fbpx

Дедо Мраз донесе стотици предновогодишни вработувања во администрацијата

Новата година дојде предвреме во многу државни институции. Десетици огласи за вработување беа објавени во декември на веб-страната на Агенцијата за администрација. Со нив се предвидува ангажман на стотици луѓе во министерствата, фондовите, инспекторатите, агенциите, општините, но и директно во Владата, во Генералниот секретаријат. Огласите беа распишани неколку недели пред изборот на новиот состав на Владата што треба да се случи кон средината на јануари, и пред идниот мандатар Димитар Ковачевски да го претстави тимот со којшто ќе се обиде да ја врати владејачката СДСМ на победничките патеки.

Се уриваат рекорди

Министерството за политички систем и односи со заедниците е апсолутен рекордер по бројот на лица што планира да ги вработи. Расорот што го предводи вицепремиерот Артан Груби распишал оглас за дури 166 извршители. Од нив, 83 треба да бидат помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници, коишто ќе работат за плата од 22 илјади денари месечно. Уште 83-ца треба да бидат помлади соработници за превод, лекторирање и редакција, исто така, за плата од 22 илјади денари. Како наеднаш се јави толкава потреба за вработување, од ова Министерство не одговорија на прашањата на „Само прашај“.

Dedo Mraz donese stotici prednovogodisni vrabotuvanja vo administracijata 1Од Министерството од коешто поради превработеност до неодамна вработените се префрлаа во други институции сега не сакаа да одговорат од каде потребата за толку многу нови вработувања

Веднаш зад ресорот на Груби, според бројот на распишани огласи за нови вработувања е Фондот за здравствено осигурување. Преку неколку огласи распишани во декември, ФЗОМ планира да вработи вкупно 84 лица: соработници за следење на основните здравствени услуги во примарната заштита за повеќе градови, раководители за комуникација и оперативна поддршка, за хардвер и софтвер, но и директор за комуникации и административна поддршка, стручни соработници, контролори, референти.

Dedo Mraz donese stotici prednovogodisni vrabotuvanja vo administracijata 2ФЗОМ во „пет за дванесет“ реши да вработува бидејќи многу луѓе заминале во пензија

Од ФЗОМ се правдаат дека имаат реална потреба од нови вработувања оти многу луѓе заминале во пензија, а изминативе години немало распишани огласи.

„Огласот нема поврзаност со изборот на новата Влада, туку тој беше објавен согласно Годишниот план за вработување за 2021 година по добиени согласности од надлежните институции и обезбедени финансиски средства од Министерство за финансии. Истиот не можевме да го објавиме порано поради одржувањето на локалните избори“, велат од ФЗОМ.

Нови вработувања бара и Министерството за финансии и тоа 17 за во самиот ресор (советници, соработници, референти, но и раководители на одделенија) и уште 51 извршител во Царинската управа. Финансии распиша оглас за цариници на Богородица, Блаце, на скопскиот аеродром, цариници во Битола, но и советници за во Централата. Или, вкупно, Министерството за финансии распишало огласи за вработување на речиси 70 луѓе.

Dedo Mraz donese stotici prednovogodisni vrabotuvanja vo administracijata 3И во Царинската управа се правдаат дека одамна немале нови вработувања

И образложението од Царина е слично на она од ФЗОМ.

„Царинската управа од 2014 година нема реализирано план за вработување на неопределено време, иако до денес се испразнети околу 200 работни места по разни основи. Во изминатиот период се реализирани вработувања на определено време заради пополнување на испразнетите работни места. Со цел трајно пополнување на работни места, Царинска управа согласно донесениот План за вработување за 2021 година до Агенција за администрација поднесе барања за пополнување на слободни работни места за вработување на неопределено време“, велат од Царинската управа.

Бранот нови вработувања продолжува и во други ресори. Министерството за животна средина и просторно планирање бара вкупно 22 извршители – раководители, советник за водење регистри на загадувачи, разни други соработници.

Dedo Mraz donese stotici prednovogodisni vrabotuvanja vo administracijata 4Наплив на вработувања како под диригентска палка: И Министерството за животна средина дел од бранот распишани огласи за вработување во пресрет на Нова година

Четворица извршители бара и Министерството за економија – двајца раководители на одделение и двајца советници.

„Заради одлив на вработени лица од Министерството за економија по разни основи (пензионирање, мобилност,...) и потребата за итно и неодложно извршување на работните задачи и непречено функционирање на министерството, објавени се јавни огласи за работни места кои се празни, односно не се пополнети со извршители. Работните места беа планирани и предвидени во 2020 година“, велат од Министерството за економија.

Освен во министерствата, нови административци ќе завршат и директно на Илинденска број 2. Генералниот секретаријат на Владата преку оглас бара вкупно 8 извршители – раководител на одделение за поддршка на министер без ресор, на Генералниот секретар на Владата и на неговиот заменик, виш соработник за информатика, советник за општи и нормативни работи, помошник-раководител за координација на проекти.

„Поради флуктуација на кадар, а согласно годишниот план за вработување на секоја институција, Генералниот секретаријат на Влада на Северна Македонија објави оглас за пополнување на работни места за кои постои реална потреба од кадар. На огласот можат да се пријават сите кои сметаат дека ги исполнуваат наведените услови“, велат од Владата.

Гломазна и скапа, но не и ефикасна администрација

Во земјава со години траат дебатите за потребата од реформа на јавната администрација, којашто е прегломазна и влече многу пари од државниот буџет, а притоа на граѓаните не им обезбедува квалитетни услуги. Исто толку траат и најавите за реформи што ќе ја променат сликата. Целата работа достигна апсурдни димензии што ја отсликаа нефункционалноста на системот, па така, граѓаните од нивен џеб плаќаа административци што воопшто и не одеа на работа.

Секоја трета пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата е поврзана со вработувањата во јавниот сектор, односно со сомневања за изигрување на законите за вработување, за што неодамна за „Само прашај“ јавно говореа од ДКСК.

Dedo Mraz donese stotici prednovogodisni vrabotuvanja vo administracijata 5„Се прават наменски систематизации, се креираат работни места според потребите и на тој начин се вработуваат оние луѓе коишти сметаат дека треба да бидат вработени, односно кои имаат најчесто партиски заслуги и тука имаме потоа небулози, тие наместо да одговараат на раководната структура во самата институција, тие одговараат пред партијата“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Последниот Извештај на Министерството за информатичко општество и администрација покажува дека во 2020 година, јавниот сектор на земјава броел 131.183 лица, вработени во 1.332 институции. Повеќе од 2.400 лица биле вработени преку агенции за привремени вработувања и тие не влегуваат во оваа бројка. Во земја којашто се обидува да го заживее претприемништвото, јавниот сектор во Македонија сè уште останува посакувана дестинација за вработување, но и место и „згрижување“ партиски кадри.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Тагови: