fbpx

Се турка идејата да се копа Шара за пат Тетово-Призрен

Ќе стане ли Шар Планина големо градилиште откако по децении чекање годинава конечно беше прогласена за национален парк е прашање што заслужува сериозно внимание бидејќи Македонија и Косово активно работат на реализација на идејата за изградба на пат кој со тунели низ планината ќе ги поврзе Тетово и Призрен. Владите на двете земји се уверени дека изградбата на новата патна инфраструктура ќе донесе економски придобивки. Од друга страна, екологисти сметаат дека нови градежни работи негативно ќе влијаат врз природата и живиот свет на Шара.

Шар Планина со години се уништува од изградбата на мали хидроелектрани

Заедничка комисија, формирана од двете држави е ангажирана околу изработката на нова студија за оправданост на оваа инвестиција и за влијанието на изградбата врз биодиверзитетот и природата на шарпланинскиот масив.

Со тоа оживува стара идеја. Имено, Јавното претријатие за државни патишта има изработено физибилити студија за изградба на пат Тетово-Призрен уште во 2013 година. Во неа, се нудат три правци по коишто би се движела новата рута. Кај сите три се предвидува копање низ планината за да се градат тунели. Првата варијанта е со најдолг тунел од 6,4 километри, втората со тунел од 3,3 километри, а третата со тунел од 1,8 километри.

Во постоечката студија тунелите се предвидени на надморска височина од 1.500 до 1.800 метри

Хисен Џемаили, директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина кој пред неколку години беше ангажиран во процесот како министер за подобрување на климата за инвестиции открива дека замислата е патот да се гради според првичната физибилити студија, но сепак треба да се прави нова анализа која ќе ја опфаќа и територијата на Косово. Таа нова студија, според него, поконкретно треба да покаже каде одговора подобро да има тунел, како и некои други параметри. Тој смета дека идејата ќе се реализира иако е се‘ уште како замисла и дека ќе биде потребно да се усвојат законски одредби, како и да се изработат повеќе документи, меѓу кои и конечен идеен проект.

Se turka idejata da se kopa Shara za pat Tetovo Prizren 1„Ова е првична студија, а понатаму треба да има и оценка врз животна средина за главниот проект. Оваа физибилити студија е како верзија само во делот на нашата држава. Сега се формирани комисии и од страна на Косово и од страна на Македонија кои заеднички ќе работат за да се дојде до главна студија според која ќе се гради. Во текот на градбата ќе има влијание врз животната средина ама тоа ќе се предвиди со студијата. Од три опции повеќе се оди со подолг тунел за да има помалку влијание врз животна средина, да биде пониско, близу до тетовските села Бозовце и Вешала“, вели Хисен Џемаили.

Несигурна работа

Во студијата од 2013 година се наведува дека воздушното растојание помеѓу Тетово и Призрен е околу 30 километри, но најкуса постојна патна врска изнесува 110 километри. Таа е заобиколно од Тетово кон Јажинце на север и низ Косово-преку Глобочица, Брезовица и Речане до Призрен поради природната релјефна препрека која ја создава Шар Планина.

Изградбата на новата делница е предвидено да биде во форма на регионален пат со проектирани брзини од 40 до 60 километри на час.

Во заклучокот на студијата во делот за сообраќајна анализа и прогноза се наведува дека постои функционална оправданост за изградба на директна патна врска Тетово-Призрен, иако се вели дека долгорочната прогноза за сообраќајот по природа на нештата е несигурна работа.

Исто така авторите на студијата посочуваат дека со оглед на тоа што патот поминува низ реон кој претставува екосистем со единствени вредности потребно е во наредната фаза на проектирање т.е во идејниот проект да се посвети внимание на еколошката заштита.

„Овие работи се задолжителни, а нивното изведување може многу да ги зголеми инвестиционите трошоци и да ја намали исплатливоста на целиот проект. Новопроектираната директна врска помеѓу Тетово и Призрен е повеќе од двојно пократка од постојните, но е оптеретена со многу голема цена на градење, додека по вкупните трошоци, (градење+експлоатација) е поисплатлива бидејќи има голема економска интерна стапка на рентабилитет“ се наведува во заклучокот на физибилити студијата.

Политичарите ветуваат заштита на планината

Од Владата на Косово сметаат дека заеднички двете држави ќе најдат соодветно решение за заштита на планината и за економската исплатливост.

Se turka idejata da se kopa Shara za pat Tetovo Prizren 2Двете страни се согласија за создавање побезбедни и поеколошки транспортни врски за луѓето и бизнисите меѓу двете земји, за создавање интероперабилни врски за националните паркови, туристичките центри и патните коридори, што ќе доведе до големи економски придобивки за двете земји. Ќе се овозможи синхронизација на просторното планирање и создавање патна инфраструктура за развој на алтернативниот туризам. Што се однесува до проценката за влијанието на патот врз животната средина во делот на Шар Планина, чекаме да заврши физибилити студијата каде ќе се утврдат сите работи, вклучително и комерцијалната исплатливост и влијанието врз животната средина“, вели Прпарим Круезиу, портпарол на Владата на Косово.

И Џемаили смета дека не е контрадикторно што ќе се прави таков инфраструктурен потфат кој може да има влијание врз животната средина во новиот Национален парк Шар Планина.

