fbpx

Македонија стана голема коцкарница

Коцкањето го зема приматот на фудбалот, ракометот и кошарката во трката за национален спорт во Македонија. Една од главните причини за тоа е што државата со континуирано издавање лиценци за работа посредно поттикнува отварање казина, обложувалници и апарат-клубови. Тоа најдобро се гледа по улиците во повеќето македонски градови каде е многу поверојатно да се забележат вакви објекти отколку аптеки или продавници за храна. Нашето истражување покажа дека во изминативе години игрите на среќа прераснаа во голема индустрија којашто според бројките за остварени приходи и профит може лесно да му парира на секторот информатичко-комуникациска технологија (ИКТ). Но, за жал никој не ги мери бројките за уништени човечки судбини, пропаднати семејства и потрошени млади животи предизвикани од порок каков што е коцкањето.

Во Скопје, Охрид и Битола на секој чекор може да се забележат објекти за коцкање и обложување

Коцкањето лесно станува зависност

Не треба многу „чивијата“ за коцкање да прејде во тешка зависност. Имено, има многу примери каде што играчите почнуваат со едно уплатено ливче неделно на спортско обложување или една посета на казино, а завршуваат со долгови, загубени домови и семејства.

„Тримесечниот карантин ми падна тешко најмногу поради затворените обложувачници. Тогаш сфатив како им е на зависниците од дрога. Во обложувалниците и клубовите со апарати одам со години наназад. Кога почнував, добивав често, имав полн џеб пари, семејството добиваше подароци, а јас бев горд на моето спортско знаење. Но, со времето добивките ги снема, а за да се вадам, почнав да трошам пари од семејниот буџет. Прво малку, но потоа сумите стануваа поголеми. Почнав да си ја пробувам среќата и на апаратите, за побрзо да си ја вратам загубата. И, додека се свестив, отидов неколку илјади евра во минус. Морав да земам кредит, којшто сега едвај го враќам, но не се откажувам. Сигурен сум дека наскоро ме чека некој голем џекпот, кој ќе ме врати на нула“, вели 44-годишен скопјанец од населбата Аеродром, кој сакаше да остане анонимен.

Млади лица се меѓу најчестите посетители на обложувалниците

Професор доктор Ленче Алексовска-Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) и дипломиран психолог, феноменот со обложувањето го гледа како проблем во семејството, кој сега е повеќекратно мултиплициран со брзината на живеењето, пандемијата и со дигиталното време во кое живееме.

„Зависноста од коцкањето почнува од најмала возраст, кога децата се најранливи и најлесно може да се импресионираат. Ќе добијат на некое ливче, ќе дојдат до лесни пари и потоа брзо се навлекуваат. Проблемот е во вредностите, односно во нивното отсуство. Државата мора да работи на враќање на вредносниот систем, кој порано сме го имале. Тоа се почнува од семејството, па преку подобрување на образованието. Нема да биде лесно, но од некаде мора да се почне. Пандемијата што ни се случува само ги влошува работите. Местата за коцкање станаа свратилиште на младите во отсуство на други места за социјализација, а тука е и дигиталниот бум односно достапноста на вакви пороци на само едне клик со глушецот“, вели доктор Алексовска-Величковска.

Први со бумот во Македонија почнаа обложувачниците, кои се присутни во нашата држава скоро две децении

Во овој период се менуваа законите и начинот за добивање лиценци, а голем број од компаниите што се занимаваа со оваа дејност повеќе и не постојат. Но и колку да се менуваа условите на играта и играчите, едно секогаш останува исто – уплаќање на голем дел од колачот во државниот буџет. Истото се однесува и на казината и на апарат-клубовите, кои станаа популарни во последната деценија.

Според официјалните податоци од Министерството за финансии, во периодот од 2014 до 2020 година се издадени шест лиценци за казина и девет лиценци за обложувачници, кои според најновиот закон може да отворат уплатни места буквално на секој агол. Податоците не се ажурирани поради што не се знае точниот број на уплатни места, кој се проценува на неколку илјади. Исто така, издадени се и 26 лиценци за таканаречени автомати-казина со стотина подружници ширум државата (апарат-клубови).

„Рокот за добивање лиценца е условен од датумот на поднесување на барањето и изнесува 30 дена. Лиценцата за приредување на посебни игри на среќа ја издава Владата, а барањето може да го поднесе трговско друштво регистрирано во Централниот регистар, кое на денот на поднесувањето на барањето има уплатено основна главнина која не може да биде помала од 2.500.000 евра за приредување игри на среќа во автомат клуб и казино и 500.000 евра за спортско обложување“, изјавија од Управата за јавни приходи (УЈП).

