fbpx

Скап е патот на книгите нарачани онлајн

Наместо 50 евра колку што сте ја платиле онлајн, омилената книга што со душа ја чекате да ви стигне од странство може да ве чини двојно повеќе. Царински давачки и ДДВ, шпедитерски услуги, лежарина, достава...Долга е листата на давачките која се лепи на само една онлајн нарачана книга. Македонските љубители на пишаниот збор многу често се откажуваат после првиот обид за нарачка на книга од странство бидејќи речиси без исклучок, на крајот плаќаат многу повеќе од првичната сметка.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 1Скриени трошоци го оптоваруваат нарачувањето онлајн

Дел од овие корисници сметаат дека се оштетени бидејќи плаќаат нереални суми за шпедитерските услуги, како и за доставата на книгите до нивниот дом. Некои дури не ни избираат опција книгата или пратката да им се прати по брза пошта, но сервисите сепак го прават тоа, сметајќи дека им прават услуга на корисниците. Токму тука почнуваат проблемите за граѓаните. Ако на пример сте нарачале книга од 20 евра, а Амазон ви ја испратил преку некој сервис за брза достава, ќе треба да платите уште најмалку толку за шпедитерските услуги, лежарина и доставата до дома од аеродромот во Петровец.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 2Некои купувачи не сакаат брза достава

Таков е случајот со скопјанецот Александар Мирчески. Тој неодамна нарачал две книги од Амазон, кои го чинеле 44 долари, а за достава требал да доплати уште 12 долари. За книгите вкупно платил 56 долари. Но, кога стасале во Македонија, за да ги подигне му побарале дополнително уште 1.000 денари за лежарина и 150 денари за ДДВ. Проблемот, вели тој, е во тоа што никој не го известил за овие дополнителни трошоци. Исто така, дополнителен трошок за него било и самото подигање на пратката бидејќи морал да оди до Аеродромот во Скопје.

„Книгите беа нарачани од Америка. Претходно ми стигале од Англија и сум немал ваков проблем. Навистина не се разбирам многу од регулативите, но дефинитивно се почувствував како да сум измамен“, вели Мирчевски.

Ги враќаат книгите назад

Стотици слични искуства на наши граѓани може да се најдат на социјалните мрежи и форуми. Многумина и не знаат дека според нашата регулатива за царинење на поштенски пратки, за да немате дополнителни трошоци, нарачката заедно до доставата не треба да надмине повеќе од 22 евра. Сума, за која многумина велат дека и нема што квалитетно да се нарача.

„Стока испратена од странство од правно лице (фирма) во помали пратки со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице кое живее или има одобрен престој во Република Македонија е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра во денарска противвредност, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци. Доколку вредноста на стоката е од 22 до 90 евра, истата е ослободена од плаќање царински давачки, но подлежи на плаќање на ДДВ. Стока чија вредност надминува вредност од 90 евра подлежи на плаќање и на увозни давачки и на ДДВ“, пишува на сајтот на Царина.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 3Давачките го ограничуваат изборот за нарачки

Пратка пак, испратена од странство од физичко лице со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ, под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 45 евра.

Но, нашите граѓани кои купуваат книги од странство се соочуваат и со други трошоци ако на пример Амазон реши пратката да им ја прати по брза достава која дополнително наплаќа за шпедитерски услуги, лежарина и достава до дома за да не одите до аеродоромот во Петровец каде треба да ја подигнете пратката. Сумата е различна кај секоја приватна фирма за достава и за шпедитерски услуги.

Продавачите од Амазон немаат обврска да знаат за секоја земја каде што праќаат какви се правилата и кои трошоци ќе ги има купувачот во неговата земја. Затоа, нашите граѓани се дополнително непријатно изненадени кога ќе им стигне пратката и треба да платат царински давачки, ДДВ, лежарина и плус да доплатат достава до дома за да не одат до скопскиот аеродором. Нивните искуства се различни, па некои плаќаат за конечно да ја имаат книгата во рака, а некои решаваат да ја вратат на сервисот.