„Нема да биде контрадикторно бидејќи во самиот национален парк постојат зони - зона за одржливо користење, зона за активно користење и строго заштитена зона. Овој дел каде е предвидено да се лоцира патот и тунелот спаѓа во трета зона што значи зона за одржливо користење каде што е дозволено и проекти да се градат. За таа намена ќе има оценка за влијание врз животна средина. Ние ја имавме предвид оваа студија кога се направени зоните и нема да биде пречка за реализација на овој проект“, вели Џемаили.

Патот Тетово - Призрен е дел од програмата за работа на Владата каде е наведено дека ќе се разгледаат економски оправдани варијанти по резултатите на физибилити студијата за делницата.

Во Јавното претпријатие за државни патишта веќе се предвидени средства во буџетот за да се изработи главниот документ за изградба на патот.

„Јавното претпријатие за државни патишта во буџетот има издвоено средства за изработка на идеен проект за изградба на патот Тетово-Призрен. Во овој момент со оглед на фактот што се‘ уште сме во очекување од страна на комисијата да биде разгледана физибилити студијата за врзување на Тетово и Призрен и да биде одбрана една од трите опции што ги предвидува, за конкретни суми и конкретни податоци кои се сфера на вашиот интерес не може да се говори“, вели Жаклина Величковска, советник за односи со јавност при Јавно претпријатие за државни патишта.

Таа додава дека неодамна двете земји потпишале меморандум за разбирање, со цел да се разгледа физибилити студијата. Врз основ на овој меморандум е формирана комисија составена од претставници од министерства, јавни претпријатија и експерти.

Уништување е неизбежно

Планинари, стручни лица и граѓански организации се против нови градежни работи на Шар Планина и апелираат да се внимава на заштита на природата.

Александар Стојановски-Цули од планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово смета дека нема никаква оправданост да се гради пат до посочениот град или кое било друго место низ Шар Планина.

Se turka idejata da se kopa Shara za pat Tetovo Prizren 3Со децении ние планинарите се движиме низ планината, гледаме како се уништува со дивоградби, диви патишта и слично. Навистина не ја гледам оправданоста да се гради пат сега, кога по толку години планината конечно е заштитена со прогласување за национален парк. Понатаму нејасно е како се очекува да функционира тој пат на толку висока надморска височина кога таму со месеци има повеќе метри снег. Исто така несфатлива ми е потребата таму да се гради пат од аспект на тоа дека треба возачите и патниците треба да менуваат надморска височина за кратко време. Од Тетово кое е на околу 500 метри надморска височина треба да се искачите на речиси 2.000 метри и повторно да се слегува надолу кон Призрен. Ќе има околу 1.500 метри висинска разлика и јас навистина не гледам поента, како планинар, како возач и како човек“, вели Стојановски-Цули.

Тој додава дека подобро е да се инвестира во обнова на постоечката патна инфраструктура отколку да се копа за нови патишта низ планината.

Диме Меловски, биолог и истражувач на животната средина има сличен став.

„Тоа е лоша идеја. Секој пат кој што ќе биде изграден низ една таква природа каква што ја нуди Шар Планина, во голема мера ќе ја уништи, каде што ќе поминува и ќе придонесе за што поголемо присуство на луѓе на терени кои што не би требало да бидат толку многу посетувани при што ќе има вознемирување на животните. Бројни животни би се нашле во опасност, меѓутоа разорување на хабитатите е нешто примарно што ќе се случи и пејсажната вредност на Шар Планина ќе се уништи“, вели Меловски.

Од граѓанските организации потенцираат на потребата да се внимава на тоа какво влијание ќе имаат градежните работи врз животната средина.

„За изградба на какви било инфраструктурни објекти на Шар Планина треба да се почитуваат плановите за зачувување на природните вредности на новиот Национален парк Шар Планина“, вели Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонско Еколошко Друштво.

Аријанит Џафери од „Еко Герила“ вели дека има и други примери во светот и во Европа каде низ национални паркови поминуваат патишта и дека студијата треба да покаже какво ќе биде влијанието врз животната средина на тој пат.

Функционална или политичка идеја?

Според Националната транспортна стратегија 2018-2030, патот Тетово-Призрен претставува можност за поврзување на европскиот патен правец Е 851 со магистралниот пат М-4. Така би се остварила целта да се оствари директна врска помеѓу Призрен и Тетово, односно помеѓу Косово и Македонија, а воедно и индиректно поврзување на Бугарија и Албанија преку овај патен правец.

Призрен од историски и национален аспект се смета за важно место кај албанскиот народ. Во тој град на 10 јуни 1878 година во време на Османлиската Империја е создадена Призренска Лига — албанска политичка организација која се залагала за автономија на териториите каде живеат Албанците на Балканскиот полуостров, а воедно бара поништување на договорот од Сан Стефано.

Слично како и Тетово, Призрен се наоѓа на надморска височина од околу 450 метри, има околу 90 илјади жители, а како општински центар е средиште на околу 200 илјади жители.

Кога се зборува за реализацијата на идејата за изградба на пат Тетово-Призрен, не треба да се заборави дека Македонија и Косово се веќе поврзани преку неколку патни правци. Поради тоа, инвестиции во нов пат со дискутабилна економска исплатливост и ново уништување на природата и живиот свет на Шар Планина се бесмислени. Загрижува што надлежните признаваат дека при одредувањето на зоните на заштита на Шар Планина била земена предвид идејата за изградба на овој пат, што само покажува како се кроеле границите на новиот национален парк.

Новинар: Александар Самарџиев

Оваа содржина ја изработи порталот Тетово инфо во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

Тагови: