и сопругот сме вработени, така што нема кој да ги зема од училиште во различни смени со скратени часови и да седи со нив дома. Тоа е мојата најголема грижа во моментов, а верувам и на многу други родители“, вели Даница Тунтевска – Вујовиќ.

Од другата страна се родителите коишто сметаат дека здравјето на нивните деца ќе биде загрозено доколку тргнат на училиште и дека никој не може да гарантира дека ќе се почитуваат мерките за заштита што само ќе допринесе да се разгори кризата со корона вирусот по почетокот на учебната година.

Ако се земат предвид досегашните искуства на непочитување на мерките за заштита од младата популација, како и најавата на здравствените власти дека од септември не’ очекува нов засилен бран на епидемијата, се чини дека стравувањата на родителите се повеќе од оправдани.

Повеќе модели и во соседството

Според последните изјави на српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ децата и родителите во Србија, самите ќе избираат како ќе учат. Но, ако се одлучат за онлајн-настава ќе мора да дојдат во училиште само да одговараат за оценка.

Учениците кои ќе одат на настава во училиште, ќе имаат неколку смени, часовите ќе траат 35 минути и сите ученици ќе имаат само по 4 часа. Во една училница ќе има најмногу 15 ученици и сите ќе треба да носат маски.

И во Хрватска, целта е сите ученици да одат на училиште. Подготвени се три модели, еден со целосно физичко присуство на учениците со посебни мерки како одржување дистанца, носење маски и скратени часови. Вториот модел е комбинирана настава, при што часови во школо ќе има за учениците во пониските одделенија и оние во завршните години во основно и средно, а онаму каде што има просрни услови учење во смени за сите ученици. Третиот модел е целосна онлајн-настава.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Милена Атанасоска - Манасиева
Фоторепортер: Томислав Георгиев