Токму тоа го направила скопјанката Александра Нациќ, која нарачала книга од 2.000 денари по Амазон. Претходно исто така нарачувала книги, дури и поскапи, кои и стигале во пошта, па ги подигала без да плати дополнително.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 4„Ја нарачав книгата по обична пошта, значи не кликнав на копчето за брза пошта, но Амазон ми ја пратиле преку брза пошта. Ова се случуваше во време кога имавме некои проблеми со нашата пошта. И ми се јавија дека треба да платам уште 3.000 денари за да си ја земам. За царина, односно данок за кој искрено не знаев дека треба да се плати зашто никогаш претходно не ми било наплатено во државната пошта, требаше да платам 1.000 денари, а за УПС (брзата пошта) 2.000 денари за шпедитерските услуги, лежарина и достава. На крај решив да ја вратам пратката, бидејќи не е фер да се плати оваа сума која е многу повеќе од самата нарачка“, вели Нациќ.

Ирена Гуржовска која со синот и сопругот се страсни колекционери на книги, фигури од ликовите од Хари Потер, како и на друштвени игри, вели дека мака мачат со доставата во Македонија. Пред неколку месеци нарачала многу ретка книга од Хари Потер, која побрзо стигнала од САД до Скопје, отколку од Петровец до нејзиниот дом.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 5„Тоа не беше обична книга туку кога ќе ја отвориш, излегуваат 3Д форми. Ја нарачав од Амазон и тогаш всушност видовме дека врши испорака до Македонија, зависно кој е продавачот. Тој решава дали ќе ја пушти нарачката во одредена држава. Тоа е поради многу лошо искуство со доставата до нашата земја и многу вратени пратки. Затоа и Амазон најчесто праќа преку брзите пошти. И тие навистина брзо стигаат. Нашата книга чинеше 45 долари, плус 20 долари беше доставата до Македонија. Бидејќи беше сума над 22 долари знаевме дека ќе ни се наплати ДДВ од 5 проценти. Но, она што не знаевме дека ќе ни се наплати се трошоците за шпедицијата. Околу 1.000 денари беше плус. Инаку, потоа дознавме дека тоа се трошоци кои не мора да ги платиш, но треба лично да ги пополниш сите обрасци на Аеродромот во Петровец и да си ја земеш оттаму. Постои опција за достава по брза пошта и ќе треба да ја платиш дополнително, како и трошоите за шпедицијата. Книгата ни стигна побрзо од САД. Заглави тука на царина една недела“, објаснува Гуржовска

Како редовен онлајн-купувач таа најмногу посакува да се зголеми сумата за пратки која е ослободена од ДДВ и царина и секако да се влијае кај приватните доставувачи да стават реални цени за услугите.

„Не е логично да се плати повеќе пари за достава од Петровец до домот на купувачот од сумата за достава од Америка до Скопје. Исто така за 22 евра сосе достава навистина малку квалитетна роба може да се купи, затоа државата треба за вакви пратки за граѓаните да отстапи малку и да не се царинат и да не се плаќа ДДВ за сума барем до 50 евра“, вели таа.

За што може да се жалите во Агенција за пошти?

Се обидовме да дознаеме како се врши наплатата за пратките кои пристигаат во земјава од странство, зошто граѓаните не се информани за овие давачки и зошто никој не ги информира за дополнителните трошоци откако ќе ја направат нарачката? Како приватните фирми и брзи пошти ги формираат цените за услугите и кој го контролира нивното работење? Зошто книга од САД до Скопје стига за 20 долари, а доставата од Петровец до Аеродром е поскапа? Каде може да се пожалите ако не сте задоволни од поштенските услуги и кој ги контролира?

Дел од овие прашања упативме и до Агенцијата за пошти која е независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги, формирана од Собранието на Македонија. Една од примарните цели на Агенцијата е заштита на правата на корисниците на поштенските услуги. Тие и ги даваат лиценците на давателите на поштенските услуги. Од Агенцијата ни објаснија која е нивната улога и како ги заштитуваат правата на граѓаните, но ни потенцираа дека тие немаат надлежност за ценовниците на поштенските даватели.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 6Купувачите да внимаваат на скриените трошоци

Во врска со непредвидените трошоци за онлајн нарачки на кои се жалат граѓаните, велат дека за да нема непредвидени и несакани ситуации, корисниците на поштенски услуги кои купуваат производи од странски онлајн продавници, пред да го купат производот најнапред треба да го разгледаат начинот на доставување на производот кој треба да има се достави во вид на поштенска пратка.

„Тука треба да се проучат условите кои што ги нуди продавницата, видот и начинот на обезбедување на поштенската услуга, дали ќе се достави како обична, препорачана, вредносна или експресна пратка, цената односно трошоците кои треба да се платат, рокот за достава и сл. Исто така, корисникот мора да побара прецизна информација за тоа кој давател ќе ја врши доставата“, велат од Агенцијата.

Исто така, велат дека треба да се има предвид дека сите поштенски пратки кои се предмет на меѓународниот поштенски сообраќај подлежат на мерките на царински надзор и постапка која е предвидена со царинските и поштенски прописи.

„Давателите на поштенски услуги во меѓународниот сообраќај се приватни интернационални компании кои нудат меѓународни услуги по тарифи кои не ги одобрува Агенцијата за пошти ниту пак друга институција, а корисниците имаат можност да одберат дали ќе ги користат нивните услуги или не. Во поштенската дејност како и во шпедитерската има голема конкуренција и правото на избор е секако на корисникот“, појаснуваат од Агенцијата.

Корисниците без разлика дали се во својство на испраќачи или примачи на пратки, доколку имаат прашања поврзани за поштенските услуги или пак имаат проблем со доставата на своите пратки, имаат можност да се обратат до Агенцијата и да ги искористат своите законски права. Корисниците може да подесат преставки и управни приговори до Агенцијата за пошти со почитување на дадените рокови.

„Ако корисниците имаат проблем со доставата на пратките кои ги испраќаат или примаат, прв чекор кој треба да го направат е да поднесат писмена рекламација до давателот на поштенски услуги кој ја врши поштенската услуга во рок од три месеци од денот на испраќање на пратката. Рекламација може да се бара ако е доставена поштенска пратка со надворешно видливо оштетување, како и внатрешно оштетување“, објаснуваат од Агенцијата.

Од 2021 година во Агенцијата се поднесени вкупно 30 претставки и еден управен приговор. Основот за поднесување на претставките е различен, но имало и за ненавремена достава, пратки што воопшто не се доставени, онлајн измама од нелиценциран давател на поштенски услуги и сл.

„Ниската свесност за проблемот и недоволната информираност на корисниците на услугите полека се надминува односно корисниците се повеќе пристапуваат кон поднесување на приговори и писмено комуницирање со Агенцијата. Овој напредок можеме да го препишеме на веб-кампањата која Агенцијата за пошти ја спроведе во почетокот на 2021 година“, велат оттаму.

Книга од САД до Скопје за 20 долари, поскапа доставата од Петровец до Скопје

Како се одредува цената за доставата, шпедитерските услуги и лежарината, кои се опциите за граѓаните кои нарачале книга по обична достава, а сервисот им ја пратил по брза пошта прашавме во ДХЛ.

Сашко Неделков, комерцијален директор на ДХЛ Експрес Македонија, објаснува дека купувањето на книги од веб- страници од странство не зависи од компанијата ДХЛ. Имено, секоја електронска продавница има разработено повеќе методи на достава на своите производи. Некои од нив особено оние од другите континенти Северна Америка и Азија, намаат друг метод на достава освен со Брза пошта. Исто така, вели Неделков, некои од продавниците имаат оставено можност купувачот од Македонија да одбере со кој метод да биде испратен производот, но некои и воопшто немаат таква можност, бидејќи во цената на производот е вклучен и транспортот, па самите продавници го избираат најефикасниот метод за достава, а тоа е со Брза пошта.

„Што се однесува до давачките за царина и ДДВ, тие исто така не ги одредува брзата пошта, туку царинскиот закон на Р. Македонија. Имено, според тој закон сите пратки чија вредност е до 22 евра со вклучени транспортни трошоци не подлежат на царина и ДДВ. Истите царина може веднаш да ги ослободи доколку процени дека фактурата за производот е реална и точна, и тие пратки веднаш се доставуваат до купувачите. Пратки чија вредност е од 22 евра до 90 евра (со вклучени транспортни трошоци), подлежат на плаќање на ДДВ (во случајот за книги изнесува 5%). Истите се задржуваат од страна на царинската служба и се сместуваат во царински магацин до завршување на царинската постапка“, објаснува Неделков.

Пратките чија вредност е над 90 евра (со вклучени транспортни трошоци) подлежат на плаќање на царина и ДДВ (стапките за царина и ДДВ зависат од типот на производот кој се увезува, во случајот за книги царината е 0% а ДДВ е 5%).

„Како и претходно, истите се задржуваат од страна на царинската служба и се сместуваат во царински магацин до завршување на царинската постапка. Царинската постапка во случајот е процедура која подразбира изработка на царинска декларација, поднесување на истата до царинската служба, плаќање на давачките за царина и ДДВ и ослободување на пратката од царинскиот магацин после завршените формалности и завршување на декларацијата од страна на Царинската служба. Царинската процедура може да ја изврши само лиценциран шпедитер во случајот тоа може да биде шпедицијата на Брзата пошта или шпедитер назначен од примачот на пратката. Исто така, во моментов царинската Управа исто така ја нуди можноста за царинење на стоките во индивидуална постапка со усно декларирање на стоките од страна на примачот. За овие пратки брзата пошта ги наплаќа шпедитерските услуги од страна на купувачите бидејќи истите не се пресметани при купувањето на производот од електронската продавница – вели Неделков.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 7Шпедитерските услуги изненадување за купувачите

Тој додава дека шпедитерските услуги за ваквите пратки во нивната компанија изнесуваат 1.593 ден, од кои 593 денари се однесуваат на застапување при спроведување на царинската постапка (Увозна Царинска Декларација) и останатите 1.000 денари складишнина се надомест за користење на царинска гаранција.

„Со неа се гарантира наплата на давачките кон државата како и складишнина која ни е наметната за користење на царинскиот склад на аеродромскиот оператор при прифат и отрема на пратки кон Царинскиот склад на брзата пошта“, вели Неделков.

Од Царинската управа информираат дека за увоз на книга во земјава (во случајот книга со вредност од 30 евра и транспорт до РСМ со вредност од 20 евра), увозни давачки се плаќаат само 5% по основ на ДДВ, за вредноста од 50е колку што чини книгата заедно со транспортните трошоци.

„Зависно од видот на стоката се пресметуваат и царинските давачки. Конкретно ако се работи за книги се наплаќа само ДДВ. ДДВ се пресметува на вредноста на книгата плус транспортните трошоци. За книги со вредност од 100 евра (со се транспортот) се наплаќа царински давачки по основ на ДДВ во вредност од 5 евра. Царинската управа не наплаќа односно не се предвидени трошоци за преглед на стоки кои се предмет на царинска постапка. Според Царинскиот закон при увоз на стоки од странство за кој увоз се наплатени транспортни трошоци, тогаш во царинската основица влегуваат и трошоците за транспорт“, велат од Царинската управа.

Како да се избегнат дополнителни трошоци и што значи усна царинска декларација?

Од Царинската управа објаснуваат дека усна царинска декларација претставува пријавување на стоката кај царинскиот орган без поднесување на царинска декларација во форма на единствен царински документ (ЕЦД). Усна царинска декларација може да поднесе секое правно и физичко лице. Веднаш откако операторот, односно превозникот ќе ве извести дека е пристигната пратка на ваше име и дека треба да се спроведе царинска постапка, вие може да го известите дека сакате да поднесете усна царинска декларација.

