fbpx

Дишеме отрови од греење на мазут

Гласно кашлање кое не запира неколку минути ги вознемирува последните муштерии во маалскиот маркет во Автокоманда.

„Немам корона! Не грижете се! Се закашлав од воздухот! Смрди! Пече! Прст пред око не се гледа!“ Жена во поодминати години со повишен тон им се правда на присутните.

„Сите кашламе! Многу е загадено!“ и одговара продавачката која се движи меѓу рафтовите со две медицински маски кои и ги покриваат носот и устата.

„Изгледа пак горат нешто што не треба. Бадник е, кој ќе ги контролира“, дофрлува возрасен човек со суво овошје во раце. Продолжува „со црни саги ни е покриена целата тераса цел ден. Ќе не испоотрујат!“ завршува тој.

Старите проблеми со загадувањето на воздухот во Скопје нè дочекаа и во новата 2022 година.

Во текот на јануари имаше денови кога градот едвај се гледа од Водно поради загадувањето.

Тоа го потврди и апликацијата Air Visual според која на 6.1.2022 година, Скопје беше на второ место на листата на градови во светот со најзагаден воздух.

Diseme otrovi od greenje na mazut 1Извор: Air Visual

Податоците од мерните станици за квалитет на воздух на Министерството за животна средина покажуваат дека Скопје и Кавадарци тоа утро беа најзагадени градови во Македонија.

Овие два града беа обоени со виолотева боја што укажува на многу високо загаден воздух. Високо загаден беше и воздухот во Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево. Струмица, Гевгелија, Кочани и Велес беа со средно загаден воздух.

Недостасуваат повеќе мерни станици за да се добие вистинска слика за загадувањето на воздухот во градовите

Ова е само еден од низата денови кога во истиот период, секоја година, ги запишуваат македонските градови на светските листи на места со најзагаден амбиентален воздух. Исти се и карактеристиките што ги објаснуваат жителите: лош мирис што дразни на кашлање, горчлив вкус и многу често густ и темен чад.

Состојбата со загадениот воздух не е од вчера, а не може да се реши ниту утре, но од Владата велат дека работат според стратегија за да го подобрат квалитетот на воздухот.

„Во насока на намалување на загадувањето на воздухот и за реализација на стратешките определби да се делува на изворите на загадувањето, Министерството за животна средина и просторно планирање иницираше мапирање на државните објекти кои за затоплување користат мазут. Целта е да се обезбедат податоци и приоритети каде треба да се делува во замена на системите на затоплување. Испратени се прашалници до повеќето институции, вклучувајќи ги и објектите што се под ингеренции на локалните самоуправи.Регистарот кој што го прави МЖСПП во моментот е во фаза на прибирање податоци, а целосна слика со соодветни податоци ќе имаме кога ќе заврши овој процес“, велат од Владата.

Зошто мазутот е првата цел?

Мазутот е тешко или средно тешко течно гориво и тој има редица компоненти кои што имаат евентуално штетно влијание врз околината.

Професорот Ристо Филкоски, од Машинскиот факултет од Скопје, објаснува дека како енергенс е многу штетен за животната средина.

Diseme otrovi od greenje na mazut 2„Пред се станува збор за штетното влијание врз околината. Заради присуство на сулфур, ќе се јават сулфурни оксиди врз продуктите на согорувањето. Тој има исклучително штетно локално влијание, а во одредени околности и пошироко. Потоа, веќе споменатите честици, саги, реков азотни оксиди, но на азотни оксиди не е имун ни природниот гас“, вели Филкоски.

Дотраени котли во комбинација со неквалитетно гориво можат да бидат смртоносни за човековото здравје.

Vnatre lecat nadvor razboluvaat intro 500x281

Внатре лечат, надвор разболуваат

Vnatre lecat nadvor razboluvaat intro 500x281

Внатре лечат, надвор разболуваат

Професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека горењето на мазут, може да биде причинител за заболување од канцер.

Diseme otrovi od greenje na mazut 3„Мазутот е едно од најнечистите горива кое што се добива како резултат на производство на нафтените деривати. Тоа е последната, најтешката фракција. Нечисто гориво, во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најчестите и најопасните извори на аерозагадувањето. Од тие пришини и нечистите горива како што е мазутот, се` поретко се употребуваат за греење на резиденцијални или комерцијални објекти и нивното користење останува единствено во процеси во кои може да се обезбеди соодветно согорување, односно повисоко температурни процеси, како што се во термоцентралите, во некои специфични индустриски процеси, инценератори итн.“, вели Мираковски.

Поразително е тоа што државата нема евиденција колку точно објекти се греат на мазут. Тешко оди со собирањето податоци и од локалните власти кои треба да испратат листа на институции кои се греат на мазут за да може државата да планира колку пари ќе и бидат потребни да ги замени грејните системи. Министерот за животна средина и просторно планирање вели дека сите рокови се поминати, а некои општини и по година и пол се` уште не одговориле на барањето на Министерството.

Институции и објекти што сè уште се греат на мазут

1. Кабинет на Претседателот на државата

2. Објект 52, дел од касарната „Гоце Делчев“, Скопје

3. Касарна „Јане Сандански“ – Штип

4. Касарна„Алекса Демниевски-Бауман“ – Велес

5. Касарна „Кузман Јосифовски Питу“ – Тетово

6. Касарна „Чеде Филиповски-Даме“ – Кичево

7. Касарна „Мирче Ацев“ – Прилеп

Извор: Влада

Познато е само дека во 28 објекти е заменета опрема (нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти) со средства од 37,4 милиони денари. Прецизна информација уште колку точно треба да се заменат се` уште недостасува. Она што го велат од Влада е дека до 2023 година треба најголемиот дел од објектите кои се греат на мазут да преминат на гас.

Касарната во Велес користи мазут за греење со што го загадува воздухот во градот

Освен што ја загадува околината, согорувањето на мазутот не ги поштедува ниту оние кои ги грее, вели Мираковски. Според него, неспоредлива е штетата од употребата на мазут, со, на пример, дизел гориво.

„Бидејќи е нечисто горивото, бидејќи се работи за тешката фракција, во неа остануваат остатоци, на пример од тешки метали, остатоци од понеквалитетните јаглеродни компоненти кога се исталожува, така што согорувањето на мазутот, неправилното согорување на мазутот е извор на значително поголема концентрација на загадувачки компоненти. На пример, суспендираните тврди честички ПМ 2,5 популарно наречените, емисијата на мазутот во однос на дизел горивото е некаде околу 90% повисока од мазутот во однос на дизел горивото, бидејќи се работи за гориво кое што име нечистотии“, објаснува Мираковски.

Што покажува праксата од порано?

Мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух покажуваат значително подобрување по заменувањето на енергенсот на големи загадувачи. Според податоците на УХМР, во периодот од 1997-2004 година, забележително е опаднато присуството на SO4 во воздухот, што е резултат на исфрлањето на мазутот од употреба.

Црн чад редовно може да се забележи од оџаците на Заводот за рехабилитација во Скопје. Заводот е само една од здравствените установи коишто користат мазут за затоплување.

Професорот Филкоски објаснува дека исфрлувањето на мазутот, може да се толкува и како мерка за енергетска ефикасност.

„Природниот гас е многу полесен за користење, на мазутот му е потребно загревање, заради дотерување на вискозноста, односно течливоста во состојба да може да се користи. Тоа е дополнителна потрошувачка енергија и дополнителна значителна опрема при користење на мазут. На пример, оние големи резервоари што ги гледаме како цилиндри, тие не се обични цилиндри туку се внатре во дното исполнети со топлино-исполнувачки површини со греачи, за што значи се користи дополнителна енергија. Тоа е фактички дополнителна потрошувачка на енергија за сопствени потреби на системот “ објаснува Филкоски.

Според професорот, сите постројки кои функционираат на мазут, многу често, релативно едноставно можат да се пренаменат на природен гас. Како пример ги посочува РЕК Битола и ТЕЦ Неготино.

Ќе ги помати ли сметките енергетската криза?

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини е свесен, додека не го смениме начинот на греење не можеме да очекуваме поквалитетен воздух.

Diseme otrovi od greenje na mazut 4„Го усвоивме дополнетиот закон за квалитет на амбиентниот воздух при што дефиниравме мерки за локалната самоуправа, кои треба да ги преземе во случаи на пикови на загадувањето. Сепак, верувам дека на сите ни е јасно дека додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем“, вели Нуредини.

Но додека се прават планови и стратегии за префрлување на гас, а гасификацијата каска со години, најголемиот дел од скопјани од почетокот на годината живеат со ладни или млаки радијатори.

Од БЕГ признаа дека имаат гас за само уште неколку дена. Побараа државата и општините финансиски да им помогнат за да ги обезбедат потребните количини во време кога пазарната цена е за 4 пати повисока од онаа која е предвидена во тарифата. Затоа БЕГ го оптимизираа режимот, односно температурите ги држеа само до законски пропишаните – 20 плус 1 степен целзиусов. Од 2.700 објекти кои се приклучени на нивниот систем, на слабиот квалитет се пожалија 10 отсто. Кризната состојба кулминираше и Владата реши државната компанија ЕСМ да го презеде управувањето со парното греење, но никој не кажа колкави ќе бидат трошоците за оваа несекојдневна интервенција.

Владата побара од гасната топлана и електрана ТЕ-ТО да работи седум наместо пет дена неделно за да се ублажат последиците од енергетската криза

А доколку снема гас – алтернативата е мазут! Нуредини вели дека на тоа не смееме да размислуваме.

„Здравјето нема цена! Не мислам дека може да има каква било цена! Мислам дека воопшто не треба да разговараме за тоа! Не треба да ги заборавиме и сите извештаи од ЕУ во кои се вели дека мораме да инвестираме повеќе во животната средина. Повторно – не смееме да ставиме каква било цена на здравјето и мораме да продолжиме да инвестираме за да обезбедиме здрава животна средина за нашите граѓани! Цената на струјата не смее да се ефектуира врз квалитетот на воздухот!, вели Нуредини.

Колку и каков мазут користи Македонија?

Според податоците на Регулаторната комисија, во 2020 година во Македонија се увезени над 90.000 тони мазут. Интересно е тоа што во оваа година кај другите горива има пад на продажбата поради корона вирусот и намалениот сообраќај, но тоа не е случај со мазутот.

Diseme otrovi od greenje na mazut 5Увоз на нафтени деривати во 2020 година/Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Земјава најчесто набавувала од соседните земји и тоа од Грција со 79,46 %, потоа од Бугарија со 10,73 %, Албанија со 3,54 %, Србија со 3,04 %, Босна и Херцеговина со 1,92 %, Романија 0,78 % и мал процент на увоз од други земји.

Diseme otrovi od greenje na mazut 6Увоз на одделни нафтени деривати по земји во 2020 година/Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Продажбата на нафтени деривати во 2020 година изнесува 811.698 тони, што е намалување за 13,50% во однос на продажбата на нафтените деривати во 2019 година (938.356 тони). Кај продажбата на сите нафтени деривати во 2020 година, со исклучок на мазутот, има забележителен пад во споредба со претходната 2019 година. Продажбата на мазутот пораснала за 1,65 % повисока од продажбата остварена во 2019 година.

Diseme otrovi od greenje na mazut 7Продажба на нафтени деривати на домашен пазар/Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Проблем во државата предизвикува и контролата на загадувачите. Државниот инспекторат за животна средина постојано се жали на недостаток од кадар. На последната прес-конференција, в.д. директорот Сретен Стојковски рече дека за 2022 година добиле дозвола за 6 нови вработувања од кои тројца инспектори, двајца за води и еден за природа и тројца административци. Истовремено се вработуваат стотици лица во министерства и други институции каде што веќе беше констатирана превработеност.

Проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје и останатите градови низ земјава се провлекува со години. Под притисок на јавноста, политичарите почнаа да се освестуваат за неговиот размер, а Владата и локалната самоуправата во своите програми имплементираа различни мерки за намалување на загадувањето.

Поради загадувањето лесно може да се случи маските да станат редовна појава и откако ќе згасне пандемијата од Ковид-19

Сепак, бавноста со која се евидентираат „државните загадувачи“ и со која се менуваат постројките за греење укажуваат дека надлежните се‘ уште несериозно ја сфаќаат борбата за здравјето на населението. Имено, недозволиво е во 21 век здравствени установи и касарни да бидат извор на загадување.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова Снимател: Иван Поповиќ Монтажер: Борче Крстевски Фотографија: Дарко Андоновски

Тагови: