fbpx

Наставничка го „доведе“ Бил Гејтс на час во Неготино

Здравствената криза што ја предизвика пандемијата од корона вирусот на површина ги извади сите слабости на македонското образование, но истовремено покажа дека во Македонија има наставници коишто сериозно си ја сфаќаат професијата и не чекаат помош од институтиците. Тие се свесни дека имаат моќ да ги инспиририраат свои ученици и колеги и да разбудат нешто во нив, што ќе ги направи подобри и поуспешни граѓани. Овие наставници имаат многу титули и сертификати стекнати низ годините посветени на професионално усовршување и стекнување дигитални компетенции. Нивните ученици се среќни што ги имаат, но образовните институции мора да најдат начин, да овозможат услови и да мотивираат што поголем број просветни работници да се стремат кон вакви успеси и знаења. Во спротивно, голем дел од нашите ученици ќе сметаат дека онлајн-наставата значи испраќање домашни задачи по електронска пошта или месинџер.

Многу прашања за Бил Гејтс од учениците во Неготино

Наставничката Георгина Димова, веќе 19 години предава информатика. Таа работи во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино и секоја година има околу 300 ученици. Веројатно не постои ученик што не би сакал токму таа да му предава, бидејќи кај неа часовите се интересни, интерактивни, а виртуелно се патува до многу интересни земји и се запознаваат несекојдневни личности.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 1Нејзини ученици имале можност да разговараат со Бил Гејтс

„Во периодот од март до јуни со учениците од информатичката секција се вклучувавме на онлајн часови за програмирање. Настаните ги организираше code.org (коде.орг). Со регистрирањето, наставникот добива линк со кој се вклучува на часовите во живо. На часовите секогаш имаше по некоја интересна личност со која учениците можеа да се запознаат како на пример Бил Гејтс, актерката Јара Шахиди и креаторот на Google sheets (Гугл шитс), Фази Хосрошахи. Учениците уживаа во овие средби, секако многу прашања имаа за Бил Гејтс“, вели Димова.

Таа всушност редовно работи на проекти со коишто учениците имаат можности да се запознаваат со нивни врсници од други држави, со експерти од најразлични области, да научат за другите култури и обичаи. Веќе три години по ред нивното училиште учествува во „Skype-a-thon“ (Скајпатон). Станува збор за 48 - часовен настан на кој учениците со користење на „Скајп“ се поврзуваат со ученици од цел свет. Настанот го организира „Мајкрософт“. Димова објаснува дека наставникот треба да биде регистриран на образовната платформа на „Мајкрософт“ за да учествува и преку неа се прават закажувањата на повиците.

„Најчесто се игра „Мистери скајп“ во која преку поставување на прашања од типот да/не, учениците треба да погодат од која држава се учениците од другата страна на „Скајп“. Училиштата што учествуваат прават распоред на повиците и се договараат меѓу себе во кој термин ќе биде повикот. Учениците не знаат со кого се вклучуваат и треба да погодат. По играта учениците најчесто ја презентираат својата држава, традициите, традиционална музика и слично. Сме гледале тајландски танцови, индиски песни, имаме учено за шведските јунаци, се поврзавме и со прифатилиште за деца родени со ХИВ во Африка итн. И ние исто така презентираме наша македонска музика, традиционална храна и традиционални предмети. Учениците го вежбаат англискиот јазик, стекнуваат самодоверба во јавно говорење, учат за другите култури, но учат и како да ја почитуваат сопствената култура. И сето тоа од училницата со користење на дигитални алатки“, објаснува таа.

Димова е и една и од основачите на Неделата на информатиката – настан за промовирање на информатиката во основните училишта. Со колешката Маја Виденовиќ веќе 8 години организираат работилници, настани кои наставниците ги реализираат во своите училници.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 2„Оваа година околу 40 училишта се вклучија во акцијата. Имавме работилници за програмирање за 2,3,4 и 5 одделение, а за учениците од 6-9 одделение натпревар во Escape room (Соба за бегство), нов метод за учење кој се’ повеќе го добива своето место и во нашите училници. Кога се случи пандемијата изработивме и дигитална соба за бегство преку која учениците од своите домови повторуваа за алгоритми. Овој настан во 2017 беше прогласен за најдобар настан за промовирање на науката на Stem Discovery Week (Стем дисковери вик)“.

Сѐ што работи, Димова го споделува преку нејзиниот блог и секако преку социјалните мрежи.

Корисни информации од блогот „Научи информатика“


Обуките за наставниците обично се за онлајн-алатки за видео комуникација – „Зум“, „Тимс“ како и алатки за креирање на онлајн содржини – „Вејклет“ и „УанНоут“.

„Информациите за настаните се споделуваат на социјалните мрежи. Потоа информацијата се пренесува од еден на друг наставник. Наставниците коишто сакаат да присуствуваат се пријавуваат преку формулар. Потоа добиваат линк преку којшто можат да се приклучат на настаните. Најчесто настаните се размена на искуства, или обука за алатки кои може да се користат во наставата. Предавачи се наставници кои имаат искуство со одредената алатка“, вели таа.

Многу наставници поминале низ нејзините обуки. Само во нејзиното училиште веќе две недели врши онлајн обуки и има обучено околу 50 наставници. Секое попладне одвојува по 2 часа за обуките за нејзините колеги.

„Работата како наставник бара многу ангажман, но добиваш и многу за возврат. Најмногу од учениците“, вели Димова.

Најсреќна е, кога после реализираната активност или проект учениците возбудени и насмеани ѝ кажуваат дека било супер и прашуваат што ќе се работи следно.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 3„Ниту една награда не може да се мери со одобрувањето од страна на учениците. Тие се мотивот. За да се обезбедат еднакви можности за сите ученици, треба сите наставници да знаат да ги користат најдобрите алатки со што би реализирале и најквалитетна можна настава“, укажува Димова.

Изминатата учебна година покажа дека МОН мора да најде начин да спроведува посериозни обуки за наставниците, да им создаде услови за професионален развој, но и тие самите да се трудат повеќе околу нивните дигитални вештини. Димова смета дека наставниците лани биле затечени од ситуацијата.

„Многумина од почеток не знаеја како да почнат. Дел од наставниците знаеја многу алатки, но не и како да ги вклучат во наставата. Исто така и стравот од непознатото си го направи своето. Многу наставници се откажаа уште на почетокот сметајќи дека не можат да научат, што не е точно. Затоа многу важни се оние наставници кои лесно се снаоѓаат во дигиталниот свет. Министерството треба со тие наставници да соработува при планирањето на следната учебна година. Тие не само што ги знаат алатките, туку знаат кои алатки им се блиски на учениците, што е многу важно, со кои алатки тие се чувствуваат добро. Затоа што на крајот сепак тие треба да ги користат“, објаснува Димова.

Наставник од Прилеп бесплатно ги обучува колегите

Игор Богданоски е наставник по математика кој предава во основното училиште „Блаже Конески“ во Прилеп. Неговото име можеби не значи ништо за пошироката јавност, но добро го познаваат наставниците кои сакаат подготвени да ја почнат новата учебна година. До 27 август тој одржа шест работилници посветени на платформата „Мајкрософт 365“.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 4Бидејќи интересот кај колегите е огромен, за оние што нема место да се приклучат на оваа платформа, Богданоски организира и пренос во живо со предавања на „Јутјуб“.

Тој ова го прави бесплатно бидејќи сака она што го научил да го пренесе на своите колеги. Вели дека нашите наставници сакаат да научат кога се исправени пред предизвик.

„Поради огромниот интерес голем дел од колегите не можеа во живо да ја следат средбата, зашто „Мајкрософт тимс“ има максимален лимит од 300 слушатели. Јас на првите две средби имав и до 356 слушатели. За сите што не беа во можност да ја следат, организирав лајв стрим на „Јутјуб“ и на „Фејсбук“ со што се опфатија сите заинтересирани – околу 1.400 пријавени за првите две предавања“, вели Богданоски.

На досегашните средби присуствувале 1.600 наставници, а повеќе од 1.000 ги следеле преносите во живо. На средбите наставниците имаат можност да се запознаат со сѐ што им е потребно за да можат успешно да ја започнат новата учебна година со платформата „Мајкрософт 365“.

На прашањето кој е мотивот за оваа благородна мисија, Богданоски вели дека се води од мислата на Ганди: „Бидете онаа промена која сакате да ја видите во светот”. Бидејќи наставникот е како свеќата која гори за да го осветли патот за другите и знаејќи колку е предизвикувачи да се работи онлајн, решил тоа што го знае за платформата „Мајкрософт тимс“ да го сподели со останатите.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 5„Сакав и да им покажам дека не е ништо страшно и дека секој може да ја користи доколку ги има соодветните услови. Исто така со онлајн-работилниците ја тестирав училишната инсталација на „Мајкрософт 365“ којашто е бесплатна и ја поседуваме како училиште од крајот на 2015 година. Сега можам со сигурност да кажам дека во моето училиште може да се одржи oнлајн-средба со повеќе од 300 вработени и ученици одеднаш“, вели Богданоски.

Како долгогодишен претседател на стручниот актив во неговото училиште, Богданоски вели дека досега нема видено листа на понудувачи на обуки за професионален развој на наставниците. Објаснува дека тоа им е потребно на наставниците и на училиштата при изработката на личните планови за професионален развој и училишните програми за професионален развој коишто со закон се задолжителни за секој наставник и за секое училиште.

„Ова значи дека секој си е оставен да се снаоѓа како што може и умее. Тука морам да напомнам дека наставникот како професионалец во својата област треба самиот да се грижи за сопствениот професионален развој, односно не може државата да му каже во кое поле тој треба да се развива ако самиот не знае. Но, мора да му понудат можности“, вели тој.

На нашите прашања поставени до Бирото за развој на образованието (БРО) во врска со тековните обуки на наставниците во Македонија, а поврзани со дигиталните вештини добивме одговор дека цело лето течат обуки на нивниот Learning Management System(Лрнинг менаџмент систем).

Богданоски вели дека Бирото на својата скапо платена платформа Moodle LMS (Мудл ЛМС) има поставено само две обуки - првата за инклузија веднаш по донесувањето на новиот Закон за основно образование минатата година, а втората и последна пред неполни две недели и тоа за 5 ИКТ алатки кои можат да се искористат како во онлајн така и во редовна настава.

„Алатките беа добро образложени, така што ако некој сака да ги користи ќе може тоа да го направи. Но, ова е премалку за институција во која постои и посебен оддел за изработка на дигитални наставни средства и помагала“, вели Богданоски.

Тој смета дека и можноста за напредување во звања иако постои подолго време во Законот за основно и средно образование, не заживеа.

„Сметам дека овој пропуст исто така влијае врз незаинтересираноста, затоа што сите на крајот од месецот земаат иста плата. Во еден од прашалниците кои го пополнуваа наставниците пред да учествуваат на моите онлајн-работилници на прашањето дали сте чувствувате спремни утре да ја започнете онлајн-наставата, од 560 наставници 432 одговорија со „не““, вели тој.

Бидејќи се стремиме кон ЕУ, наставникот Богданоски смета дека мораме да се држиме до петте области од Европската рамка на дигитални компетенции:

  1. Информација и data literacy (дејта литераси);
  2. Комуникација и колаборација;
  3. Креирање на дигитални содржини;
  4. Безбедност
  5. Решавање на проблеми, во кои се опфатени вкупно 21 компетенција.


„Сметам дека со прифаќањето на „Мајкрософт 365“ се покриени втората и четвртата рамка, а треба интензивно да се работи на третата рамка, односно на следните компетенции во неа: развивање на дигитална содржина, интегрирање, модификување и подобрување на содржините со цел креирање нов, оригинални и соодветни содржини, авторски права и програмирање“, вели Богданоски.

Тој додава дека потребно е да се работи и на петтата рамка односно на следните компетенции: решавање на технички проблеми, прилагодување на дигиталните опкружувања на потребите на поединците, креативно користење на дигиталните технологии, идентификување на разликите во дигиталните компетенции и потребата за нивно константно подобрување.

„Поголем дел од нашите колеги не ги поседуваат овие компетенции, дел по нивна вина, но и дел од вината мора да сноси и државата затоа што не му обезбедила соодветни услови на наставникот за да може тој да одговори на предизвикот пред кој се наоѓа“, вели тој.

Учењето низ игра е најзабавно

Наставничката Билјана Николова предава информатика веќе 17 години. Таа има и по 350 ученици во основното училиште „Сандо Масев“ – Струмица. Вели дека секој час со учениците е различен и неповторлив. Се труди да го осмисли да биде привлечен и интересен.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 6„За таа цел ги слушам и учениците, што е тоа што нив посебно ги интересира, па го вметнувам во моите часови. Така на часовите по програмирање го вклучив и уредот микробит кој е програмибилен. Тоа за учениците се покажа како интересен начин да совладаат дел од наредбите за програмирање притоа истакнувајќи ја секој својата креативност на различен начин. Со помалите ученици вештините за програмирање ги учиме користејќи ги ликовите од нивните омилени компјутерски игри и цртани филмови преку www.code.org. Така што секој од нив има прилика да направи своја компјутерска игра. Учењето низ игра е најзабавно и секако продуктивно“, вели Николова.

Нејзините ученици, со мала помош, успеале да направат и видео. Таа вели дека ова е една од најблагородните професии, во која се предава со цело срце и енергија.

Nastavnicka go dovede Bil Gejts na cas vo Negotino 7Секоја средба со нејзините ученици е нешто што ја исполнува, ја мотивира и секогаш ја води да оди напред со нови идеи.

Таа е и обучувач во програмата „Училиште на 21 век“ во организација на Британскиот Совет, која опфаќа критичко размислување и решавање проблеми како и програмирање со уредот микробит. Активна е во обучувањето и на своите колеги.

„Имам одржано многу обуки така што сум обучила многу колеги. По секоја моја доедукација следуваат обуки најпрво на моите колеги во матичното училиште, а потоа и пошироко. Обуките се од најразлични теми согласно настанатите потреби во образовниот процес, но најчесто се поврзани со примената на компјутерите во наставните часови“.

Оваа наставничка смета дека државата направи малку за да ги подготви наставниците за работа од дома. Иако во претходниот период имало обуки за дигитална писменост, тоа е технологија која постојано се унапредува. Николова вели дека затоа е потребно наставниците континуирано да се обучуваат за да бидат во чекор со новата технологија без којашто образованието во 21 век е незамисливо.

„Овие денови слушаме дека се подготвува национална платформа за онлајн учење на што искрено се радуваме. Од голема помош е и платформата „Едуино“ која беше креирана за подучување на нашите ученици онлајн и на која наставниците почнаа да ставаат снимени часови. Во поглед на мотивацијата, мислам дека затаи системот за унапредување и професионален развој на наставниците која остана само на хартија. Сметам дека ако тоа профункционира би се зголемила мотивацијата кај наставниците за континуирано професинално усовршување“, вели Николова.

Таа е оптимист дека наставниците ќе бидат навреме подготвени за нивата учебна година која ќе започне на 1 октомври, бидејќи во периодот што следува, се планирани обуки на наставниците за користење на новата платформа за далечинско учење.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева

Тагови: