fbpx

Се молат да преживеат ова лето

На многу занаетчиски дуќани во Македонија им се заканува затворање доколку потраат полицискиот час и општата кризна состојба што ја предизвика епидемијата од корона вирусот. Без разлика дали станува збор за стари или современи занаети и дали се од Битола, Охрид или Скопје, заедничко за сите занаетчии е што беа приморани долготрајно да ги затворат дуќаните и што сега откако ги отворија речиси и да немаат работа. Иако од Владата овозможија поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај да побараат самостојните вршители на дејност, занаетчиите стравуваат дека тоа нема да биде доволно да се преброди кризата и очекуваат вистинска помош.  Имено, поддршката од 14.500 денари е наповратна само за занаетчиите кои се регистрирани за паушално оданочување додека останатите ќе треба да ја вратат во 2021 година ако остварат позитивни резултати годинава.

Иста мака делат чевлари, бербери, лимари...

Se molat da preziveat ova leto 1Неат Алим од Охрид,  сопственик на берберски салон вели дека за првомајските празници се очекувале 20.000 гости, но тоа не се остварило.

Алим вели дека неговиот салон бил затворен месец и половина и дека никогаш немало толку малку работа.

„Ако не го укинат полицискиот час и немаме туристи, тешко дека ќе опстоиме. Искрено сите занаетчии се молат да останат границите затворени, барем да ги имаме домашните туристи преку цело лето“, вели Алим.

Без оглед на тоа дали изработуваат метални алати, работат со лим или поправаат чевли, занаетчиите од Битола се надеваат на олабавување на мерките и помош од државата

Мане Мехмедов од Битола изработувач на метални алати, вели дека тој уште пред „корона кризата“, го продавал дуќанот, а сега барем би бил пресреќен да го изнајми некому.

Горан Димов, лимар од Битола се надева дека ќе олабават мерките, благодарен е дека во овој период општина Битола му го укинала надоместокот за тезгата пред дуќанот на кој ги изложува своите производи.

Ванчо Силјанов, чевлар од Битола, кој го дели дуќанот со колега клучар, вика дека очекува помош од државата бидејќи работата му била намалена за 80 отсто.

Скопските занаетчии велат дека работата е многу опадната. Дел од нив се надеваат на брза нормализација на состојбата и отварање на границите бидејќи без странските туристи тешко се опстојува

Шаип Рахман од Скопје вика дека работата е многу опадната, ама сепак луѓето купуваат накит иако не прават свадби и веселби.

„Ние сме таков народ и кога нема сакаме да подаруваме накит“, вели Рахман.

Сејладин Асани, изработувач на филигран со повеќе од 30 години традиција вели дека додека нема странски туристи, бизнис речиси и да нема. Тој затоа се надева на побрзо отварање на границите.

Фадил Идриз, часовничар од Старата скопска чаршија вели дека во Скопје во 1331 година имало 90 часовничари, а дека сега се регистрирании само 14 кои тешко опстојувале и без кризата од корона вирусот. Дуќанот му бил затворен речиси два месеци и се надева дека што побрзо да се нормализира ситуацијата со корона вирусот.

Слаба поддршка од државата

Владата на 2 април, годинава донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година.

„Оваа уредба е за нашите сограѓани занаетчии и вршители на самостојни дејности кои исто така ги чувствуваат последиците. Финансиската поддршка на физичко лице кое врши самостојна дејност опфатени со оваа Уредба ќе се спроведува преку владина програма за финансиска поддршка со исплата на финансиски средства на трансакциска сметка преку која физичкото лице - барател на финансиска поддршка за исплата на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година. Финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за  месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно“, изјави премиерот Оливер Спасовски.

Сепак, од занаетчиските комори бараа многу поголема поддршка поради незавидната состојба во која се најдоа занаетчиите поради епидемијата од корона вирусот. Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора Скопје вели дека дека делумно биле прифатени нивните барања до Владата.

Таа информира дека занаетчиите односно самостојните вршители на дејност добиле право да бараат финансиска поддршка во износ од 14.500 денари за месеците април и мај, со тоа што неповратни средства ќе добијат само оние кои се регистрирани за паушално плаќање данок. Останатите ќе треба да ги вратат овие средства следната година доколку остварат позитивни финансиски резултати.

„Не беа одобрени барањата и занаетчиите да бидат вклучени во кредитните линии што се даваат преку Развојната банка иако дел од нив имаат и по 20 вработени и многу тешко ќе ја издржат кризата предизвикана од корона вирусот“, вели Атанасовска.

Во однос на прашањето дали се очекува подобрување на состојбата по намалувањето на рестриктивните мерки, таа вели дека враќањето во нормала нема да оди лесно иако по велигденските празници занаетчиите се охрабриле и почнале со работа и отварање на дуќаните.

„Голем број од занаетчиите воопшто не работеа во изминатиов период, а сега голем број од вработените се дома. Тие сега имаат нови трошоци за набавка на маски, средства за дезинфекција и соодветно организирање на работата, а драстично намален број на клиенти поради ограничувањата за движење“, вели Атанасовска.  

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фоторепортер: Томислав Георгиев