Вртоглави бројки

Лиценците чинат од 600.000 евра за казино, 105.000 евра за обложувачница, до 78.500 евра за апарат-клубови и се издаваат за период од шест години. Половина од сумата се плаќа веднаш, а остатокот на шест рати. Математиката покажува дека во буџетот само од лиценци се слеваат околу 6,5 милиони евра. Или, во просек, нешто над милион евра годишно.

Ова, сепак, е само „капка во морето“ во однос на тоа што државата инкасира од оваа индустрија. Кога детално ќе се прочитаат условите наведени во лиценците, лесно се забележува зошто државата толку лесно ги издава.

Makedonija stana golema kockarnica 12Сопствениците на казината плаќаат посебна давачка во износ од 20-отсто на разликата помеѓу уплатата и исплатата на сите апарати во објектот, заедно со месечен паушал во износ од 3.000 евра по рулет-маса и по 1.725 евра за другите маси на кои се приредува игра на среќа

Згора на сето ова, имателите на лиценца за казино плаќаат дополнителни 3-отсто на разликата помеѓу уплатата и исплатата на сите апарати во објектот на сметка на Министерството за здравство.

Давачка од 20-отсто на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатни-исплатни места плаќаат носителите на лиценца за обложувачница и тоа на месечно ниво. И тие имаат дополнителна давачка од 3-отсто на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатни-исплатни места, која ја уплаќаат на сметка на Агенцијата за млади и спорт.

Посебна давачка од 20-отсто на разликата меѓу уплатата и исплатата на сите апарати на носителот на лиценцата плаќаат и газдите на апарат-клубовите.

Очигледно е дека државата повеќекратно остварува приходи од порокот на населението. Според последниот официјален податок во 2018 година од игрите на среќа, директно и индиректно, во буџетот на државата влегле 253 милиони евра.

„Директните приходи кои државната каса ги има од индустријата на игри на среќа минатата година изнесуваа 135 милиони евра, што е 12-отсто повеќе од претходната година. Благодарение, пак, на индиректните приходи од ДДВ, локалните такси, придонеси и данок на плати, данок на закуп на локали, итн., јавниот буџет во 2018 година беше зголемен за уште 118 милиони евра, што претставува пораст од 41-отсто на придонесот на индустријата на игри на среќа во стопанството на Македонија“, велат од Асоцијацијата на обложувачници (АСОМ) и Асоцијација на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

Тие сметаат дека државата со право се грижи за оваа индустрија, бидејќи таа освен што го полни буџетот позитивно влијае и врз стандардот во државата.

„Во оваа индустрија има вработено околу 7.700 луѓе, а одржува уште работни места во другите стопански гранки, што значи дека индустријата за приредување игри за среќа подржува речиси 54.000 работни места. Ако се додадат и членовите на семејствата, тоа значи дека од оваа стопанска гранка директно или индиректно во Македонија егзистираат над 200.000 луѓе. За плати на своите вработени, компаниите од индустријата за приредување игри за среќа издвојуваат околу 32 милиони евра, а за пензиско и здравствено осигурување на државата се плаќаат 11 милиони евра“, дополнуваат од АСОМ и АПИС.

Makedonija stana golema kockarnica 13
Но, далеку од тоа дека државата енајголем добитник.
Последните официјални податоците велат дека
вкупниот приход на носителите на лиценци
во трите бранши од индустријата на игри на
среќа изнесува 400 милиони евра за 2017 година,
односно неверојатни 650 милиони евра за 2018 година

Колку за споредба, новиот извештај за ИКТ индустријата во Македонија покажува дека приходите на целиот сектор лани изнесувале 879 милиони евра, трошоците 772 милиони, а профитот 103 милиони евра. Тоа значи дека новите бројки за игрите на среќа, сектор којшто е во забревтан пораст лесно може да ги надминат остварувањата на ИКТ секторот.

Од Министерството за финансии и по чекање од скоро две недели не добивме одговор на прашањата поврзани со темата, пред се за официјалните информации за тоа колку пари се вртат во овој бизнис и каде тие завршуваат. Од таму само „штуро“ ни изјавија дека за минатата, ама и за следната фискална година се очекуваат помали приходи поради кризата настаната од пандемијата со корона вирусот, како и поради тримесечниот мораториум во работата на казината, апарат-клубовите и обложувачниците.

Колку и да се помали, тие, сепак, ќе пополнат голем процент од дупките во буџетот. Јасно е дека државата поради тоа е подготвена да дели лиценци за работа на казина, обложувалници и апарат-клубови и во иднина, дури и по цена на нарушување на стандардот на граѓаните, а особено на зависниците од овие места за коцкање. Не треба да се заборави дека со тоа директно поттикнува порочно однесување бидејќи за да се полни буџетот од оваа индустрија, нечии џебови треба да се испразнат.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Игор Крстевски
Фоторепортер: Томислав Георгиев