Усна царинска декларација може да се поднесе за:

  • стока која е испратена од страна на физички лица од странство до физички лица во РепубликаСеверна Македонија,
  • чија што вредност по пратка и по декларант не надминува вредност од 800 евра во денарска противвредност и нето маса до 1.000 кг,
  • пратката да не биде дел од редовна низа слични пратки,
  • да не ја пренесува самостоен превозник како дел од поголем превоз на товар,
  • кога се работи за стока од незначителна важност во случаите кога тоа е одобрено од царинскиот орган.

Кога стоката за која е поднесена усна декларација подлежи на плаќање на увозни давачки, пресметката на давачките ја врши царинскиот службеник во скратена постапка. За стока од некомерцијална природа што ја внесуваат патници на граничен премин и што ја добиваат физички лица по пошта пресметката на увозните давачки се врши со примена на единствена царинска стапка во висина од 15% од царинската вредност.

Оваа царинска давачка не се применува за стока за која во царинската тарифа е пропишана царинска давачка „слободно“ и за стока која согласно со Царинскиот закон е ослободена од плаќање на увозни давачки. Оваа царинска давачка не се применува за тутун, преработки од тутун, алкохол, алкохолни пијалоци и гориво, за кои се применува царинска давачка пропишана во царинската тарифа. Единствената царинска давачка во висина од 15% не се применува кога патникот или примачот на пратката побара стоката да се царини со царинска давачка пропишана со царинската тарифа.

Пресметката на увозните давачки, царинскиот службеник ја врши врз основа на приложена фактура или сметка од страна на примачот на пратката. Царинскиот орган на подносителот / декларантот му издава потврда за плаќање на давачки.

Усна декларација може да се поднесе и за мали пратки кои се нарачани преку интернет, а физички и правни лица ги добиваат по пошта или ги превезуваат специјализирани превозници на мали пратки и превозници на т.н. „брзи пошти“. Пресметката на увозните давачки се врши со примена на стапка која е пропишана со царинската тарифа, а Царинскиот орган на подносителот / декларантот му издава потврда за плаќање на давачки. Кога пресметката на увозните давачки се врши на овој начин, подносителот на усна декларација не треба да ангажира царински застапник.

На исти маки се и Србите

Со слични проблеми, големи и непредвидливи трошоци за испорака и за шпедиција и царина се соочуваат и граѓаните на соседна Србија. Професоорт Душан Алексиќ кој предава на Филозофскиот факултет во Ниш вели дека веќе извесно време не нарачува книги конкретно преку Амазон бидејќи поради некоја причина, дупло е покачена цената за достава во Србија.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 3„Неодамна преку британскиот Амазон се обидов да нарачам книга која чинење 20 фунти, но единствена опција за достава чинеше плус 26 фунти. Кога цените за достава им беа многу пониски редовно нарачував“, вели Алексиќ.

Тој исто така додава дека покрај тоа, постојат и дополнителни трошоци кои се непредвидливи откако пратката ќе стигне во Србија.

„Имено, за пратка во вредност до 100 евра се плаќа ДДВ во иснос од 20 проценти од вредноста на пратката, и плус царина. Но, во пракса тоа не е така. Се случувало книга со вредност до 15 евра да се оцарини како да чини 100 евра, и покрај тоа што имате сметка. Исто така, при одредувањето на ДДВ и царина, се пресметува и цената за достава која воопшто не треба да е предмет на даночење“, вели професорот.

Skap e patot na knigite naracani onlajn 9Високи трошоци за онлајн нарачки и во соседна Србија

Тој како најсвеж пример посочува негова нарачка на книга која со достава чинела 50 евра. Поштарот од некоја причина, не сакал да се качува на неговиот спрат и пратката ја вратил во пошта.

„Кога отидов да ја подигнам следниот ден, ми наплатија плус 17 евра со нејасна спецификација како го добиле тој износ. Често се случува пратката да е оштетена и затоа на овој начин купувам само ако немам друг избор, а книгата ми е неопходна“, вели Алексиќ.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Милена Атанасоска Манасиева

Тагови: